Среда, 04 Јануари 2017    Печати
Во Гостивар по втор пат се организира Бадникова литија

badnik-ohrid

Дечињата од Гостивар со пеење на старата коледарска песна „Вечниот Бог“ низ улиците на градот, во петок (6-ти јануари) ќе го најават Христовото раѓање.

Литијата во чест на големиот христијански празник Божиќ, во Гостивар се организира по втор пат.

Од гостиварското архиерејско намесништво информираат дека литијата ќе започне од пред црквата „ Пресвета Богородица“ на градскиот плоштад во 12 часот. Ги повикуваат сите заинтересирани дечиња кои сакаат да бидат дел од хорот, да дојдат во Црквата најдоцна до 11.30 часот.

Литијата ќе се движи по главните гостиварски улици и завршува во црквата „Света Петка“ кај железничката станица.

Според традицијата, децата ги симболизираат божјите ангели кои на Бадник го навестуваат раѓањето на Христос.

Настанот го организира Црквата Пресвета Богородица со  благослов и поддршка на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

ГОСТИВАРПРЕСС