Среда, 04 Октомври 2017    PDF Печати Е-пошта
ОБЈАВЕНИ СЕ Е ПОСЛЕДНИТЕ 38, 39 И 40 ЕПИЗОДА ОД СЕРИЈАТА „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“

Деновиве на Youtube се поставени последните 38, 39 и 40 епизода од  документарната серија „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“ (“THE ANCIENT MACEDONIANS WERE NOT GREEK”), чиј комплетен автор е Александар Донски. Серијата е во продукција на Lloyd Harrison Entertainment Group од Сиднеј, извршен продуцент на серијата е Џим Стефан, ко-продуцент е Горан Котев, а асоцијативен продуцент е Андрија Петревски, сите од Сиднеј. Текстот го читаат Бубе Донска  и Стефо Нанцу. Во серијата ќе бидат претставени сведоштва од над педесет антички автори според кои античките Македонци не биле никакви „Грци“ како што тврди денешната грчка пропаганда. Авторот на серијата Александар Донски очекува оваа серија да ги разниша темелите на грчката историографија и пропаганда кога е во прашање античка Македонија.

Овие епизоди се посветени на сведоштвата од Херодот и на јазикот на античките Македонци. 

Херодот (Herodotus) се родил некаде околу 484 година пред Христа во Халикарнас (денешна Турција). Се смета дека во 457 година бил прогонет од таму затоа што учест­ву­вал во заговор против Персија (која тогаш владеела со Хали­кар­нас). Пропатувал многу земји и оставил вредни записи за тамош­ните народи и култури. Извесно време престојувал во Атина, каде бил многу почитуван, а потоа заминал во една хеленс­ка колонија во денешна јужна Ита­лија. Остатокот од животот го посветил на пишување на свое­то обемно дело „Историја“, кое се смета за прво по­обем­­но  ав­торско прозно дело во историјата. Поради тоа Хе­­ро­­дот се смета како основач на историо­графијата. Почи­нал во 435 година пред Христа.

Извесен дел од својата „Историја“ Херодот пос­ветил и на Македонија. Деталните описи што тој  ги дава во врска со некои сегменти од тогашниот живот на Македонија, како што се: опис на живеалиштата во Македонија, детален опис на топони­мијата, па дури и спом­нување на некои видови езерски риби во Маке­до­нија и други слични поединости, претставуваат инди­ција за да се тврди дека Херодот и навистина прес­тојувал во Македонија. Еден од најпознатите денеш­ни научни авторитети за античка Македонија, амери­канс­киот профе­сор д-р Еуген Борза сме­та дека податоците што ги наведува Херодот во врска со поста­рата исто­рија на Македонија, самиот ги запишал за време на својот престој во нашата земја. (D-r Eugen Borza: "In the Shadows of Olym­pus, The Emergence of Macedon", Princeton Univercity Press, Princeton, New Jersey, ISBN 0-691-05549-1, USA, 1990).

Кога сме кај  Херодот некои делови од неговата „Ис­то­рија“ денес се користат од грчките и прогрчки нас­трое­ните автори како „доказ“ дека античките Mаке­донци (или барем владетелите од династијата на Арге­а­дите на која припаѓале Филип и Александар) наводно биле „Грци“. Еве еден од тие делови. Херодот пишува:

Хелените... под водство на Дорус, синот на Хе­лен, се преселиле во областа на подножјето на Оса и Олимп, што се вика Хистеотис, но биле принудени да се повлечат од тој регион од Кадмеј­ците, па под името Македни се преселиле близу Пинд. Но, оттаму уште ед­наш биле преселени, од каде заминале за Дриоп, а од Дри­оп навлегле во Пело­понез каде станале познати под името Дорци“. 

Во овој пасус Херодот имплицира дека наводно Македонците биле ист народ со Дорците (едно од ос­нов­ните племиња од кои биле составени старите Грци). Меѓу­тоа, во продолжение Херодот си опонира самиот на себе, па одделно ги спомнува Македонците и Дорците како два посебни народа. Кога пишува за етничкото потекло на војниците кои учествувале во грчката флота во одбрана против Персија, тој одделно ги спомнува Македонците и Дорците. Овде читаме:

„Ова беа народите од кои се состоеше Грчката флота. Од Пелопонез беа: Лакадемонците со шест помали бродови, Коринтјаните со ист број како кај Артемизиум, Сикионците со петнаесет, Епидаури­јанците со десет, Троезијанците со пет и Хермио­ни­јан­ците со три. Сите тие беа Дорци и Маке­донци (ос­вен оние од Хермионе), кои беа  емигрирани од Еринеј, Пинд и Дриоп“.

