Недела, 02 Август 2020    Печати
Одбележувањето на Илинден во Крушево и околијата меѓу двете светски војни

 

1ilindenИлинденското востание  претставува пресвртен чин во историјата на македонското национално-ослободително движење, кој има првостепена улога во поновата македонска историја. Во него дојдоа до израз вековните стремежи на македонскиот народ за национално ослободување и реализирање на државотворните традиции. Масовноста, еланот и храброста која ја покажа македонскиот народ во текот на тримесечните борби, пројавеното единство и сплотеност на народот во одбраната на Крушевската Република родена во огнот на револуцијата, станаа идеал и непресушен извор кон кој се стремеа идните поколенија на македонскиот народ.

Големината на историските настани се изразува со трајноста во корективната меморија на еден народ. Илинден 1903 година значеше многу, како за своето време така и за иднината на македонскиот народ. Македонскиот народ никогаш не ги заборави спомените на Илинден и претците кои со својата крв ја испишаа поновата македонска историја. Не ги заборави ни по 1913 година кога Македонија беше распарчена и кога новите поробители се трудеа да го избришат секој спомен за првата Република на Балканот и споменот за македонските корени.

Во периодот меѓу двете светски војни, македонскиот народ во трите делови на поделената Македонија различно го одбележуваше Илинден. Додека во Пиринска Македонија, сред бројната македонска емиграција одбележувањето на Илинден беше проследено со јавни манифестации и во литературата, во Вардарска и Егејска Македонија, поради негирањето на македонскиот национален идентитет и неговата историја и култура јавното одбележување на Илинден беше забрането и оневозможено. Поради тоа нашиот народ, беше принуден да бара разни начини и да се служи со други средства за да го одбележи овој ден.

Во Варадарска Македонија секој обид на македонскиот народ да го одбележи Илинденското востание беше санкциониран, а учесниците беа казнувани и затварани од страна на српскиот режим. Секој обид да се признаат револуционерните традиции на македонскиот народ и неговото право да ја развива својата национална култура, беше санкциониран. Публикациите во кои јасно се подвелкува дека Македонија и` припаѓа на Македонците и дека Илинденското востание има огромно значење во борбите на македонскиот народ за негово ослободување, беа забранети и конфискувани, а авторите и нејзините распространувачи добиваа високи казни. Од друга страна, во српскиот печат меѓу двете светски војни се сретнуваат статии во кои се фалсификува и оспорува значењето на Илинденското востание и Крушевската Република.

Меѓутоа, ништо не можеше да го зацрни и да го извалка овој светол ден на македонскиот народ зошто тој беше навлегол длабоко во неговиот живот. Тој дури станал и еден вид камен меѓник за одредување на времето. Изразите „пред востанието или по востанието“ станале пракса за одбележување на некој настан во животот на луѓето. Бројните песни за палењето на Крушево, Смилево и другите села, како и за крвавите судири и подвизи на Илинденци низ цела Македонија трајно го чуваа споменот на овој голем настан. На тој начин македонскиот народ им се оддолжуваше и поклонуваше на знајните и незнајните гробови на македонските борци.  

Во неможност слободно да го одбележи Илинденското востание, македонскиот народ споменот на овој голем настан го оживуваше секоја година на верскиот празник Св. Илија, кој го славеа многу села и манастири низ Македонија. Постепено верскиот празник од црковен почна да се подразбира како празник на Илинденското востание и Крушевската Република.            

Во периодот меѓу двете светски војни, македонскиот народ насекаде ги имаше истите чувства кон Илинденското востание. Но, секако, најдлабоки беа спомените за Илинден во Крушево, каде што востанието зеде најголем разгор. Секоја година старо и младо, жени и деца од Крушево и околијата во утринските часови на Илинден одеа кон Мечкин камен божем на излет, а всушност да му оддадат почит на легендарниот херој Питу Гули и неговите другари. Овие посети почнаа да земаат помасовен и организиран карактер особено во 30 – тите години на минатиот век, поради што српските власти во Крушево го забранија посетувањето на Мечкин камен на Илинден. Сепак народот од овој крај наоѓаше разни начини да го одбележи овој ден на други места.

Интересен пример за вешто изведено оддавање почит на илинденските жртви преку парастос и говор во крушевската црква Св. Никола, се случил во 1935 година по иницијатива на тогашниот секретар на крушевската општина Андон Мацан. Тој во разговор со архиерејскиот намесник во Крушево Данило Ќукиќ му објаснил дека во 1903 година било кренато во овој крај востание, како и во Србија на чело со Караѓорѓе против турската власт, во кое крушевчани дале големи жртви и на кои досега никој не се сетил да им организира парастос. Возбуден од една ваква неправда, архирејскиот намесник во Крушево, се согласил не само да одржи парастос туку и говор во црквата пред многубројниот насобран свет на ден Илинден. Откако локалните власти во градот дознале за изведениот парастос, настанале сослушувања и други притисоци така што уште еднаш не се повторил овој начин на одбележување на Илинден.

И покрај притисоците и казните, одбележувањето на Илинден во Крушево и околијата во наредните години добиле уште поинтензивен карактер. Особено младите крушевчани, некогаш заедно и со своите врсници од Прилеп, оделе на излети во блиската околија на Крушево каде се читале реферати за значењето на Илинденското востание и оддавале почит на паднатите востаници. Особено широк замав зело одбележувањето на Илинден во Крушево и околијата во 1940 година. Освен во Крушево, таа година споменот бил одбележан и по крушевските села Ракитница, Зашле и други места. Во Ракитница ги изнесол своите сеќавања останатиот жив илинденец Најдо Вељановски Черга, активен учесник во востанието и деец и другар на Веле Марков и Никола Карев. Споменот на Илинден дури го одбележале и мнозина крушевчани кои биле појдени на печалба во Белград. Тие спроти денот на Илинден во 1940 година се собрале тајно за да си спомнат и чујат за значењето на Илинденското востание.

Сепак, мора да се напомене дека Илинден не се одбележувал само во Крушево и неговата околина, туку соодветно на условите скоро во сите поголеми градови во Македонија.

(извор: Љ. Лапе, Одбележувањето на Илинден меѓу двете светски војни во Македонија и сред емиграцијата, Списание на сојузот на историските друштва на Македонија, Скопје, 1973, бр.2 стр.43 - 46 )

Тихомир Каранфилов