Петок, 19 Февруари 2010    Печати
Грчки пратеници побараа од Германија да плати репарации за Втората светска војна како одмазда за критиките за грчката буџетска криза
Грчки опозициски пратеници денеска побараа Германија да исплати репарации за окупацијата на Грција за време на Втората светска војна, како одговор на германските критики за грчката должничка криза, пренесоа светските агенции.

-Како смее Германија да не суди за нашите финансии, кога се уште не ги исплатила компензациите за грчките жртви во војната. Се уште има Грци, кои ги оплакуваат своите загинати браќа, изјави Маргаритис Ѕимас, пратеник од најголемата опозициска партија Нова демократија, за време на парламентарна дебата за предлог законот за преструктурирање на Националната статистичка служба.

Шестмина пратеници од Коалицијата на радикалната левица СИРИЗА ја повикаа владата да изврши притисок врз Берлин за исплаќање на репарациите. Тие ги обвинија германските банки и германската влада за кризата во Грција.

-Со своите изјави германските политичари и германските финансиски институции играат водечка улога во подлата игра на шпекулации на штета на грчкиот народ, посочуваат пратениците од СИРИЗА во писменото прашање до владата.

Во одговорот на критиките дека Грција ги преправала податоците за своите финансии за да влезе во еврозоната во 2001 година, пратеникот од Комунистичката партија (ККЕ) Никос Папаконстантину изјави дека самата Германија употребувала слични шеми за да влезе во Европската монетрана унија.
Министерот за финансии Јоргос Папаконстантину
Министерот за финансии Јоргос Папаконстантину

Министерот за финансии Јоргос Папаконстантину, меѓутоа, не се приклучи кон нападите против Германија.

-Сите имаме своите критики за тоа како јавното мнение во една или друга земја го доживува грчкиот проблем, посочи тој за време на парламентарната дебата.

Во 1960 година Германија и исплати на Грција околу 115 милиони германски марки компензации за жртвите на нацистичките репресии. Грција, меѓутоа, инсистира на тоа дека оваа сума не ги покрива цивилните жртви на репресиите.