Недела, 30 Јуни 2019    Печати
Апсења за дефокусирање од рекетот, криминалот, неработењето и предавствата на власта

GruevskiНикола Груевски

Апсења за дефокусирање од рекетот, криминалот, неработењето и предавствата на власта

“Со што и да ја покриваш нечистотијата, таа сепак останува нечистотија.“ Фјодор Достоевски

Вчерашното апсење како и сите претходни кон лица од опозицијата се политички нарачани и фабрикувани од СДСМ. Во исти манир како нивните комунистички предци по 1945-тата.

1. Ниту некој им верува ниту самите си веруваат дека ќе направат некој сериозен економски пресврт до следните избори како што најавија. Без подлога, еднократно во изборна година ќе зголемат плати во администрацијата, пензии, социјална помош и по некоја субвенција и горе долу тоа ќе е сѐ од “економските реформи и лекцијата по економија”. Таквите покачувања во многу потешки времиња, но со обмислена економска политика ние ги правевме на редовна база, плански, со точни пресметки и најавено со точни датуми неколку години однапред. Ова ќе биде ад хок, стихиен и очаен обид за собирање поени пред избори, па одкако ќе ги изгубат новата власт нека се снаоѓа.

Затоа како и претходно со старите удбашки методи се оди на нови и нови прогони, измислени кривични дела, фабрикувани случаи, апсења и изживувања.

Пренатрупани со афери, влегувајќи од грешка во грешка, се трудат со апсењата да постигнат два ефекти: првиот, да ја дефокусираат јавноста од секојдневните крупни и несватливи дури и за мали деца грешки и глупости кои актуелната влада ги креира секојдневно, да дефокусира од предавствата на националните интереси, непотизмот, неработењето, рекетот и криминалите со кои се преокупирани, и втората, да покаже некаква сила и важност со што всушност ги лечат своите комплекси и фрустрации од неуспесите на секое поле, освен сервилноста кон соседите каде што се покажаа многу “ефикасни”.

Има и трета, ама таа веќе не поминува кај народот: демек спроведуваат правна држава, во која тие се чесни, а опозицијата - криминалци и корумпирани.

Прочитани се веќе од сите, па дури и од нивните гласачи по тоа прашање.

2. Но дали знаете всушност зошто се уапсени оние 10-тина лица вчера?

Некаде прочитав немало аргументиран одговор. Па како ќе има кога тие што можат и знаат да аргументираат неправедно ги пикнаа во притвор токму за да не аргументираат пред јавноста.

Поранешната влада која ја предводев меѓу другото водеше политики кои создаваа сериозни растови во економијата дури и во години на светски, европски и домашни политички кризи.

Тие растови на економијата отворија 180.000 нови работни места што бројот на луѓе во Македонија кои се вработени го накачи од 560 на 740 илјади, пркосејки на многуте кризи кои ги набројав, а кои се погодија во нашиот мандат.

За таквото нешто спроведовме многу нови мерки и политики.

Една од мерките беше поттикнување на градежништвото, како јавното, така и приватното, како еден од сегментите кои го унапредуваат економскиот раст, но и растот на многу други гранки и отвораат нови работни места. Сектор кој влијае за унапредување на туризмот, индустријата, угостителството, земјоделството, услужните дејности и воопшто, на приватниот сектор, бидејќи секој нов изграден објект значи и нов бизнис, а најчесто освен привремените градежни работи значи и отворање на трајни нови работни места во ново изградените објекти, што и да се тие: хотели, трговски центри, деловни канцеларии, фабрики, земјоделски откупни центри, итн.

3. На почетокот на мандатот, како што пред изборите ветивме го сменивме законот и со новиот Закон, државна земја веќе можеше да се продаде само преку јавна лицитација со јавно електронско наддавање. Малку подоцна заради поттик на градењето се донесе закон со кој почетната цена може да биде 1 евро за метар квадратен, па потоа пазарот преку јавна електронска лицитација да ја одреди реалната пазарна цена во моментот, наместо тоа административно и субјективно да го прави државата.

