Среда, 26 Април 2017    Печати
ПОЖАРАНСКА СВАДБЕНА ВЕСЕЛБА

pozaranska-svadba

На прашањето: што е потешко железото или пердувот? –мошне често и со право ќе го добите следниот одговор- потешко е железото кога се гради куќа, а пердувот е потежок кога се прави свадба.

Самиот чин на стапување во брак денес е премногу променет и веќе не се вклопува во рамката на она што некогаш значело свадба.

Некои од постарите се прашуваат дали денешните свадби сеуште значат славење на љубовта или се претвараат во модна писта и повод за трошење пари

Но, како и да било, токму свадбената веселба со сите свои свадбарски обичаи и ритуали, е тема на овој блог,   посебно ставајќи го акцентот на свадбените веселби од минатото во село Пожаране, таму каде што сум се родил јас ,  го помиав поголемиот дел од  детството и каде се наоѓа моето родно огниште.

Најчесто во село Пожаране, летото одсекогаш било период за свадби. Овде, пожаранската свадбена веселба траеше осум дена.  Започнуваше во понеделникот а завршуваше дури другиот понеделник - наредната недела. Тој период на осум дена , за пожаранци- посебно за помладите беше вистинско доживување. Секојдневно, од првите вечерни часови па до доцна во ноќта по селското корзо кое започнуваше од Пожаранскиот задружен дом па до „крајот на коцките“   во „Јанковци Маало“, вриеше од луѓе: млади, стари, деца, мештани од селото или дојденци. Крајното собиралиште сепак беше домот на младоженецот каде интензивно привршуваа  и последните подготовки за претстојната свадбена веселба. 

Според овдешните обичаи, почетокот на свадбата беше означен со развивање китење и ставање на свадбениот бајрак на куќата од младоженецот, ритуал кој се изведуваше пред изгрејсонце во четвртокот-истата недела во очи  свадбената веселба. Овој адет беше означен со фрлање на “три пушки” од страна на младоженецот а потоа исто така во раните утрински часови, пред изгрејсонце се замесувале лебовите. Пред тоа, во понеделникот со песни се накитува свадбарската карта и се подготвува житото-пченицата за носење во воденица. Подоцна од брашното се подготвуваше леб и „сучело колпите“ за сватовите и другите гости кои доаѓаат во домот на младоженецот за честитање.

Секоја вечер, од понеделник до саботата кај младоженецот доаѓаа месариите и деверите кои ја чистеа и уредуваа неговата куќа и двор, а потоа со веселите звуци на дајрињата се пееја девојачки свадбарски песни и се играше моминско оро. Сето тоа се изведуваше пред голем број младинци од селото кои со своето присуство во дворот од куќата на младоженецот ваквиот амбиент го правеа посвечен и повозбудлив. Во текот на престојните неколку дена се до саботата-денот на свадбениот „сеир“, месариите и деверите како по обичај , секоја вечер за присутните посетители изведуваа пригодни изненадување, најчесто преоблекувајќи се во стара селска носија  и инпровизирајќи свадбена веселба каде што улогата на невеста ја изведуваше машко облечено во свечен фустан – венчаница, а младоженецот беше женско облечено во машки чакшири и џулија. Покрај ова се почесто беше присутна и појавата на „крадење“ кокошки од селските кокошарници- посебно од кокошарникот на невестата , се разбира доколколку невестата е од истото село.

pozaranska-svadbena-nosija
Пожаранска свадбена носија

Денот четврток е познат уште и како  ден на „одење по венчаница“. На овој ден младоженецот со најближните,  месариите и деверите го посетуваат домот на идната невеста каде што на голема табака и се носи невестинскиот фустан – венчаницата. Воедно овој ден се искористува за допрецизирање и договарање на уште некои работи врзани за престојната свадбена веселба.

Сепак, официјалниот почеток на свадбената веселба беше саботата навечер каде непосредно пред куќата на младоженецот или во најблиското селско гумно, се одржуваше „сеир” на кој учествуваа сите мештани од селото како и гости од околните места и пошироко. За присутните гости, на дрвени маси и столови во дворот од куќата се приредуваше свечена вечера..

