Среда, 30 Август 2017    Печати
ОБЈАВЕНИ СЕ Е 26 И 27 ЕПИЗОДА ОД СЕРИЈАТА „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“

Деновиве на Youtube се поставени 26 и 27 епизода од  документарната серија „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“ (“THE ANCIENT MACEDONIANS WERE NOT GREEK”), чиј комплетен автор е Александар Донски. Серијата е во продукција на Lloyd Harrison Entertainment Group од Сиднеј, извршен продуцент на серијата е Џим Стефан, ко-продуцент е Горан Котев, а асоцијативен продуцент е Андрија Петревски, сите од Сиднеј. Текстот го читаат Бубе Донска  и Стефо Нанцу. Во серијата ќе бидат претставени сведоштва од над педесет антички автори според кои античките Македонци не биле никакви „Грци“ како што тврди денешната грчка пропаганда. Авторот на серијата Александар Донски очекува оваа серија да ги разниша темелите на грчката историографија и пропаганда кога е во прашање античка Македонија.

Обете епизоди се посветени на сведоштвата историчарот Полибиј (3 и 2 век пред Христа) Полибиј се родил околу 203, а починал околу 120 го­ди­на пред Христа. Потекнувал од ахајскиот град Мега­лополис. Тој бил старогрчки историчар под римс­ко влија­ние. Тој напишал не­колку книги, од кои најголем дел се загубени. Негово делумно зачу­вано дело е книгата „Исто­рии“, во која детаљно е опишан периодот од 220 до 146 година пред Христа. Во продолжение ќе се задржиме на извадоци од делото на Полибиј исклучиво од аспект на темата што овде ја обработуваме.

Веќе ја спомнавме Ахајс­ката лига. Спомнавме дека тоа било сојуз (еден вид конфе­дерација) помеѓу 10 и 12 градови-држави на те­ри­то­ријата на денешна Грција, конкретно на Пело­понез. Веќе спом­навме и дека околу пет децении по смртта на Александар Велики Македонс­ки, Ахајската лига, користејќи ја неста­бил­ната состојба во својот окупатор Македонија, повторно била обновена, овој­пат во форма на федерација. Водач на Ахајската лига бил извесен Аратус, кој прво се борел против македонското ропство, а потоа, отка­ко се јавила опасност да биде сменет од ли­дерс­кото место на Ахајската лига од страна на Спарта­нецот Клеомен (Трети), ги повикал своите довче­раш­ни неп­ри­­јатели Македонците на помош, кои се вратиле на Пелопонез, му помогнале, но потоа не се повлекле, туку останале таму. Заради тоа Аратус бил крити­ку­ван од зна­чаен дел од грчката јавност.

Овие настани ги опишува и Полибиј. Во врска со прво­битните активности на Аратус против Македон­ците, кога тој се борел да ги избрка од Пелопонез, Полибиј пишува:

„...Тој (Аратус) продолжил да владее со ахајс­ката нација и сите негови планови и актив­ности биле насочени кон една цел - бркање на Македон­ците од Пело­понез, потиснување на тира­ните и повторно вос­поставување на основи на античката слобода на секоја држава.“   (Polybius, Histories, II, 43).

Во врска со амбициите на  Клеомен (Трети) од Спар­та, за кого рековме дека сакал да ја предводи Ахајс­ката лига за да ги ослободи Грците од маке­донското ропство, Полибиј пишува:

„...Личната амбиција на Клеомен и далекусежен проект  биле доколку успее да завладее со Пе­ло­понез, да се обиде да стане  господар на цела Грција, што било невоз­мож­но без претходно да стави крај на владеењето на Македонија.“ (Polybius, Histories, II, 49).

И ова е толку јасно кажано што нема потреба од подетаљно  објаснување.  Спартанецот Клеомен са­кал да го превземе водството на Ахајската лига за да зав­ладее со Пелопонез, а потоа и со „цела Грција“. Но, тоа било не­возможно затоа што тие територии биле под македонска власт. Значи тој прво морал да ги ослободи Грците од маке­донското ропство, а потоа да завладее со „цела Грција“. Јасно е дека овде По­либиј кога пишува за „цела Грција“  и на крај памет не му паѓа дека тоа ја подразбира и Македонија. Напро­тив, овде јасно пишува дека за да се завладеела „цела Грција“ истата прво требло да биде ослободена од Македонија.

Во истата книга Полибиј и на друго место ја спом­нува „состојбата во Грција и Македонија“. (Po­lybius, Histories, II, 49).

Полибиј пишува и за воениот договор што го нап­равил Филип Петти Македонски со Ханибал од Кар­­тагина за взаемна помош против опасноста од Рим­ја­ните. Во еден член од овој Договор пишувало де­ка:

„... Кралот Филип и Македонците и остатокот од Грците кои се нивни сојузници ќе ги зашти­туваат Карта­гинците...“ (Po­lybius, Histories, IV, 3,9).

