Среда, 12 Април 2017    Печати
ОБЈАВЕНА Е ОСМАТА ЕПИЗОДА ОД СЕРИЈАТА „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“

Александар ДОНСКИ

И познати римски автори јасно тврделе дека Македонците не биле никакви Грци

Деновиве на Youtube е поставена осмата епизода од  документарната серија „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“ (“THE ANCIENT MACEDONIANS WERE NOT GREEK”), чиј комплетен автор е Александар Донски. Серијата е во продукција на Lloyd Harrison Entertainment Group од Сиднеј, извршен продуцент на серијата е Џим Стефан, ко-продуцент е Горан Котев, а асоцијативен продуцент е Андрија Петревски, сите од Сиднеј. Текстот го читаат Бубе Донска  и Стефо Нанцу. Во серијата ќе бидат претставени сведоштва од над педесет антички автори според кои античките Македонци не биле никакви „Грци“ како што тврди денешната грчка пропаганда. Авторот на серијата Александар Донски очекува оваа серија да ги разниша темелите на грчката историографија и пропаганда кога е во прашање античка Македонија.

Осмата епизода е посветена на сведоштва од античните автори: Клавдијан, Кикерон, Емилиј Сура и Климент Александриски.

КЛАВДИЈАН (IV И V ВЕК)

Клавдијан (Claudius Clauidianus) потекнувал од Александрија. Некаде пред 395 година се преселил во Рим, каде по извесно време станал дворски поет на императорот Хонориј. Своите дела ги пишувал на латински. Неговите поеми и денес се високо оцену­вани.  Се претпоставува дека починал во 404 година.

Во своето дело „Војната против Гилдо“ ("The War Against Guildo") Клавдијан на едно место ги спомнува царот Филип  и Македонците. Овде читаме:

„...Филип ги владееше градовите во Грција - слободата им згасна пред нападот на Македонс­кото злато.“

Сосема доволно, кратко и јасно. Практично со овој извадок и Клавдијан јасно ги издвојува Маке­донците од Грците, чии градови ја загубиле слобо­дата пред налетот на „Македонското злато“ (синоним за Македонската моќ).

ЕМИЛИЈ СУРА (II ВЕК ПРЕД ХРИСТА)

Емилиј Сура (Aemilius Sura) бил римски истори­чар, за кого малку се знае. Се претпоставува дека живеел во II век пред Христа. Автентичен цитат од неговото историско дело е пренесен од подоц­нежниот римски историчар Марко Велеј Патеркул (за кого пишуваме во продолжение). Во својата Прва книга од историјата на Рим (пасус 6) Марко Велеј Патеркул пишува:

„Емилиј Сура во својата книга за историјата на Рим вели: Асирците биле први од сите народи, кои биле светска сила. По нив биле Медите, по нив Персијанците, а по нив Македонците. Потоа, по победата на крале­вите Филип и Антиох кои имале македонско потекло, која се случила по уништува­њето на Картагина, светс­ка сила станал римскиот народ“. (Marcus Velleius Paterculus, Roman History, Book I, 6).

Од овој автентичен извадок, гледаме дека и римскиот историчар Емилиј Сура јасно ги третирал Македонците како посебен народ кој своевремено владеел со светот.

КИКЕРОН (II И I ВЕК ПРЕД ХРИСТА)

Кикерон (Marcus Tullius Cicero) се родил во 106 година пред Христа, а починал во 43 година пред Христа. Тој бил познат римски филозоф, говорник, прав­ник и зако­но­давец. Тој се смета за еден од најго­лемите оратори во антиката. Извесно време работел како посредник (адво­кат) во судските спо­рови, при што се стекнал со голема вештина за ораторство. Потоа почнал да се занимава со политика и во 74 година пред Христа влегол во Римскиот сенат. Таму се спротивставил на заговорот што го подгот­вувал неговиот поли­­тички ривал Каталина и наредил неколку членови на заговорот да бидат по­губени. Поради тоа Јулие Цезар (но и некои римски сенатори) го обвиниле Кикерон дека не им дозволил на заговорниците судење, туку ги ликви­дирал без да биде слушната нивната страна. Кикерон се спро­тивставил на ваквите тврдења и дошло до конфликт помеѓу него и Цезар. Поради тоа Кикерон бил испра­тен во прогонство во Македонија, каде поминал цела година. Подоцна бил повикан од Помпеј да се врати во Рим. Практично еден од нај­слав­ните оратори своевремено подолго време живеел во нашата зем­ја.

Во еден од своите трудови наречен „In Pisonem" (напишан околу 55 година пред Христа и посветен на неговиот непријател Писо), Кикерон јасно ги спомнува границите на тогашните грчки земји. Овде читаме:

„...Спореди го, ако можеш, твоето отсуство со моето. Ти доби конзулска провинција без никакви органичувања, освен оние што законот на твојата алчност, а не законот на твојот зет, е валиден. За тој најпочитуван закон на Цезар, слободните народи се навистина и вистински слободни. Но, со тој закон за кој никој освен тебе и твоите колеги не го смета за закон воопшто, цела Ахаја и Тесалија и Атина - на кратко цела Грција беше доверена на тебе.“ (Cicero, In Pisonem, 37).

Практично гледаме дека за Кикерон сосема било јасно дека Грција била составена од Ахаја, областа околу Атина и Тесалија. Македонија воопшто не е спомната како „грчка земја“.

КЛИМЕНТ АЛЕКСАНДРИСКИ (II И III ВЕК)

Климент Александриски (Titus Flavius Clemens) се родил околу 150, а починал околу 216 година. Тој бил еден од највлијателните ранохристијански дејци. Со своите дела тој дал значаен придонес кон раз­витокот на христијанството, успешно вклопувајќи во него еле­менти од претходните антички учења. Автор е на неколку зачувани дела, од кои најпозната му е трилогијата составена од делата: „Предупре­ду­вање до Грците“ ("Protrepticus"), „Инструктор“ ("Paeda­go­gus") и „Антологија“ ("Stromata").  

Делата на Климент Александриски овде ќе ги корис­тиме исклучиво од аспект на темата што ја обработуваме, а тоа се етно-културните разлики помеѓу Македонците и Грците.

Во книгата „Предупредување до Грците“ (Петто поглавие: „Мислењето на филозофите во врска со Бог“) Климент Александриски ги критикува паганските верувања на некои од тогашните народи. Тој ги спомнува народите што го обожавале огнот и притоа одделно ги спомнува Македонците од Грците. Овде читаме:

„...Многу народи од Азија го обожавале огнот, а покрај нив и Македонците, како што забележува Дио­ген во Првата книга на својата ,Персика’... Тие не ги тре­тирале дрвјето и камењата како ликови на своите богови како  Грците, ниту ибисите ка­­ко  Египјаните, туку огнот и водата како  филозо­фи­те.“

Со оваа реченица и Климент Александриски се вклучува во античките автори кои сведочеле за разликите помеѓу Македонците и Грците.

Инаку, тој дава и други податоци за Македонците (главно историски), а во книгата „Антологија“(5, 8) го спомнува и името на македонското божество „Веду“.

Осмата епизода можете да ја погледнете на ликот:

https://www.youtube.com/watch?v=IYx8CGt_DwU

Останатите епизоди можете да ги погледнете на каналот на Јутуб:

https://www.youtube.com/channel/UCJnd4_NuUyQQZfbMqom64kQ

Повеќе детали околу финансирањето на овој проект можете да најдете на:  https://www.gofundme.com/aleksandardonski

kikeron
Биста од Кикерон – познат римски филозоф кој јасно тврдел дека Македонија и Македонците не биле дел од античкиот грчки свет