Грчките и прогрчки настроените историчари ко­рис­­тат уште една епизода од Херодот како поткрепа на своите ставови.Се работи за опис на состојбата кога пред реша­вачката битка помеѓу Персијанците и Грците, Алек­сандар Први Македонски (кралот на Македонија, вла­деел од 498 - 454 пред Христа) дошол во грчкиот камп за да ги извести Грците за местоположбата на Пер­­сијанците (иако пред тоа соработувал и со нив). Овде читаме:

Александар, синот на Аминта, крал и водач на Маке­донците дојава на коњ во кампот на Атињаните и побара да зборува со генералите.“

Во продолжение читаме дека Александар им го кажал следното:

Атињани... Ако не ја имав во голема мера во моето срце општата благосостојба на Грција, нема­ше да дојдам и да ви се обратам, но јас самиот сум Грк по потекло и не сакам да ја видам Грција како ја заменува слободата со ропство“.

Потоа почнал да им дава информации за Перси­јан­ците. На крајот рекол:

Јас сум Александар од Македонија.“

Грчката историографија и пропаганда ги користи овие записи од Херодот  да докажува пред светот дека Македон­ците биле „Грци“ или дека барем такви биле нивните крале­ви. И навистина, на прв поглед изгледа така. Александар самиот си се прогласил за „Грк“, што значи дека сè е јасно.

Во врска со „грчкото“ потекло на Аргеадите (маке­донс­ката династија на која припаѓале и Филип Втори и Александар Велики) Хе­родот го запишал и следното:

Луѓето од ова семејство се Грци, потомци на Пер­дика како што самите се декларираат и тоа можам да го кажам во склад со моето сопствено знаење... Дека тие се такви, веќе е потврдено од оние кои учествувале на сегрчкото натпреварување во Олимпија. Кога Александар посакал да учествува на игрите и кога дошол во Олимпија, Грците го напад­нале и сакале да го исклучат од нат­преварите велејќи  дека само Грци можат да се нат­пре­ва­руваат, а не и барбари. Но, Александар им докажал дека е Аргивец, по што бил  прогласен за Грк, па бил внесен во списокот на тркачи...“

На прв поглед се чини дека и овде се е јасно. Алек­сандар Први самиот себе си се прогласил за „Грк“ и затоа бил прифатен да учествува на грчките олим­писки игри на кои било дозволено да учествуваат само Грци.

Но, ако се направи подлабока анализа на сите овие записи од Херодот, ќе се согледа дека ра­бо­тите не се сосема така едноставни како што на прв пог­­лед изгледаат.

Најнапред ќе ја разгледаме изјавата на Алек­сан­дар дадена во грчкиот камп. Ќе го проанализираме  историскиот кон­текст во кој била дадена оваа изјава.

Во тоа време се водела грчко-персиската војна во која моќната Персија војувала против исто така моќните обеди­нети грчки сили. На чело на Македонија се наоѓал спом­натиот Александар Први Македонски. Тогаш Маке­донија била воено слаба и економски неразвиена др­жава. Таа се нашла среде оваа жестока војна помеѓу двете моќни завоју­вани страни, па Алексан­дар Први бил во речиси безизлезна состој­ба. И Персија и грчките сили можеле лесно да ја освојат слабата Македонија само доколку насетеле дека таа се приближува кон спротивната страна. Затоа Александар вложил огромни напори да ја зачува својата држава. Тој декларирал неутралност, но кришум им давал позитивни сигнали и на Персијанците и на Грците - само за да не ја гибаат Македонија. Така, на пример, својата сестра Гигеја ја дал за жена на персискиот војсководител Бубарес, а исто­времено им давал довер­ли­ви информации и на Грците. Сепак, ноќта спроти решавачката битка кај Пла­теја (479 год. пред Христа) Александар отишол во грчкиот камп и децидно се ста­вил на страна на Грците давајќи им инфор­­мации за место­положбата на Пер­сијанците. Веро­­јатно проценил дека Грците ќе ја добијат таа битка (па и целата војна), па затоа отишол во нивниот камп за ја придобие нивната накло­ност (посеб­но за времињата што следувале по завршувањето на вој­ната). Ете тогаш тој се претставил себеси како божемен „Грк“.

