Четврток, 02 Февруари 2017    Печати
МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА НЕ СЕ БУГАРИ! ВО АЛБАНИЈА НЕМА БУГАРИ!

grbСВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА НЕ СЕ БУГАРИ!

ВО АЛБАНИЈА НЕМА БУГАРИ!

2 февруари 2017 година, Брисел, Белгија - Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро реагира на усвоените амандмани “за признавање на бугарско малцинство во Албанија“, предложени од бугарските евро-пратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски на Нацрт Извештајот за напредокот на Албанија за членство во Европската Унија, што денес го разгледуваше Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, а треба да биде изгласан на пленарната сесија на Европскиот Парламент во февруари годинава во Стразбур.

СМК со индигнација го отфрла барањето на Софија за признавање на “бугарско малцинство во регионот на Преспа, Голо Брдо и Гора“ со препорака “да бидат вклучени во законодавството и гарантирани во практика на Република Албанија“.

СМК повторува дека Бугари во Албанија и во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора, НЕМА!

СМК упатува најостри критики кон Европскиот Парламент, затоа што со усвоените амандмани се критикува Македонија, која наводно “со години спроведува намерна политика за одобрување на тезата за ‘македонскиот карактер’ на населението од бугарско потекло во Албанија“.

СМК потсетува дека на целата територија на Република Албанија, и посебно во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора не живеат “Бугари“, туку само Македонци! Македонците во Албанија не се “Бугари“!

СМК смета дека и на овој начин Софија продолжува со антимакедонизмот како официјална политика за негирање на Македонскиот народ по сите основи и за влошување на добрососедските односи со Македонија!

СМК од Македонската Влада бара остар демарш до Брисел и Софија за нотификацијата на лажна бугарска историја во европските службени документи и за преименувањето на Македонците во Албанија за Бугари!

СМК апелира до Брисел за активни мерки против денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Албанија и Македонија, со услов писмена декларација за “бугарско потекло“, иако Македонците се изложени на тој ризик заради емиграција во западно-европските земји од социо-економски причини, а не заради живот во Бугарија како “Бугари“.

СМК апелира до сите Македонци да се откажат од приемот во бугарско државјанство поради ризик од декларација за “бугарско потекло“ со импликации кои се неизбежни а неприфатливи за идентитетската основа и за Македонската нација и држава во целина!