Среда, 14 Јуни 2017    Печати
Не може да се надева на блескава иднина народ што нема историско помнење

makedonija-na-makedoncite

Не може да се надева на блескава иднина народ што нема историско помнење, став за минатото, изграден однос кон сегашноста и визија кон иднината. Многубројни претходни генерации на Македонци имале и историско помнење и став кон минатото, изграден однос кон времето во кое живеат, како и визија за иднината. Зад себе оставиле многубројни записи како завет на минатото за идните генерации.

На страниците на двотомното издание „ДОКУМЕНТИ - за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава”,  издадена од Универзитетот “Св Кирил и Методиј” во 1981 година, бројни се текстовите на нашите претци со пораки кои и ден денес се актуелни во борбата за зачувувањето на суверенитетот и интегритетот на македонската држава, како и за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.

Читајќи ги денес објавените текстови на македонските дејци во борбата за самобитност на Македонија, човек не може да остане рамнодушен на нивната самосвест, нивниот изграден однос кон минатото и напорите кои ги правеле за да ја запознаат европската јавност со самостојниот развиток на Македонија. На страната 377 – 388 од првиот том на „ДОКУМЕНТИ,” ќе наидеме на извадоци од книгата „По повод на едно движење во Македонија" (“А Ргороѕ d’un Mouvement еп Масеdоiпе") објавена во Брисел 1900, под псевдоним А.Брутус, зад кој се крие велешанецот Антон Драндар,  личност од  Македонија од втората половина на XIX и првите децении на XX век, кој објавил повеќе трудови за состојбата на работите во Македонија.

Не би можел а да не го пренесам во целост објавениот текст од Антон Драндар, кој  во 1900 година ќе напише: „Ако се фрли еден ретроспективен поглед врз историјата на Македонија се до најдалечните древни времиња, човек останува вчудовиден од големата улога што оваа мала земја, класична земја раг ехсеllеnсе, ја играла во светот. Заштитена на север со широка верига од грандиозни планини, украсена со пријатни долини и живописни клисури, што и даваат белег на една источна Швајцарија, со умерена клима и плодна земја, вообличена во прекрасното крајбрежје на Егејското Море, сместена на раскрсницата на стариот и новиот свет, Македонија уживаше во среќната привилегија да биде на прво место во сеопштиот напредок.

Македонецот, роден во земја во која природата и’ беше толку наклонета, секогаш мечтаеше за херојски подвизи и се стремеше кон големи потфати, не само во доменот на чистата наука туку исто толку и во политичкиот домен, како и во оној на општествениот напредок. Од самиoт почеток на историјата, ја гледаме Македонија на чело на нациите. Нејзината репутација е универзална; нејзината слава се шири на четирите страни на светот.

Македонија го шири својот суверенитет врз значајни нации; таа уништува големи варварски царства, таа формира нови држави и нови трговски центри. Дури и славната лулка на античкиот хеленизам им се потчинува на македонските кралеви. Пламениот збор на Демостен застанува пред студениот разум на Филип.

Александар Велики, чијашто слава е епска, оди од победа во победа и ги става под своја моќ најголемите царства. Но неговата војска не сее терор, страв и уништување кај варварските народи; напротив, тој им ги донесува светлините и добродетите на цивилизацијата...

Македонци наоѓаме на византискиот престол во време кога оваа империја се наоѓа во својот зенит. Се додека македонската династија ја управуваше судбината на Византија, царството ја зачува својата моќ и беше почитувано од нејзините непријатели. Кога таа династија згасна, малку потоа започна полната декаденција на Византија.

Следејќи го текот на историјата, гледаме како со ист сјај свети ѕвездата на Македонија. Таа ја игра главната улога во преродбата на словенското племе. Така, двајцата браќа издигнати до апостоли, Кирил и Методиј, предмет на сеопшто восхитување на словенскиот свет, се Македонци, па поради самото постоење на овие двајца апостоли, оваа мала земја станува лулка на словенското племе на кое му дава своја религија и своја уметност...

... Ако Македонија сака да биде свој сопствен господар и господар на својата сопствена судбина; ако денес таа сака да се ослободи од неправедниот тиранин што ја угнетува со векови, и ако утре сака да биде подготвена да се бори против сите оние што би сакале да ја узурпираат нејзината територија и да воспостават своја доминација, потребно е да започне со тоа што ќе ја употреби својата сила за воспоставување на едно нераскинливо национално обединување!...

... Жителите на Македонија не сакаат да бидат присоединети ни кон Бугарија, ни кон Србија, ни кон Грција; тие сакаат, тие силно сакаат, да живеат човечки живот во една автономна земја. Нивната парола е: ,,Македонија на Македонците,,”.

Денес 27 години од распадот на Југославија и осамостојувањето  на Македонија, наместо Македонците да го зевземат своето место на светската сцена, сеуште ја губат непотребно својата сила во расправии со соседите и за воспоставување на национално обединување за зачувување на виталните национални интереси. За жал, сеуште постојат  ретроградни сили, кои за да ги зачуваат стекнатите позиции, имаат историска амнезија, без визија за иднината.

Поминаа 27 години откако народот на Македонија својата судбина ја зеде во свои раце и континуирана борба за зачувување на нејзиниот суверенитет и интегритет, борба за просперитет на земјата и полна афирмација на Македонија пред меѓународната заедница. Тоа е период кога народот на Македонија помина низ многу бури, кога сонцето беше помрачено а на земјата и се закануваа воени сценарија. Сето постигнатото досега е пред се, дело на народот на Македонија, а нејзините пријатели во тоа само  помогнaa.

Сепак мора да се нагласи дека се’ што е постигнато досега, во најголем дел е резултат на заветот на минатото, преточено во идеалите на историската Внатрешна Македонска Револуционерна Организација, и желбата на народот да се има сопствена држава со која Македонците сами ќе раководат и ќе ја градат. Ова кулминираше со возобновување на  ВМРО ДПМНЕ, на 17 јуни 1990 година.

Денес кога ВМРО ДПМНЕ одбележува 27 години од своето формирање, дваесет и седум години од поновата историја на Република Македонија, период во кој заедно со својот народ помина многу премрежија,  но никогаш не се откажа од визијата на  нашите претци, сеуште не потценувајќи го мислењето и чувствата на својот народ и аманетот на претците, цврсто стои на браникот на виталните национални интереси на македонскиот народ.

Македонска нација