Нема дилеми дека и овде Македонците се трети­рани како одделен народ од Грците. Познато е дека во тоа вре­ме не сите Грци биле под власт на Маке­донците, туку зна­чаен дел од нив. Членот од овој До­говор јасно ги спом­нува Македонците и оние Грци кои биле нивни сојузници, т.е. кои биле под нивна власт.

Полибиј (III, 4-5) пренесува и едно обраќање на македонскиот амбасадор (испратен од Филип Петти) пред Етолците. Во услови кога Македонија била сери­оз­но загрозена од Рим, а Етолциte се ставиле на страна на Римјаните, македонскиот амбасадор очај­нички апелирал до нив да се откажат од соработката со Рим, предупре­дувајќи ги дека ако победи Рим, ќе настрадаат и тие (како што, всушност, и навистина се случило). Во подолгиот пренесен говор, македонскиот амбасадор, меѓу другото, им рекол на етолските водачи:

Велите дека се борите против Филип заради доб­рото на Грците... но всушност вие се борите за поро­бување и уништување на Грција.“

И од овој мал извадок се гледа дека Македон­ците се одделно третирани од Грците, штом Етол­ците мислеле дека се борат против Филип за доброто на Грците, а македонскиот амбасадор ги убедувал дека тие всушност постигнувале спротивен ефект.

Во 18-та книга Полибиј дава детален извештај на преговорите помеѓу Филип Петти Македонски и рим­с­киот генерал Фламинин. Прво е опипшана нивната средба, а потоа и меѓусебниот разговор и реплики. При­тоа секој бил придружуван со претставници на своите сојузници (главно Грци). Откако со недоверба се доближиле едни кон други (што детално е опи­шано), почнале преговорите. Во врска со ова Полибиј пишува:

Римскиот генерал... побарал Филип да се повлече од цела Грција, а пред тоа да им ги предаде затво­рениците и дезертерите...“   (XVIII, I, 2).

Еве уште еден доказ дека ниту Полибиј, ниту рим­с­киот генерал Фламинин, ниту пак Филип Петти Македонски ги сметале Македонците за „Грци“. Фла­ми­нин јасно поба­рал Филип Петти да ги напушти грчките територии со кои тогаш Македонија владеела и да ја лимитира својата власт само во Македонија. Филип Петти бил обвинет и за­ра­ди претераната жестокост што ја покажувал кон Грците, дури и кога му биле сојузници. Во продолжение читаме:

...Тој (Филип Петти) уништил повеќе градови во Тесалија (грчка област), иако бил пријател и сојузник на Тесалијците, од кој и да било нивни непријател што кога и да е постоел.“ (XVIII, I, 3).

По ваквите обвинувања, пред присутните се об­ра­тил лично Филип Петти Македонски. На бара­њето Македон­ците да ја напуштат „Грција“, тој, меѓу другото, одговорил:

А која е таа Грција од која ми наредувате да се повлечам? И како вие ја дефинирате Грција? Мно­зинст­вото Етолци не се Грци. Не се! И земјите на  Агра, Аподота и Амфилојија не се грчки. Дали тоа значи дека имам дозвола да останам во тие земји?“  (XVIII, I, 5).

Ова е една од најинтересните изјави која вреди поде­тално да се анализира. Овие зборови не само што се вредни затоа што претставуваат автентичен исказ на еден од  последните античко-македонски ца­ре­ви, туку и во овие зборови тој сосема јасно нап­равил мала анализа за етничкиот состав на тогаш­ните грчки територии.

Прво тој вели дека мнозинството Етолци не биле Грци, што секако дека е одраз на нивното не-грчко себе-декларирање. За Етолците веќе спомнавме дека живееле северно од Пелопонез што значи дека во антиката прашање е дали и тој дел бил грчки (барем според реле­вантните сведоштва од тоа време). Пос­то­јат и други антички сведоштва во прилог на тврде­њето дека Етолците не биле Грци.

Во врска со ова познатиот антички историчар Ту­кидид во своето дело „Пелопонеската војна“ пишу­ва:

Евританијаните, кои се најголемо племе во Ето­лија, зборуваат на јазик, кој  тешко може да се разбере.  (Thucydides, Peloponesian War, 3, 94).

Негрчкото етничко потекло (барем на дел од Етол­ците) е потенцирано и во големиот „Речник на грчка и римс­ка географија“, каде авторот, повикувајќи се на пишу­вањата на Страбо, во врска со населе­ние­то на Етолија, пишува:

Оригиналните жители на Етолија, се смета дека биле Куретите кои, според некои податоци, дошле од Евбеја (Страбо 10, 465)... Освен нив исто така се спом­ну­ваат и Лелегите и Хијантите, од кои послед­ните биле избркани од Беотија (Страбо 322, 464). Овие три народа најверојатно припаѓале на големиот народ Пелазги и тие не биле Хелени.“ ("Dictionary of Greek and Roman Geography", William Smith, LLD. London. Walton and Maberly, Upper Gower Street and Ivy Lane, Paternoster Row; John Murray, Albe­marle Street, 1854. Овој речник, како и сите овде цити­рани дела од Вилијам Смит, се користени од нив­ната електронска верзија на Ин­тернет, во која не се посочени страниците од хар­тие­ната верзија. Оваа електронска верзија е достапна на: http://www.perseus. tufts.edu/cgibin/ptedyt?doc=Perseus:tedyt:1999.04.0064).

