Среда, 26 Септември 2018    PDF Печати Е-пошта
Алтернатива за Македонија

altСовет за безбедност на ОН

Алтернатива за Македонија

До:
Неговата екселенција Доналд Трамп, претседателот на САД,
Неговата екселенција Владимир Путин, претседател на Руската Федерација,
Неговата екселенција Си Џинпинг, претседател на Народна Република Кина,
Нејзината екселенција Тереза Меј, премиерка на Велика Британија,
Емануел Макрон, претседател на Република Франција,
Антониу Гутереш, генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации.

Ваши екселенции,

Ви се обраќаме вам лидери на државите, постојани членки на Советот за безбедност, и вам генерален секретар на Обединетите нации, да се застапите за почитување на рамноправноста, сувереноста и уставното име и на нашата држава Република Македонија (како на сите други држави-членки) во Организацијата на Обединетите нации. За да му почитува и на македонскиот народ самоопределувањето и самоименувањето со своето народно историско име, со името на земјата Македонија.
Република Грција одби да ја признае нашата држава под нејзиното уставно име Република Македонија; не ја призна и не ја признава пресудата на Меѓународниот суд за правда за спорот што таа го предизвика, континуирано врши жесток притисок, наметнува блокади за нејзина изолација и дестабилизација, опасно и за безбедноста на Балкан. Апелираме да се застапите за целосно спроведување на наведената пресуда и за замена на привремената референца за нашата држава во Обединетите нации со уставното име Република Македонија. Име под кое е признаена од повеќе од две третини од државите-членки на ООН, меѓу кои и повеќето од вашите држави (САД, Руската Федерација и НР Кина). Така ќе се затворат прашањата од вашите резолуции 817 и 845.

Деценискиот спор останува нерешен и нерешлив. Единственото праведно и трајно решение е признавање на Република Македонија со статус на НЕУТРАЛНА ДРЖАВА на Балканот, со можност за стапување во членство на Европската Унија. Само тогаш и само така ќе се затвори отвореното македонско прашање, по што нашата мала држава Република Македонија ќе може слободно да се развива и да придонесува за регионалната безбедност, што е во интерес на сите на Балканот, во поширокиот регион и во Европа.

Ви се обраќаме уште и да информираме дека актуелната (наметната) влада на нашата држава, на партијата СДСМ, се отуѓи од мнозинството на својот народ. Во сојуз со партиите на албанското малцинство, поддржувана од инволвираните надворешни фактори, договори менување на Уставот на Република Македонија за промена на уставното име на државата, деноминација на македонскиот народ и на нацијата. Преседан непознат во историјата на Европа едно малцинство да ѝ го смени името на државата, да го деноминира државотворниот мнозински народ, што е преседан со извесни далекосежни импликации.

Како што и вам ви е познато оваа влада во таканаречените преговори со Грција за наметнатиот спор за името, учествуваше не како влада на суверена држава со свое уставно име, ниту под привремената референца, туку како влада на провинција – „втора страна“. „Молеше“ и „издејствува“ Владата на Грција да се смилува да прифати создавањето на „новата“ држава, таа да ѝ го определи името и уставното уредување. По постигнатата „согласност“ го потпиша текстот на спогодбата (што ѝ беше ставен на маса) за „создавање“ држава „Република Северна Македонија“. Со одредбите во спогодбата во Уставот на „Република Северна Македонија“ се брише македонскиот народ, останува мнозинското население без својот национален идентитет (се создава нов ентитет на „Македонци и Македонки“ – граѓани на Република Северна Македонија) и национални малцинства.

Напоменуваме дека е прашање на не толку далечно време, кога македонскиот народот самиот ќе ги среди и уреди работите во својата државата.

Аргументи
Ваши екселенции,
Македонскиот народ континуирано од 80-тите години на 19 век (од времето на големата источна криза) ја започна својата оружена борба за ослободување и самостојна држава под национално знаме со впишано народносно и историско името Македонија. Пред 140 години (на Берлинскиот конгрес) при одлучувањето за мирот и повоениот поредок на Балканот, македонското прашање беше оставено нерешено за одржување на контролирана нестабилност во регионот од посебен стратегиски интерес.

Во 1903 година, по сенародното оружено востание за ослободување и за создавање автономна држава Македонија заинтересираните европски фактори интервенираа за воспоставување на мирот со провизорни реформи за задржување статус кво. Во исто време покровителствуваните балкански држави: Грција, Бугарија и Србија беа поддржувани, вооружувани и инструирани за војна за завладување и поделба на Македонија.

Со Балканските војни Македонија беше окупирана и поделена, македонскиот народ распарчен. По нецела година започна Првата светска војна на Балканот. Борбено способниот дел од народот беше присилно мобилизиран во армиите на државите-окупаторки. На македонската територија беа концентрирани повеќе од 1.200.000 војници на војувачките држави. За време на шесте години последователни војни од 1912 до 1918 година, Македонија беше и буквално опустошена, разорена, а отпорот оневозможен.