Ваквата теза за лажното прикажување на Алек­сан­­­дар како „Грк“ само за да ги придобие Грците да не ја гибаат Македонија откако ќе ги победат Персијан­ците, ја застапу­ваат повеќе современи историчари. Еден од нив е спомна­тиот американски историчар д-р Еуген Борза. Во својата веќе спомната книга Борза со право поставува неколку прашања. Имено, тој прашува: ако Александар и навистина бил „Грк“, зарем Грците не би го знаеле тоа однапред? Зарем тие не знаеле дека македонската династија е „грчка“, та тој морал тоа да им го докажува? Напротив, тие тогаш сосема добро знаеле кои се нивни сонародници, а кои не (посебно во вре­мето на војната со Персијанците, која всушност била меѓу­етничка војна). Зошто имало потреба тој ним да им го потенцира своето наводно „грчко“ потекло? И зошто ниту еден Атињанин, Спартанец или друг вистински Грк никогаш пред останатите Грци не го докажувал своето грчко потекло?

Се поставува прашањето и зошто Грците отпрвин му забраниле на Александар Први да учествува на Олим­пис­ките игри прогласувајќи го за „барбарин“? Ако тој бил „Грк“ тие веднаш би го препознале својот „сона­родник“, а не да го прогласуваат за „барбарин“ (човек кој не зборува грчки).

Борза во својата книга (стр. 112) пишува:

Приказната на Херодот изобилува со премногу  теш­ко разбирливи податоци, кои немаат никаква смисла“.

Откако прави анализа на нелогичностите во при­каз­ната на Херодот за наводното учество на Алек­сан­дар Први на Олимписките игри, Борза заклучува дека:

Најдобро е оваа приказна да се игнорира. Оваа при­каз­на е од иста категорија како приказната за Александар кај Платеја“.

На исто мислење се и историчарите Макан (Macan), Хау (How) и Велс (Wells). Спомнувајќи ги овие авто­ри Борза пишува дека и тие сметале дека тврде­њата за наводното себе­декла­рирање на потомците на Пердика е „слаб доказ за нивното грчко потекло“.

Што се однесува до себедекларирањето на Алек­сан­дар како „Грк“ пред битката кај Платеја, Борза вели дека тој тоа го направил заради политички причини (кои веќе ги објас­нивме), па во врска со тоа  пишува:

„Инстистирањето дека Александар е Грк и по­томок на Грци е во спротивност со самиот Херо­дот 7.130, кој ги спомнува Тесалијците како првите Грци кои потпаднале под персиска власт, со што Херодот потврдува дека Маке­донците биле негрчки народ.“

И понатаму:

Обајцата Херодот и Тукидид ги третираат Маке­донците како странци, далечен народ што живеел вон границите на грчките градови-држави.“ (стр. 96).

Во продолжение Борза заклучува дека Алек­сандар се­беси се декларирал како „Грк“ исклучиво за да се интегрира себеси во грчкиот свет по победата на Грците над Персија. Тој вели дека приказните за него­вото грчко себедекларирање треба целосно да се игно­ри­раат бидејќи претставувале из­блик на неговата то­гаш­на пропаганда, чија крајна цел, ре­ковме, дека била да ја одржи својата слаба држава.

На исто мислење во врска со сторијата на Херодот е и познатиот американски историчар Питер Грин (Peter Green). Тој пишува:

Се што всушност вели Херодот е дека самиот Алек­сандар го прикажал своето аргивско потекло преку крајно сомнителни тврдења...“

Грин пишува дека Александар бил признат како „Грк“, но тоа наишло на силно спротивставување од стра­­­­на на Грците кои биле организатори на Олим­писките игри (Peter Gre­en"Classical Bearings", p.157).

Познатиот историчар Е. Бадијан дава  слично толку­вање на сторијата на Херодот за наводното „грчко“ потекло на Аргеадите. Тој пишува дека влијателните Грци донеле теш­ка одлука да го признаат Александар како „Грк“, но дека за­­ради тоа имало протести среде останатите учесници (Грци) на Олимписките игри:

Имало жестоки протести од страна на дру­гите учесници кои го одбиле учеството на Алек­сан­дар Први, наре­ку­вајќи го барбарин...“ (Ernst Badian: "Stu­dies in the History of Art Vol. 10: Macedonia and Gre­ece in Late Classical Early Hellenistic Times").

Тој заклучува дека одлуката за учество на Олим­писките игри од страна на Александар Први била поли­тичка, а не фактичка, што значи дека Александар Први заради собирање политички  поени себеси се претс­та­вил како „Грк“ (и притоа  бил принуден да го „докажува“ таквото „свое“ по­текло), по што (од страна грчките авторитети) бил признат за „Грк“ и му било дозволено да учествува на игрите, што пак, предиз­викало силни протести кај останатите учесници - вис­тински Грци, кои се побуниле зошто на еден барбарин (не-Грк) му било дозволено да учествува заедно со нив. Бадијан потсе­тува дека подоцнежните антички истори­чари сосема јасно го определувале Александар Први како „Фил­хелен“ (за што во продолжение ќе пишуваме).