Според старите обичаи, сабота во попладневните часови кога за прв пат ќе зачука свадбениот тапан и засвири зурлата, во дворот на младоженецот се собираа сите месарии претежно облечени во свечени селски носии како и деверите,  кои подоцна предводени од главната месарија и девер, со карта полна со ракија и ибрик ќе отпочне процесот „канење за на  свадба“ на мештаните од селото.  Свечено, со музика и песна се посетуваат домовите на сите жители од селото и со чашка ракија на домаќините им се упатуваат зборовите „ Ве каниме да ни дојдете на свадба“ на што најчесто следи одговор од канетиот „нека е со среќа и за убоо да е“ –обред познат како „одење по сваќарки“ односно „зоење“

По вечерата сите земаат учество на заедничката веселба, се игра, пее и пие до раните утрински часови. Се точеше вино , ракија и сокови за сите присутни..
Во неделата наутро, младиот девер и младоженецот, со ибрик во рака и придружба од тапаните оди да ги покани кумот и старосватот за забричување на зетот. На заминување ги прашува каков им е ќејфот, дали да дојде уште еднаш да ги покани. Ако побараат да дојде по втор пат, тогаш деверот ќе ги кани и до трет пат.

svadbena-karta-i-ibrik
Свадбена карта и ибрик

Карактеристичен свадбен ритуал за овој голем ден е тоа што најнапред се посетуваат селските гробишта каде се зема прошка и се канат на свадба најблиските починати роднини. Овој чин е мошне трогателен и најчесто проследен со леење на солзи.
Потоа, почнуваат адетите. Во дворот пред куќата на триножно столче, поставено спроти изгрејсонце седнува зетот. Кумата држи раширена голема крпа, а кумот почнува со забричувањето. По бричењето зетот се попрскува со вода а сватовите пеат свечени песни и играат оро. Кумата, со босилекот и со светена вода во котле,  ги попрскува сите и ги благословува домаќините. Родителите му честитаат на синот, и среќни што дочекале да го женат, го даруваат со семеен накит, најчесто со златник. Во исто време во куќата на момчето пристигнуваат се поголем број роднини и пријатели кои уште повеќе ја подгреваат свечената атмосфера.

„Прстењари” се први кои ќе отидат во куќата на невестата за да го наговестат доаѓањето на сватовите , воедно со себе понесувајќи ги поважните дарови за невестата. Тоа се група од седум или девет повозрасни членови на најблиската рода на младоженецот кои влегуваат први во куќата на невестата и им ја носат веста дека младоженецот наскоро ќе дојде по невестата. Во куќата на девојката, прстењарите се пречекуваат со најголеми честови. Се покануваат да влезат во куќата каде што за нив е подготвена богата трпеза со разни мезиња и пијалаци. Од невестата тие добиваат шарени волнени калчини (чорапи) кои ги исплела самата.

Набргу потоа доаѓаат и преостанатите сватови со младоженецот. И додека сватовите играат во дворот, зетот се обидува да влезе во собата кај невестата која е заклучена и строго чувана од неколку момчиња кои бараат да им плати за да го пуштат внатре. Невестата го чека момчето со возбуда но истовремено таа е тажна што е дојдено времето да се дели од својата рода, од другарките. Зетот се пазари, нуди пари, но момчињата обично не пуштаат бидејќи велат дека нивната невеста вреди многу повеќе. Тогаш младоженецот ги вика на помош кумот, кумата и деверот кои треба добро да платат за да можат да влезат во собата каде што девојката е веќе облечена во невестинското руво.

Сите се поздравуваат со невестата а деверот и ги дарува свечените чевли за да ги обуе. Таа ги пробува но се жали дека и се големи. деверчето го зема чевелот и го носи кај прстењарите и до сватовите и сите го полнат со пари. Повторно го носи, но невестата пак се жали дека и е голем па чевелот кружи околу сватовите, до три пати. Кога ќе го обуе, невестата му ги дава сите собрани пари на деверчето. Нејзината сестра или нејзина другарка го закитува деверчето со бело шамиче накитено со цвеќе. Мајката на невестата, пак, го дарува зетот со златник, зашиен на шамиче со цветче. Го бакнува, го благословува, го потсетува да им ја чува ќерката и им посакува многу среќа и многу деца.