Пред крајот на војната, со објавувањето на Мировната програма од „14 точки“ на претседателот на САД, Вилсон, за повоеното уредување на Европа со примена на принципот за право на народите на самоопределување и самостојна државност, привремено му се врати надежта и на македонскиот народ за слобода и за државна самостојност. Американскиот експертски тим, по направената експертиза на Букурешкиот договор, извести дека истиот тој не може да претставува основа за решавање на „балканскиот проблем“.

Но, прокламираниот принцип за право на народите во Европа на самоопределување на Мировната во Версај, во 1919 година, беше применет селективно. Македонските барања беа игнорирани. На македонскиот народ не му беше признаено правото на самоопределување и државност. Македонија беше поделена и доделена на балканските држави Грција, Србија и Бугарија.

Поделбата на Македонија беше историска грешка со далекосежни опасни последици за мирот на Балкан и во Европа. Версајскиот мир остана само привремен, а воспоставениот поредок на Балканот неодржив.

Грција ја операционализира својата националшовинистичка политика, утврдена со грчката национална доктрина (претставена со грчката „Голема идеја“) за менување на етничкиот карактер на анектираниот дел од Македонија, преименуван во Северна Грција. Систематски спроведуваше жесток терор врз македонскиот народ; протерувања, забрана македонското име, присилно грцизирање на македонските лични и фамилијарни имиња, драконски казни (затвор, претепувања и интернирања) за говорење на македонскиот јазик дури и во домот, во семејството, одземање на земјата и колонизирање со Грци, промена на топонимите и др., геноцидна политика спроведувана од почетокот на 20 век.

Во 1925 година, по интервенцијата од Друштвото на народите, кое ги прифати македонските барања (од македонските друштва и организации), Владата на Грција официјално го призна постоењето на македонско национално малцинство и се обврза на обезбедување и остварување на малцинските права. Владата отпечати буквар – АБЕЦЕДАР за образование на македонски јазик во училиштата во егејскиот дел на Македонија. Како потврда на тоа депонира примерок од букварот во седиштето на друштвото, во Женева. Признавањето беше потврдено дополнително со службено писмо од грчкиот дипломатски претставник во Друштвото на народите Василис Дендрамис (од 10 ноември истата година) до директорот на Одделението за малцинствата при Секретаријатот на друштвото Ерик Колбан. Со тоа Грција даде свој придонес за меѓународно легитимирање на македонскиот јазик, народ и нација. Но набргу, кога притисокот престана, Грција се откажа од преземената обврска и се врати на својата геноцидна политика во анектираниот дел од Македонија.

Отпорот продолжуваше континуирано во сите делови на окупирана Македонија.
На почетокот на Втората светска војна поделена Македонија пак беше делена и поделена од фашистичките држави: Бугарија, Италија и Германија.

Македонскиот народ им се присоедини на антифашистичките сили во општиот антифашистички фронт. Во вардарскиот дел, за нецели четири години сенародна оружена борба, создаде своја армија и се ослободи со сопствени сили, безмалку една година пред завршувањето на војната во Европа. На 2 август 1944 година македонскиот национален парламент – Собранието, со учество на пратеници од сите делови на Македонија, го објави создавањето на македонската држава – самостојна демократска Македонија.

Мисиите на САД, СССР и Велика Британија на заседанието на Собранието го поздравија создавањето на македонската држава. Водачот на воената мисија на САД мајорот Дикинсон пред македонските пратеници изјави: „Среќен сум што гледам една нова држава, која се ослободи од фашизмот и започна со своето изградување. Жалам што не можам да ви ги пренесам поздравите на вашиот јазик“. Претставникот на руската воена мисија Инков кажа: „Македонскиот народ се справи со задачите што стоеја пред него во врска со уништувањето на големиот непријател на прогресивниот свет – фашизмот“, а британскиот претставник мајорот Милер: „Многу сум среќен што можам да ја видам Македонија слободна. Јас со вас бев во шумите околу седум месеци и лично сум уверен дека жртвите што вие ги дадовте во борбата се големи. И јас како и мајорот Дикинсон жалам што не можам да ве поздравам на македонски јазик“.

Демократска Македонија како самостојна суверена држава (со свој парламент, устав, влада, армија, државни симболи знаме и химна) влезе во сојузот со суверените држави (Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина) Југословенската Федерација, со уставно загарантирано право на отцепување и независност. Како суверена држава Македонија се претстави на Мировната конференција во Париз 1946 година со свој претставник (Димитар Влахов) во составот на Југословенската делегација. На Париската конференцијата се поведе расправа за македонското прашање, но беше оставено нерешено.

Владата на Грција за време на Граѓанската војна (1946-1949 година) изврши нов геноцид врз македонскиот народ, десетици илјади Македонци, повеќето жени и деца беа протерани.

Македонското прашање во Грција и во Бугарија беше отворано и се спореше за целиот период на постоењето поранешна Југославија.
На почетокот од распадот на југословенската сојузна држава и Македонија го употреби своето уставно право (загарантирано со својот Устав и со Уставот на сојузната држава) за мирно државно осамостојување. На референдумот во 1991 година, со апсолутното мнозинство од сите нејзини граѓани, се прогласи за самостојна и независна суверена држава Македонија.

