Среда, 01 Март 2017    Печати
ПРОТЕСТ ЗА УНИТАРНА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ВО ЖЕНЕВА!

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ШВАЈЦАРИЈА

zeneva1

26 февруари 2017 година, Женева, Швајцарија - Со интонирање на македонската и швајцарската национална химна, Македонската заедница во Швајцарија денес одржа мирен протест на плоштадот пред зградата на Обединетите Нации во Женева. Организатори на мирниот протест беа организациите “Рефрама“ од Женева, Македонското друштво “Александар Македонски“ од Ивердон, организацијата “Македонска Дијаспора“ од Лозана и Македонското училиште во Швајцарија.

Mирниот македонски протест во Женева се одржа под слоганот “Македонците за унитарна Македонија!“

Од мирниот протест на којшто присуствуваа неколку стотици Македонци од цела Швајцарија беше упатена “Декларација за унитарна Македонија“ до Организацијата на Обединетите Нации, Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Република Франција и Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, како и до властите во Швајцарија и Македонија.

zeneva2

Декларацијата гласи: “(1) Македонците во Швајцарија, како нераскинлив дел од Македонскиот народ, изразуваат загриженост за унитарноста и државноста на Македонија, за името на државата и идентитетот на нацијата!

(2) Македонците во Швајцарија отфрлаат федерализација и службеност на албанскиот јазик на целата територија на Македонија и во меѓународните односи!

(3) Македонците во Швајцарија го повикуваат демократскиот свет да ја поддржи унитарноста и државноста на Македонија!

(4) Македонците во Швајцарија сметаат дека Македонија е држава на Македонскиот народ како единствен носител на државноста, во која сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од социјалниот статус, етничкото потекло, верското уверување и партиската припадност!

(5) Македонците во Швајцарија бараат крај на разговорите за разликата за името Македонија со Владата во Атина и безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна дистинкција од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, со меѓународниот код МК односно МКД, и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик, независно од историските хипотеки - окупацијата вр Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година кој се уште трае!

(6) Македонците во Швајцарија отфрлаат промена на името, знамето, грбот и химната!

(7) Македонците во Швајцарија бараат попис на населението!

(8) Македонците во Швајцарија отфрлаат владина коалиција којашто нема да ја почитува оваа Декларација!

(9) Македонците во Швајцарија повикуваат на семакедонско помирување и обединување, затоа што силата е во единството, за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата!

(10) Оваа Декларација се доставува до: Организацијата на Обединетите Нации, Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Република Франција и Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, како и до властите во Швајцарија и Македонија.

Да живее Македонија! Сите Македонци еден за друг!“

zeneva3

До организаторите и учесниците на мирниот протест пред Обединетите Нации беше прочитана поздравна телеграма од претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, која гласи: “Почитувани браќа и сестри Македонци, во името на Светскиот Македонски Конгрес, како неформален светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, упатувам искрени поздрави до организаторите и учесниците на мирниот протест пред Обединетите Нации во Женева за унитарна Македонија! И покрај сите разлики меѓу нас Македонците, и во татковината и во светот, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател. Поради тоа, Ве повикувам на семакедонско помирување и обединување за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонската нација, затоа што силата е во единството! Ве повикувам на одбрана на унитарноста и на државноста на Македонија! Ве повикувам на одбрана на македонскиот јазичен простор во државата Македонија! Останете лојални државјани на Швајцарија, но никогаш не ги заборавајте вашите корени во Македонија и бидете горди и достојни Македонци! Нека Господ Бог Ве благослови сите Вас, нека Господ Бог ги благослови Македонија и Швајцарија! Со почит, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.“

Протестот започна и заврши мирно и достоинствено.