Вторник, 23 Мај 2017    Печати
Претседателот Ѓорге Иванов во работна посета на Руската Федерација

Ivanov 2Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска (23 мај 2017 година, вторник) и утре (24 мај 2017 година, среда) ќе престојува во работна посета на Руската Федерација.

Претседателот Иванов е одликуван со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори" за 2016 година, што ќе му биде врачена од Патријархот на Руската православна црква, Кирил на свечена церемонија која ќе се одржи денеска - 23 мај 2017 година во храмот „Христос Спасител" во Москва.

Престижната меѓународна награда која му се доделува на претседателот Иванов претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција. Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството. Носители на наградата за 2016 година, покрај претседателот Иванов, се и поглаварот на Коптската црква, Патријархот Тавардос Втори и градоначалникот на Москва, г. Сергеј Собјанин.

Денеска - 23 маj, претседателот Иванов ќе оствари средби со Патријархот на Руската православна црква, Кирил и со епископ Тихон, Викар на Патријархот московски и на цела Русија. Македонскиот претседател ќе присуствува и на Божествената литургија во храмот „Христос Спасител“ во Москва.

Утре - 24 мај, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ќе оствари средба со претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин.