Среда, 03 Мај 2017    Печати
ОБЈАВЕНА Е ДЕСЕТТАТА ЕПИЗОДА ОД СЕРИЈАТА „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“

Сведоштва од галскиот историчар Корнелиј Непо, Дионисиј од Калифонт и Дексип според кои Македонците не биле никакви „Грци“!

Деновиве на Youtube е поставена десеттата епизода од  документарната серија „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“ (“THE ANCIENT MACEDONIANS WERE NOT GREEK”), чиј комплетен автор е Александар Донски. Серијата е во продукција на Lloyd Harrison Entertainment Group од Сиднеј, извршен продуцент на серијата е Џим Стефан, ко-продуцент е Горан Котев, а асоцијативен продуцент е Андрија Петревски, сите од Сиднеј. Текстот го читаат Бубе Донска  и Стефо Нанцу. Во серијата ќе бидат претставени сведоштва од над педесет антички автори според кои античките Македонци не биле никакви „Грци“ како што тврди денешната грчка пропаганда. Авторот на серијата Александар Донски очекува оваа серија да ги разниша темелите на грчката историографија и пропаганда кога е во прашање античка Македонија.

Десеттата епизода е посветена на сведоштва од Корнелиј Непо, Дионисиј од Калифонт и Дексип.

КОРНЕЛИЈ НЕПО (I ВЕК ПРЕД ХРИСТА)

Корнелиј Непо (Cornelius Nepos) се родил околу 100, а починал околу 24 година пред Христа. Се родил во близина на денешна Верона. По потекло бил Гал. Позна­ти се насловите на неколку негови де­ла, кои не се зачу­вани, туку се спомнати и цити­рани од други автори. Единст­­­вено зачувано дело е „Excellentium Imperatorum Vitae“, кое било објавено за време на императорот Тео­досиј Први (347 - 395 год.).

Во ова дело Корнелиј Непо на неколку места јасно става до знаење дека Македонците не биле Грци. Во 18 поглавие (1) под наслов „Евмен“, Корне­лиј Непо пишува за животот и делото на грчкиот воен заповедник Евмен (362 - 316 год. пред Христа), кој служел во Македонската војска. Евмен живеел среде Македонците, но иако дал голем придонес за нивните кампањи и иако потекнувал од угледно семејство, сепак тие не го прифатиле целосно во своите редови само затоа што бил странец (Грк). Овде читаме:

Евмен бил роден во Кардија (грчка област)... Се случило тој да живее во време кога Македонците биле во подем и за него било непријатно да живее среде нив бидејќи доаѓал од туѓа земја... Иако по­тек­нувал од семејство кое било угледно во нивниот роден град, Маке­дон­ците  сепак не биле задоволни и не верувале дека тој кога и да е може да биде почитуван од нив.“

Во 21 поглавие (под наслов „За кралевите“) Непо уште подецидно става до знаење дека Македонците не биле никакви Грци. Тој претходно ги набројува имињата на најпознатите грчки воени заповеденици (генерали): Тимолеон од Коринт, Фокион од Атина, Евмен од Кардија, Агесилај од Спарта, Пелопида од Теба, Епаминода од Теба, Датам од Карија, Тимотеј од Атина, Кабрија од Атина, Ификрат од Атина, Дион од Сиракуза, Конон од Атина, Тразибул од Атина, Алкибијад од Атина, Лисандер од Спарта, Кимон од Атина, Павсанија од Спарта, Аристид од Атина, Темистокле од Атина и Милитад од Атина. Потоа за сите нив пишува:

Ова се речиси сите генерали од Грција, кои се достојни за спомнување, со исклучок на кралевите, но нив овде нема да ги обработиме бидејќи нивните активности посебно ги опишавме.“

Гледаме дека во списокот со имиња на грчки генерали не е спомнат ниту еден Македонец! И не само тоа. Во продол­же­ние Корнелиј Непо одделно ги спомнува најистакнатите личности од редовите Маке­донците, т.е. (како што самиот пишува) „од наци­ја­та на Македонците“. Во истото 21 поглавие (2) Непо пишува:

Од нацијата на Македонците, два кралеви далеку ги надминаа останатите според своите зас­луги: Филип, синот на Аминта и Александар Велики, кој умре од болест во Вавилон, додека Фи­лип беше убиен од Павсанија во близина на теа­тарот во Еге, додека одел да ги набљудува игри­те.“

И овој пат се прашуваме како реагира денеш­ната грчка историографија пред ваквите децидни сведоштва? Корнелиј Непо е уште еден антички автор, чии вредни дела се во целосна спротивност на артикулациите на современата грчка историографија и пропаганда.