Република Македонија од позиција на самостоен државноправен субјект во меѓународните односи, за да превенира проблеми со Грција, објави дека „строго ќе го почитува принципот на неповредливост на границите, гаранција за мирот и стабилноста во регионот.., дека нема територијални претензии спрема која било држава во соседството“. И тоа не ја задоволи Грција, која не сакаше и не сака на нејзината граница да постои држава Македонија. По нејзино барање во декември 1991 година на Република Македонија ѝ беа поставени дополнителни услови за признавање на државната независност. Условено државното раководство издејствува измени во Уставот. Со амандмани прифатени од Собранието (на 6 јануари 1992 година) се откажа од легитимното право да води грижа за положбата и правата на македонското малцинство во соседните држави, вклучувајќи ја и Грција.

Само по неколку дена, на 15 јануари, Арбитражната европска експертска комисија, под претседателство на францускиот правник Бадентер, извести дека Република Македонија ги исполнува сите услови за меѓународно признавање за независна држава под нејзиното уставно име, дека името не имплицира на територијални претензии.
Нашето државното раководство во почетокот на 1993 година прифати, без знаење на македонскиот народ и сите граѓани на државата, признавање на независноста на државата под привремената референца „Поранешна Југословенска“ Република Македонија и побара прием во ООН, без ограничување на времетраењето на референцата. На 8 април 1993 година Република Македонија беше примена во ООН под таа референца со дополнителен посебен услов, каков што не ѝ беше поставен на ниту една држава при нејзиното зачленување, да разговара со Грција (под медијаторство на претставник на ООН) за име на нашата држава.
Грција продолжи со жестокиот притисок, закани со демонстрација на сили, повреди на воздушниот простор, економска војна и целосна блокада. Во 1995 година Грција, по интервенција од САД, прифати и потпиша со Република Македонија Привремена спогодба со која се обврза да не го попречува зачленување на Република Македонија во меѓународните организации, под услов таа – „втората страна“, да го смени државното знаме. Република Македонија го смени државното и национално знаме, а Грција не ја ратификува потпишаната спогодба, не ги призна преземените обврски, го блокира нејзиниот прием во НАТО и во ЕУ. Не ја призна и не ја признава ниту пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Грчката влада на Ципрас продолжи со политиката на условувања и уцени. Нашата актуелна влада на Зоран Заев прифати и потпиша спогодба со Република Грција со која се обврза да го смени уставното име Република Македонија и да го замени со Република Северна Македонија, со далекосежно погубни последици за македонскиот народ и нација.

*
Од изложеното е непобитно дека немаше, нема и нема да има трајна безбедност на Балканот со непризнавање на нашата држава под нејзиното уставно име Република Македонија, со непризнавање на елементарното право македонскиот народ на самоопределување и на самоидентификација со своето народносно историско име, со името на својата земја Македонија, за кое многу генерации Македонци со децении ја пролеваа својата крв и ги положија своите животи.

Македонскиот народ со децении негиран, окупиран, делен, жестоко тероризиран, денационализиран и асимилиран од соседните држави, сега членки на НАТО и на ЕУ, опстои и се избори за самостојна независна држава. Извесно е дека нема и не може да има смирување, ниту членството на Република Македонија во НАТО и во ЕУ. И при присилно присоединување на „Северна Македонија“ во НАТО македонското прашање не се затвора. Со време одново ќе се појави со сета сложеност и опасност за регионалната безбедност и за мирот во Европа. Наметнуваната состојба е неодржлива.
Уште еднаш напоменуваме дека единствено трајно решение во општ интерес е членството на Република Македонија во Обединетите нации под уставното име и признаен статус на НЕУТРАЛНА ДРЖАВА на Балканот, со можност за стапување во членство во Европската Унија.

проф. д-р Михајло Миноски
проф. д-р Тодор Чепреганов
проф. д-р Мишо Нетков

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/%D0%B0%D0%BB%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0/

 

На прво место

News image

Во Европа државата се бори против криминалот, само во Македонија криминалот и криминалците се држава

Протест на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани: „Мора да ги избркаме од Владата криминалците ако сакаме во Евро...

Историја

News image

Во есента на 1943 година се формира Иницијативен одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ

Воените и политичките успеси во 1943 година го забрзаа развитокот на органите на народната власт, та...

Иселеници

News image

НОВ ПАТ КОН АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА

“МОЈАТА ОМИЛЕНА ПРИКАЗНА” И ОД “БУКВА ДО БУКВА АЗБУКА” Н...

Култура и туризам

News image

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (20)

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (20) МОЛИТВЕНИ ТЕКСТОВИ – МОЛИТВА КОН СВЕТА...

Фељтон

News image

Александар Македонски (61)

Александар Македонски (61) КОВАНИТЕ ПАРИ НА АЛЕКСАНДАР ВО АНТИЧКАТА МАКЕДОНСКА ИМПЕ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.