Две лица, браќа или братучеди на невестата ја водат надвор од куќата каде што околу сватовите е собрано целото село. На стотина метри од куќата им ја предаваат невестата на зетот и на деверот. При преземањето на невестата, зетот и деверот ги даруваат со пари.
Потоа следуваше обредот на „венчабање на младоженците“ кој се изведуваше во пожаранската селска црква од страна на свештено лице. (Историските податоци говорат дека порано многу често венчавањето на младоженците  се изведувало и во сега разрушениот храм во месноста Климентија)
 
Штом ќе пристигнат пред прагот од куќата на младоженецот свекорот притрчува и ја придружува невестата, а таа него го дарува со кошула. За тоа време свекрвата со превртен опрегач ( скутник) пред себе, затсаната пред портата фрла шеќерчиња и пченица врз младенците и ги благословува вечно да бидат среќни, плодни и благи, какви што се пченицата и шеќерчињата.

Кога невестата ќе влезе во домот на својот иден сопруг, ја пречекува свекрвата. Ја подучува како се сее брашно, како се меси и како се сучи. Три пати ја удира од оџакот за според верувањето да живее долго- да остарет и обелет. 

Потоа невестата ја носат во нејзината соба. Ја седнуваат на креветот заедно со џамутрата. Свекрвата ги послужува со шеќерчиња – за да бидат вечно слатки. Во скутот на невестата седнуваат мало машко дете, скутарче, за да се раѓаат здрави машки дечиња. откако ќе го погали по главата невестата го дарува детето скутарче со волнени калчинчиња (чорапи) што ги сплела самата.

Сватовите седнуваат на богатата свадбарска софра и по  завршувањето на свечениот ручек почнува веселбата.                  

Невестата го игра првото оро во нејзиниот нов дом (невестинско оро), а по неа е кумот, со куминото оро. Потоа орото го поведува кумата, па старосватот и старосватицата, свекорот и свекрвата деверот и целата блиска рода од страна на младоженецот.

Вечерта со поклон (подароци) на честитање во куќата на младенците доаѓа цело село. За сите се подготвува богата вечера. Веселбата трае до доцна во ноќта. Свадбените адети и церемонии завршуваат откако младенците се испраќаат во собата каде што ќе ја минат првата брачна ноќ. Овој ритуал секогаш бил придружен со шеги и смеа на сметка на младенците.

И наредниот ден – понеделник беше составен дел на оваа пожаранска свадбена веселба. Во домот на младоженецот доваѓаа најблиските роднини на невестата на благо-познато уште како „виѓијари“.

Тогаш невестата се изведуваше на најблиската селската чешма-обред познат како „носење невеста на вода“.
Кога  ќе дојде на чешмата, невестата полни едно букаре (стомна) со вода и, најнапред, го здравува свекорот (го гушнува и му целкува - бакнува рака) и му тура вода да се измие. Свекорот ги мие рацете и ја дарува невестата со злато или со златен накит.
Потоа невестата ги poздравува - бакнува рака и им тура да се измијат на: свекрвата, кумот и кумата, старосватот и старосватицата, бајрактарот и бајрактарицата, деверите и месариите, а тие ја даруваат со злато, со златен накит или со пари.
Невестата ги poздравува - бакнува рака и им тура да се измијат и на виѓиарите. Најнапред го poздравува татка си и му бакнува рака, потоа мајка си, па стриковците и стрините, вујковците и вујните, браќата и сестрите и сите по ред што дошле на виѓија. Тие од своја страна невестата ја даруваат со злато, со златен накит или со пари.

На овој ден за виѓиарите, во домот на младоженецот е подготвена богата трпеза  со мезиња, јадења, слатки и пијалоци. Со овој обред се означува почетокот на крајот на  свадбарските обичаи, карактеристични за пожаранската свадбена церемонија...

  По една недела од свадбата, се извршува и адетот наречен „првичари“.

Токму пожаранската свадбена веселба од минатото беше повод и причина и овој пат да напишам нешто друго за селото, да раскажам друга приказна како би можел да ги доближам и овие настани од минатото до Вас, ако ништо повеќе барем само колку да се знаат и никогаш не избришат од нашите спомени и колективната меморија на селото. Колку успеав во мојата намера, проценете сами..

oro
13 мај 2013 година

____________________________________
Боге В и Слободан Т- автори на текстот,