Среда, 21 Декември 2016    Печати
ТЕАРЦЕ 2016... А ТЕАРЦЕ 2001?

todorПишува Тодор ПЕТРОВ

Беа вонредните парламентарни избори на 11 декември 2016 година. Од сите приговори пред Државната изборна комисија (ДИК), беше прифатен само еден, поднесен од подносителот на листа на кандидати - политичката партија Движење Беса, за постапката на гласање на гласачкото место број 0396/1 во општина Гостивар, Изборна единица број 6. Имено, Фатиме Сулејмани, баба од Косово, која не знае да зборува македонски, сведочеше пред ДИК дека и’ било оневозможено правото на глас откако дошла да гласа, иако била обележана со спреј дека веќе еднаш гласала. Управниот суд, на 20 декември 2016 година, по тужба на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ова решение на ДИК со пресуда го отфрли.

Таман се спасивме од резилот, една баба од Косово да ја решава политичката криза во Македонија, Управниот суд донесе друга пресуда.

На 20 декември 2016 година, Управниот суд донесе пресуда со којашто тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ, ја уважи и гласањето на гласачкото место број 2011 во училиштето “Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Теарце за Изборна единица број 6 го поништи.

Врз основа на оваа пресуда на Управниот суд, ДИК на 21 декември 2016 година донесе одлука за прегласување на избирачкото место 2011 во Теарце.

Во избирачкото место 2011 во Теарце, каде што ќе се прегласува, запишани се 714 гласачи. На 11 декември на ова гласачко место гласале 404 гласачи. ВМРО-ДПМНЕ освои 91 гласа, СДСМ 87, БЕСА 65, ДПА 64, ДУИ 53, “Алијанса за Албанците“ 25. За СДСМ да освои пратеник во Шестата изборна единица, потребно е да направи разлика од 304 гласа повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел СДСМ ќе треба да добие поддршка од албанските гласачи кои се во доминантен број во спорното избирачко место, иако дел од нив, како печалбари веќе се вратиле во Западна Европа.

Точно е дека и во 21 век Теарчани имаат проблем со водата за пиење, со канализацијата, голема е невработеноста, на маргините се од интересот на “големите“ за нив “малите“...

Но, токму поради прегласувањето, одеднаш, селото Теарце стана центар на вниманието за политичките партии, затоа што резултатот на гласовите од прегласувањето на 25 декември 2016 година може да го потврди бројот на освоените пратенички места на вонредните парламентарни избори, 51 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ наспроти 49 пратеници на СДСМ, или да го нивелира на 50 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ наспроти 50 пратеници за СДСМ што ја менува политичката карта во Македонија и носи поголеми неизвесности.

Сега СДСМ на Македонците во Теарце им нуди нов живот, правда и слобода... Но, иронијата да биде поголема, СДСМ заборави дека 2001 година кога требаше Теарце и Македонија да се бранат од албанските терористи, СДСМ отфрли мобилизација и учество во одбраната на Македонија. По месните и општинските организации, СДСМ агитираше да не се прифати мобилизацијата во резервниот состав на единиците на АРМ и МВР! Некои членови на СДСМ, на своите куќи во Теарце истакнуваа партиски знамиња, да се знае која куќа чија е, евентуално да не им биде демолирана, иако сите го предадоа оружјето на ОНА и со трактори и возила заминаа пред Собранието на Македонија. Тодор Петров и Светскиот Македонски Конгрес вложија максимални напори прогонетите да бидат прифатени во студентските домови во Скопје, барем децата и жените да не бидат под ведро небо, затоа што беа од родните огништа прогонети. Тој ден, никој, ниту Црвениот крст на Македонија, отпочеток не ги прифати, бидејќи не бил работен ден, замислете образложение...

Се разбира, пак, секој ќе си гласа како што наумил, ама да не се заборави Теарце 2001 година, во оваа 2016 година...

Колку да не се заборави...