Сабота, 11 Март 2017    Печати
ПОДДРШКА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ И ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА “ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“

holandiaМАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ХОЛАНДИЈА

ПОДДРШКА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ И ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА “ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“

7 март 2017 година, Хаг, Кралство Холандија

- Ние, Македонците од Кралството Холандија, обединети во Македонската заедница од Холандија (МЗХ), испраќаме безрезервна поддршка до претседателот Ѓорге Иванов за унитарност на државата Македонија и се придружуваме на граѓанската иницијатива “За заедничка Македонија“, која во моментот има масовна поддршка од мнозинството граѓани во татковината.

Унитарноста на Македонија е единствена гаранција за правата на сите малцинства кои живеат во Македонија и за употребата на малцинските јазици според сите меѓународни стандарди, уредени со Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година, правејќи го притоа албанскиот јазик дури и непотребно привилегиран.

Македонците во Холандија со индигнација ја отфрлаат Тиранската (албанска) платформа која предизвика дополнителни тензии на политичката сцена во Македонија и ја повикуваат Европската унија и амбасадорите на земјите членки на Унијата да ја осудат оваа платформа како провокација и грубо мешање на Албанија во внатрешните работи на Македонија.

Очекуваме Европската Унија да постапи според пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година и да не врши континуирани притисоци врз Македонија за промена на уставното и историско име Македонија коешто самата си го избрала.

Сметаме дека Европската Унија и нејзините претставници во Македонија треба да побараат итно спроведување на попис во Македонија со цел да се утврди точниот број/процентот на граѓаните/малцинствата и да се добие појасна слика за правата и обврските на земјата спрема малцинствата: почитувањето на човековите права, инвестирање и интеграција во унитарната држава и помирување, како клуч за стабилност во регионот на југо-источна Европа.

Содржината на Тиранската платформа го поткопува унитарниот карактер на државата Македонија, има единствено неаргументирана провокативна цел и остава простор за анархија во меѓународните односи. Според дел од неа, тврдењата за геноцид врз Албанците на Балканот претставува бесмисленост што го турка регионот во дополнителни меѓуетнички тензии и конфликти.

Македонската заедница во Холандија ја повикува Македонската академија за наука и уметност (МАНУ) како и Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) да се придружат и излезат во поддршка на иницијативата “За заедничка и унитарна Македонија“.