Претходно, сите влади на Македонија продаваа исклучиво со директна спогодба по цена по договор и “лабави” правилници со ниски цени. Министерот за транспорт “во четири очи” со кој тој сака бизнисмен ја продаваше државната земја по ниски цени и тоа беше поле кое креираше многу можности за корупција.

Така на пример земјата за каде се изгради Рамстор во строгиот центар на Скопје некаде во 2003-тата се продаде по 25 евра квадрат со директна спогодба, а имаше и многу други такви “легендарни” зделки “во четири очи” без наддавање и уште сето тоа и со законска поткрепа. Такви закони сакаше СДСМ - такви имаше.

Затоа и сите претходни влади имаа афери за истото, ама не и судски, проблеми бидејќи законски си беа направиле да може да се продава државната земја со “договор во четири очи”.

Токму министерот Миле Јанакиески во 2006-тата го бранеше во парламентот новиот закон, со кој се стави крај на претходното “елдорадо” со државно земјиште.

4. Потоа детектиравме дека при продажбата на државна земја преку лицитација, земја на која некој би изградил нов објект од горе наброените можни области, некогаш има многу конкуренти и се достигнуваа многу повисоки цени, а некогаш само еден па цената остануваше пониска, односно еднаква на почетната.

Не само што ќе беше пониска, но забележавме и дека некои бизнисмени кои имаат повеќе слободни пари чекаа и купуваат баш такви локации, но потоа не градеа, ги купуваа за да ги чуваат за понатаму, можеби по десет или повеќе години одкако ќе завршат со некој штотуку почнат инвестициски циклус, или пак “кога ќе порасне синот”, а некои да остават и за внучето. “Ефтино е, нека се најде.”

Владата не беше задоволна од тоа и сакаше да ги поттикне оние кои купуваат државно земјиште во одреден рок да се обврзани да ја почнат градбата и да ја завршат исто така во законски одреден рок. Побрзо да се изградат нови фабрики, хотели, болници, деловни центри, откупни земјоделски центри итн. а не да стои празно неизградени најчесто пејсажно неуредено земјиште.

Или пак, ако не планираат да градат нека не купуваат, па ќе има втора, трета итн. лицитација, ќе се анимираат други, домашни и странски инвеститори, и така да се создадат услови за поголем број градби и отворање нови бизниси и работни места во разумен и реален рок, а со тоа и раст на економијата, извозот, повеќе туристи итн.

Од тие причини се предложи и усвои закон со кој новиот сопственик на државното земјиште ќе има рок да гради или истото ќе му биде одземено, а парите вратени, за да се овозможи ако не гради тој, некој друг да гради. Ако некој сака да си купи земја за вчера роденото внуче, нема проблем, има приватни локации за продажба во изобилие и таму нема рокови.

5. Сепак, бизнисот како и животот не секогаш е предвидлив па некои инвеститори ќе купеа земја на лицитација од државата со добар план за навремена градба, но по некое време работите во бизнисот ќе им се искомплицираа и неможеа да ги исполнат роковите.

Вчера упсените десетина лица се уапсени дека направиле некаква, а всушност непостоечка штета на државата бидејќи навреме во законскиот рок не им ги одземале некои 4 локации на тие што купиле и не изградиле.

Не ги знам деталите дали е така или не, и ако е така - зошто е така, но дури и да замислиме дека се е така како што вели власта, се прашувам каде е штетата и зошто апсење и медиумски спектакли за ваква работа.

Ако по закон треба некому да му се одземе земјата бидејќи навреме не почнал да гради, нека му се одземе. Ако владата одлучи потоа пак да ја продаде, нека ја продаде на нова лицитација. Ако пак одлучат да не ја продаваат, во ред.