Слично пишува и германскиот историчар Улрих Вил­кен:

"Александар Први Македонски чувствуваше сим­па­тии кон Грци­те и са­ка­ше да учествува на Олим­писките игри, на кои само Хеле­ните имаа прис­тап, но прво беше одбиен како барбарин, па мораше да го докажува педиг­рето на сво­јот дом, Аргеада, на Тераклид Темен од Аргос, по што беше при­мен како натпреварувач. Отто­гаш кралевите на Македонија имаа трет­ман на Хелени, но, како  и порано, та­ка и потоа, нивниот народ беше сметан ка­ко бар­барски". (Улрих Вилкен: "Алек­сан­дар Македонски", 1931 год., во превод на македонски, Скопје, 1988 г. стр. 54).

Значи, учеството на Олимписките игри на Алек­сандар Први  воопшто не одело така лесно и било до­зволено дури по неговото упор­но инстистирање и тоа со строго ограни­чување, спо­ред кое, само македон­с­ки­те кралеви можеле да учеству­ваат на Олим­­писките игри, додека нивниот на­род (Македонците) и натаму оста­­­на­ле да бидат третирани како инаков на­род (барбари).

Историчарот Артур Вајгал со право  сме­та  дека и на тогашните Грци им одговарало да го признаат Александар Први (но само него, а не и маке­донскиот народ!) како "Грк", заради тоа што Ма­­кедонија им била потребна како евенту­а­лен сојузник про­тив континуира­ната закана од моќната Персиска империја. (Поде­тално кај: Артур Вајгал: "Алексан­дар Маке­донс­ки", во превод на македонски, Скопје,1992).

Ако ниту овие докази не се доволни, тогаш пак ќе го цитираме самиот Херодот. Додека тој од една страна пишува дека самиот Александар себеси се декларирал како „Грк“, од друга страна истиот тој Херодот (8.142) пишува дека Спар­тан­ците Грци го оквалификувале Александар Први како „недо­верлив странец“.

Голем доказ за лажното претставува­ње  на Алек­сандар како „Грк“ е и фактот што тој од страна на Гр­ците (от­ка­ко им помогнал со информации да ги победат Пер­си­јанците) бил прогласен за „Филхелен“ (пријател, т.е. љубител на Грците), а таквите титули им се доделу­вале само на странци, т.е. не-Грци, кои правеле добри дела кон Грците.

Нам денес овие работи ни изгледаат не сосема раз­бирливи, но во тоа време тој морал така да се однесува за да ја зачува својата (во тоа време слаба) држава. И успеал во тоа. Ја зачувал Македонија, која по само неколку генера­ции, воено ги освоила и грчките територии целата Персија. 

Да заклучиме дека и покрај контроверзните инфор­мации, сепак и кај Херодот се среќаваат јасни докази дека Македонците не биле Грци. Ова се гледа не само во него­вото спомнување на Тесалијците (Грци) како прв грчки народ што Персијанците го освоиле (иако пред тоа тие поминале и низ Македонија, што значи дека Херодот не ги сметал Маке­донците за Грци), туку и во детерминирањето на Александар Први Македонски од страна на Спартанците како „недовер­лив странец“.

38 и 39 епизода (споени во една епизода) може да се видат на:

https://www.youtube.com/watch?v=RN528gFpM1w

40 епизода  може да се види на:

https://youtu.be/bJ2lXyT491Q

Сите останатите епизоди, можете да ги погледнете на посебниот канал на Јутуб:

https://www.youtube.com/channel/UCJnd4_NuUyQQZfbMqom64kQ

Документарен филм со дел од дејноста на авторот Александар Донски можете да погледнете на:

https://www.youtube.com/watch?v=5S26QOz71gU&t=1535s

herodot
Хеородот

 

На прво место

News image

Премиерна изведба на најновото драмско дело на Стефо Нанцу

Минатиот четврток во просториите на Центарот за уметност во Бенкстеон, предградие на Сиднеј, се одрж...

Историја

News image

Српска пропаганда во Македонија

Српската пропаганда е разгранет систем за ширење на српското национално чувство, култура, јазик, иде...

Иселеници

News image

Солунските атентари и нивната улога за ослободување на Македонија (5)

По 29 април 1903 година друг еден настан ја возбудил Макед...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна (1)

Научната експедиција во Македонија и Поморавија за време Првата светска војна е проект на началникот...

Фељтон

News image

Александар Македонски (2)

Сакаме да ги информираме читателите на „Македонска нација“ дека продолженијата „Алек...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.