Четврток, 07 Март 2019    Печати
Промената на имињата на институциите е доказ дека идентитетот е целосно променет

Прес конференција за медиуми на Дарко Костовски-ВМРО-ДПМНЕ

Македонија и Македонците го губат институционалниот идентитет како вовед во губењето на националниот идентитет. Предупредувавме дека со капитулацијата на Зоран Заев е загрозен идентитетот и сега гледаме како во пракса се брише се што е македонско.

Зоран Заев тврдеше дека идентитетот е зачуван. Премиерот велеше дека останува придавката македонски. Спротивно на се што зборуваше Заев, деновиве сме сведоци на бришење на придавката македонски/македонска од државните институции.

Владата објави листа со над 136 институции, кои добија нови имиња. Со промената се бришат придавките македонски/македонска, па така „Македонската радио телевизија“, станува „Национална радио телевизија“, „Македонската информативна агенција“, „Национална информативна агенција“, ЈП „Македонски шуми“, станува ЈП „Национални шуми“, додека „Македонски пошти“, по преиуменувањето на Заев е „Национална пошта“.

Новите имиња на институциите може да предизвикаат проблем и во меѓународната комуникација на истите, тие не кажуваат чиви се и на која држава.

Чив јавен сервис е „Националната радио телевизија“? На која држава? На која земја е ЈП „Национални шуми“? Ова е една целосна конфузија и понижување за сопствената нација приредено од Зоран Заев, човекот кој две години ништо не направи освен што ја понижува сопствената држава.

Промената на имињата на институциите е доказ дека идентитетот е целосно променет. Зоран Заев ја лажеше македонската јавност кога го тврдеше спротивното.

Промената на институционалниот идентитет е најголемо понижување за една нација, бидејќи со тоа таа го губи правото внатре во својата држава да се декларира како што и се чувствува и како што треба. Промената на имињата е изнасилена и наметната.

Доколку е зачуван институционалниот идентитет и доколку придавките македонски/македонско остануваат, зошто сега се менуваат називите на институциите? Дали Зоран Заев се договорил зад затворени врати и нешто повеќе од тоа што првично тврдеше?

Господине Заев, што уште не очекува, уште колку понижувања ќе треба да голтнат граѓаните?

Понижувањата мора да запрат. Република Македонија мора да застане на нозе. СДСМ да замине, единствен начин за тоа е победа на претседателските избори, што ќе биде главна причина за распишување на предвремени парламентарни избори за промена на оваа власт.