Зошто ги апсат луѓето? Каква милионска штета направиле на државата што пропуштиле навреме (доколку е така) да им ја одземат на пример во 2015-та или 2016-та година таа неизградена земја на инвеститорите и да им ги вратат парите?

СДСМ е трета година на власт. Зошто не ги уапси и сегашниот министер за транспорт и новите службеници околу него што цели две години го правеле истото што претходно се случило: пропуштиле навреме да го одземат земјиштето и да ги вратат парите на тој кој го купил. Половина од 2017-та, цела 2018-та и половина од 2019-та новите власти не го одзеле земјиштето, а ги апсат оние што порано не го направиле истото. Зошто ако веќе за таква работа се апси, што е апсурд, со Јанакиески заедно не е и Сугарески? Ако доцнел Јанакиески, доцнел и Сугарески.

Која е штетата?

Земјата е тука. Никој никаде не може да ја однесе. Ништо не е променето, изградено или слично. Инвеститорот не направил никаков бизнис и профит со земјата. Решението е едноставно: “одземи ја земјата и затвори го случајот”.

Максимум казна може да е некоја полесна дисциплинска мерка за пропуст на некој службеник или опомена.

Која е добивката за приватниот сопственик од ненавремено раскинатиот договор и одземена земја? Оти, нели, ако државата загубила пари, некој добил. Никава. Дал пари на државата, не изградил ништо. Потоа, порано или подоцна, му се одзема земјата и му се враќаат парите.

Каде е тука криминалот? Кој и од што присвоил пари? Кој што украл?

Зошто е ова изживување со луѓето?

6. Дека е во прашање политичка хајка говори уште една работа.

Зошто е потребно лажење на медиумите од владината и партиска прес служба на СДСМ дека локацијата за објектот до плоштадот Македонија, популарно наречена “шпански скали” била продадена за ниска цена, кога е сосема спротивното.

На јавната електронска лицитација за таа локација постигната е една од највисоките цени во историјата на Македонија.

Три компании со сопственици од три различни држави (Албанија, Бугарија и Македонија) остро и амбициозно се наддавале, се бореле да дојдат до таа престижна локација за која во самиот тендер веќе имаше одредено како треба да изгледа објектот однадвор, бидејќи се работи за објект непосредно до централниот плоштад во главниот град.

Делумно од сеќавање што тогаш ми беше пренесено, делумно од проверка во текот на вчерашниот ден, знам дека на лицитацијата победува фирма на бизнисмен од Албанија за кој дознав дека над 30 години живеел, работел и водел бизнис во Париз, каде заминал како уметник, но набрзо влегол во бизнис и каде имал и своја фабрика за градежни и ентериерни елементи.

Истиот бизнисмен на патот кон аеродромот на Тирана, претходно изградил огромен и многу репрезентативен објект - хотел, од каде подоцна на враќање од посета во Тирана поминавајки покрај хотелот кој беше при крај со градба, од возилото од патот забележав дека повеќе наликува на дворец кој би бил составен дел на дворецот Версај кај Париз, одколку хотел изграден надвор од градот Тирана.

Од она што подоцна ми беше кажано, бизнисменот кој со својата фирма ја купи таа локација подоцна “заглавил” при барање на кредит од банка за градба на хотелот.

А еве и зошто. Сопственикот како што ми беше објаснето планирал, како и повеќето други во слична ситуација, земјиштето кое го купил да го заложи во банка за да добие кредит од банка со кој ќе го гради објектот во комбинација со сопствени средства, а подоцна од приходите на бизнисот на хотелот да го враќа кредитот. Колку што се сеќавам неговата фирма плати на државата околу 1.600.000 евра, за околу 600 квадратни метри локација. Тоа приближно е околу 2.660 евра за еден метар квадратен земја, наспроти на пример 25 евра за Рамстор неколку години претходно во времето на СДСМ.

