Вторник, 25 Април 2017    Печати
ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД ЗА ДЕБЛОКАДА НА СУБВЕНЦИИТЕ!

Grb 3СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД ЗА ДЕБЛОКАДА НА СУБВЕНЦИИТЕ!

25 април 2017 година, Скопје, Македонија

- Светскиот Македонски Конгрес денес поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за поништување на членот 8 ставовите 1, 2 и 3 зборовите “и изборот на Владата на Република Македонија“ и членот 179 став 1 од Изборниот законик како несогласни со членовите 8 став 1 алинеите 1 и 8, 50, 51, 57, 91 и 93 став 5 од Уставот, со цел деблокада на буџетските исплати како право на граѓаните, земјоделците и даночните обврзници.

Забраните од членот 8-а може да се однесуваат само за времето на изборната кампања, до изборот на пратениците, а не до изборот на новата Влада. Впрочем, буџетот не е право на Владата туку на граѓаните, земјоделците и даночните обврзници.

Со распуштањето на Собранието престанува мандатот на Владата, но таа ја врши должноста до изборот на новата Влада. Уставот не утврдил никакви ограничувања за в.д. Владата во остварувањето на надлежностите од членот 91 од Уставот, а бидејќи Изборниот законик се однесува на ограничувања за време на изборната кампања, барањето е Уставниот суд да го поништи зборовите “и изборот на Владата на Република Македонија во членот 8 ставовите 1, 2 и 3 од Изборниот законик, за да може од изборот на пратениците до изборот на новата Влада, в.д. Владата слободно да располага со Буџетот заради остварување на права на граѓаните, земјоделците и даночните обврзници.

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, а со цел да не се влијае врз избирачите во изборната кампања и врз резултатите од изборите за претседател на Република Македонија, пратениците во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, како и за градоначалници и членови на советите, со членот 8-а од Изборниот законик утврдени се ограничувања, односно НЕ МОЖЕ:

- да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал;

- да се започне изградба со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од Буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;

- да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори;

- да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи;

- да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати.

Собранието на Република Македонија се конституира на 30 декември 2016 година со верификацијата на мандатите на пратениците. На 9 јануари 2017 година Претседателот на Републиката го довери мандатот на кандидатот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со најголем број пратеници во Собранието, Никола Груевски, кој во рок од 20 дена, заклучно со 29 јануари 2017 година не успеа да состави Влада. До денес, претседателот на Република Македонија не доверил мандат на друг кандидат за состав на Влада. За жал, и Собранието се’ уште нема избрано претседател на Собранието и нова Влада, а неизвесно е кога тоа ќе се случи.

Во меѓувреме, граѓаните, земјоделците и даночните обврзници кои се корисници на буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал, поради неизвесноста од изборот на нова Влада, трпат штети од ограничувањата на надлежностите на Владата во членот 8-а ставовите (1), (2) и (3) од Изборниот законик.

Во членот 93 став (4) од Уставот на Република Македонија сосема јасно е утврдено дека “на Владата и’ престанува мандатот кога Собранието се распушта.“ Во ставот (5) е утврдено дека “Владата на која ... мандатот и’ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.“ За Владата која останува на должност до изборот на нова Влада, поради изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и’ престанал поради распуштање на Собранието, не е пропишано никакво ограничување во Уставот на Република Македонија за надлежностите од членот 91 од Уставот на Република Македонија!

За жал, со членот 8-а од Изборниот законик утврдени се ограничувања што не може да се врши, со цел да не се влијае врз избирачите во изборната кампања и врз резултатите од изборите за претседател на Република Македонија, пратениците во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, како и за градоначалниците и членовите на советите. Изборната кампања престанува со изборот на претседател на Републиката, со изборот на пратениците, како и со изборот на градоначалниците и членовите на советите во единиците на локалната самоуправа.

За изборот на Владата релевантни се изборите за пратеници, а тие завршија на 11 и 25 декември 2016 година.

Знаејќи дека Собранието се’ уште нема избрано претседател на Собранието и нова Влада, на граѓаните, земјоделците и даночните обврзници им се суспендираат права и слободи, поради ограничувањата во Изборниот законик до изборот на нова Влада. На овој начин, Владата којашто ја врши должноста (в.д. Влада) до изборот на нова Влада е ограничена во извршувањето на должностите на Влада утврдени со членот 91 од Уставот на Република Македонија.

Актуелната в.д. Влада која ја врши должноста до изборот на нова Влада, има обврска да ги врши надлежностите од членот 91 од Уставот и тоа членот 8-а ставовите (1), (2) и (3) не смее да и’ го ограничува! Поради штетите кои ги трпат граѓаните, земјоделците и даночните обврзници од ограничувањата до изборот на нова Влада, Светскиот Македонски Конгрес побара Уставниот суд да го поништи членот 8-а ставовите (1), (2) и (3) зборовите “и изборот на Владата на Република Македонија“ од Изборниот законик, а до донесувањето на одлука да изрече времена мерка!