Во овој Речник читаме дека отпрвин Етолија била нарекувана Куретис (според народот Курети), а првите грч­­ки доселеници дошле од Пелопонез, по што облас­та го добила името Етолија.

Но, тоа не е сè. Филип Петти и за градот Амфи­лохија вели дека не бил грчки.  Овој град се наоѓал во непос­редна близина на Етолија. Агра и Аподота не ги дефи­ниравме, но веројатно дека и тие се локалитети кои се наоѓале во границите на територијата денес неправедно дефинирана како  „античка Грција“.

Во продолжение, во врска со обраќањето на Филип Петти кон Фламинин, читаме:

... Тој го праша Фламинин, велејќи дека сега им се обраќа на Римјаните, прашувајќи дали тој бара од него повлекување од оние градови во Грција што самиот ги освоил или и од оние што ги наследил од своите предци.“ (XVIII, I, 7).

И овде гледаме дека на Филип Петти му било сосема јасно дека грчките територии биле нешто посеб­но во однос на Македонија, која со нив владе­ела со генерации наназад.

Во продолжение читаме за обвинувањата пред Римскиот сенат против Филип Петти од страна на грч­ки пратеници. Полибиј детаљно ги опишува овие об­ви­нувања изнесени од приврза­ниците за војна на Рим против Филип. Овде читаме:

... Пристапот што тие го превзедоа беше во насока да се остави впечаток пред Сенатот дека се додека Халкис, Коринт и Димитрија се наоѓаат во македонски раце, на Грците ќе им биде  оневоз­можено дури и да помислат за својата слобода.“ (XVIII, I, 11).

Значи Грците се наоѓале под македонска власт, па нивните пратеници во Рим се обидувале да ги убедат Римјаните да војуваат против Македонија за да им доне­сат слобода на Грците. Тие притоа велеле дека се додека  на Филип не му се одземат сите грчки територии, Грците не ќе можеле да ја добијат својата слобода.

Пратениците кои го обвиниле Филип Петти рекле и дека: „...ако тој сакал да нареди, лесно можел да ги потчини Грците кога и да посака.“  (XVIII, I, 11).

Затоа тие побарале од Римскиот сенатот или да му на­ложи на македонскиот водач да ги напушти сите грчки територии што ги имал окупирано или да биде воено нападнат. На крајот упатиле апел до Сенатот „...да не ги измамат Грците во нивната надеж  за слобода.“

Потоа следи опис на битката кај Киноскефале во која Македонците доживеале тежок пораз од Римја­ните. Полибиј пишува дека на мнозина Грци не им се верувало дека Македонците биле поразени:

Многу Грци во актуелните околности, кога Маке­донците доживеале пораз, го сметале овој нас­тан како речиси неверојатен и мнозина се пра­шувале како можело да се случи фалангата да биде победена од војска воору­жена на римски начин.“ (XVIII, I, 31).

Во преговорите што следувале по поразот на Маке­донците, пренесена е изјавата од римскиот гене­рал Флами­нин, кој на претставникот на Етолците, му рекол:

Во интерес на Грците е македонската доми­нација да биде што подолго потисната, но нема сомнение дека таа треба да биде уништена.“ (XVIII, I, 37).

На ова на Фламинин, од страна на извесен Фе­неј, му било посочено дека Филип можел да ја обнови својата моќ, на што тој одговорил:

Не зборувај бесмислици Фенеј, јас така ќе го нап­равам мировниот договор што Филип, и да сака, не ќе може да им направи ништо лошо на Грците.“ (XVIII, I, 37).

По ова Филип Петти и навистина добил многу непо­волни мировни услови од Римјаните. Меѓу дру­гото од Филип Петти се барало:

Сите останати Грци од Азија и Европа ќе треба да бидат ослободени и ќе треба да владеат според сопствените закони. Пред Истхмијанските игри Филип ќе треба да им ги предаде на Римјаните оние грчки субјекти кои се под негова власт и градовите во кои има поставено свои гарнизони.“ (XVIII, IV, 44).

И ова е толку јасна артикулација за ропството под Македонците во кое се наоѓале Грците, што ниту овде не е потребен никаков дополнителен коментар. Во продол­жение Полибиј пишува за радоста на Гр­ците заради слободата што им ја донеле Римјаните  по победата над Филип Петти.

Од сето досега изнесено сосема е очигледно дека и делото на Полибиј претставува значаен аргу­мент против современата грчка пропаганда.

26 и 27 епизода, како и останатите епизоди, можете да ги погледнете на посебниот канал на Јутуб: https://www.youtube.com/channel/UCJnd4_NuUyQQZfbMqom64kQ

Документарен филм со дел од дејноста на авторот Александар Донски можете да погледнете на:

https://www.youtube.com/watch?v=5S26QOz71gU&t=1535s

Stele des Polybios
Полибиј