ДИОНИСИЈ КАЛИФОНТ

(I ВЕК ПРЕД ХРИСТА)

Дионисиј Калифонт (Dionysus Calliphontis) бил геог­раф кој живеел во I век пред Христа. Извадоци од него­вото дело превзедовме од делото „Мемо­ран­дум за антич­ките граници на Грција“ подготвено од британскиот воен историчар мајорот Ардаг. Во врска со границите на тогашната грчка територија, Дионисиј Калифонт запишал:

Амбракија е првиот град во Грција... Грција се про­тега од Амбракија до Пена.“ („Меморандум за античките граници на Грција“; British documents of foreign affairs, Part I, Series F, Europe 1848 - 1914, Vol. 14 "Greece, 1847 - 1914", University publications of America).

Ова е претставува децидно сведоштво дека не само Македонците, туку и Епирците не биле трети­рани за грчки народ од страна на Дионисиј Калифонт, но и други автори.

ДЕКСИП (III ВЕК)

За историчарот Дексип (Publius Herennius Dexippus) дознаваме од делото на  Фотиј (Photius), кој бил патријарх во Цариград и живеел во IX век. Едно од делата на Фотиј е познато под името „Библио­тека“. Во ова дело Фотиј објавил кратки содржини (свои рецензии) на вкупно 279 книги што самиот ги про­читал. Добар дел од овие книги денес не се зачувани, па за нив знаеме само преку неговото дело. Исто е и со добар дел од авторите на овие книги. Еден од нив бил Дексип. Се родил околу 210, а починал околу 273 година. Тој бил познат атински генерал, говорник и историчар. Фотиј бил толку воодушевен од книгите на Дексип што дури го споредил со еден од најпознатите антички историчари Тукидид. Од оригинал­ните дела на Дексип зачувани се само фрагменти, иако овие дела своевремено му биле достапни на Фотиј. Во едно од нив (насловено само како „Историја, историски извадоци била опишана историјата на Македонците од периодот по смртта на Александар Велики. Во врска со ова дело Фотиј пишува:

Прочитај ја историјата на настани што се случиле по смртта на Александар Велики, напишана од Дексип во четири книги... Тој пишува како престолот го наследил неговиот брат Аридеј, кој бил син на Филип Македонски и Филина од Лариса. Сè уште неродениот син на Роксана од Александар, доколку и навистина ќе бил син, требало да владее заедно со Пердика, кој бил избран од Македонците да раководи со империјата. Што се однесува до поделбата на империјата на Александар, Птолемеј Лагов завладеал со Египет, Либија и со зем­јите близу Египет. Клеомен, кој од Александар бил наз­на­чен за сатрап на овие области, му станал потчинет. Лаомедон од Митилена завладеал со Сирија, Филота со Киликија, Питион со Медија, Евмен со Кападокија, Пафлагонија и брегот на Еуксина се до Требизонд. Анти­гон завладеал со Памфилија и Киликија, сѐ до Фригија. Асандер со Карија, Менандер со Лидија, а Леонат со фри­гиски Хелеспонт. Во Европа Лизимах ја завладеал Тра­кија, а Антипатер цела Македонија, Грција, Илирија, зем­јата на Трибалите и Агријаните и целиот копнен дел на кој бил поставен за единствен командант уште од вре­мето на Александар. Грижата за одбраната на кралст­вото му била доверена на Кратер, а Пердика завладеал со хилијарсите на Хефастион, што било највисок чин среде Македонците.“ (Photius: Bibliotheca, 82).  

Очигледно дека и од  овие извадоци од истори­јата на Дексип јасно се гледа дека и тој одделно ги тре­тирал Македонците од Грците (одделно ги спом­ну­ва двете земји, а го спомнува и етнонимот Маке­донци).    

Десеттата епизода можете да ја погледнете на ликот:

https://www.youtube.com/watch?v=TN9aVd-bdl8

Останатите епизоди можете да ги погледнете на каналот на Јутуб:

https://www.youtube.com/channel/UCJnd4_NuUyQQZfbMqom64kQ

Повеќе детали околу финансирањето на овој проект можете да најдете на:  https://www.gofundme.com/aleksandardonski

nepo
Корнелиј Непо