Но неговиот (или на неговите вработени луѓе) превид бил што незнаеле дека кога државата продава земја со однапред одреден дизајн на објектот кој е составен дел на објавата на тендерот, согласно законот земјата веднаш се заложува кај државата се додека не го изгради објектот, како гаранција дека навистина таков објект ќе изгради, а не некој поинаков, кој на пример би бил и поевтин. Ако се изгради на пример друг многу поевтин, тоа би било еден вид измама кон другите фирми наддавачи на лицитацијата кои можеби би понудиле повеќе пари на наддавањето ако знаеле дека потоа може да изградат друг објект кој би ги чинел поевтино. На тој начин и заради таа причина инвеститорот не успеал да обезбеди кредит веднаш, но по победата на СДСМ во општина Центар веќе обезбедил средства, но тогаш наишол на административни пречки од новите власти во општината бидејќи не им се допаѓало што објектот имал историски стил - барок и ги потсетувал на ВМРО.

66113867 10157495392697716 7189145319240630272 n

Дали потоа инвеститорот тужел или не, до каде е сета процедура, не ми е познато, но како и да е, нема никаква логика апсењето и лажењето дека земјата се продала за евтина цена, освен намерата за градење медиумска атмосфера за политичка хајка врз недолжни и невини луѓе.

Зошто апсење?

Уште пак и селективно, овие што во последните две години “дремеле” демек ништо не згрешиле. Или само затоа што се сега на власт?

7. Вака е со повеќето случаи кои се водат против луѓе од ВМРО.

Затоа велам: фабрикувани случаи. Местенки. Изживувања. Монструозност. Глумење борба против криминал и корупција со уништување судбини на невини луѓе кои работеле и создавале за Македонија. Само за да се покријат неуспесите, криминалот, рекетот, неработењето и секојдневните промашувања.

Миле Јанакиески трет пат го ставаат во притвор и секогаш со политичка нарачка од врвот на СДСМ. Затоа имаме проблеми за почеток на преговорите со ЕУ. Затоа што се глумат реформи, се глуми борба против криминал и корупција со малтретирање на оние кои градеа и работеа со полн елан за Македонија, додека пред очи новата власт рекетира и пљачкосува. Мислите тоа не го знаат од надвор?

Да ја подржуваат ова влада бидејќи ги прифати сите уцени на двата соседа по националните прашања, но истовремено се гнасат од тоа што секојдневно го гледаат и слушаат на теренот и што е спротивно од се она што јавно се декларира.

8. Така е и со Митко Чавков кого Заев, од лична омраза, го осуди и затвори без никаква вина, како и другите полицајци од неговиот тим.

Така е и со останатите од 27-ми април, кои можеби удриле некого, но за тоа има далеку поблаги казни во Законот, доколку властите одеа со реална квалификација на делото.

Но, СДСМ неправедно, незаконски, лажно и мизерно се изживуваат во одмаздата кон сите и ги товарат со невистинита квалификација “терористи” за да го покријат својот фалсификат со незаконското назначување претседател на Собранието.

Сепак повеќето од тие луѓе кои лично не ги познавам, а ги запознав од медиумите следејќи го процесот против нив, настрана грешката со физичката пресметка кон пратениците што ја направија и што одамна јавно го осудив, иако е јасно дека СДСМ свесно ја предизвика нивната реакција, настрана што дел од нив јавно ме критикуваа, тие покажаа неверојатна цврстина, висок морал и силен интегритет бидејќи под многу уцени, закани, притисоци, изживувања кои сеуште траат, закани по нивното здравје и живот, уништување на нивните семејства, неприфатија валкани непристојни понуди за кои нашироко се зборува, со цел од нив да изнудат лажни изјави за други луѓе неправедно да се обвинат а за возврат тие да добијат олеснување. Таква тортура со истовремено такви понуди можат да издржат само вистински патриоти - идеалисти. Тоа е за почит.

Такви непристојни понуди добиваше и Миле Јанакиески, но и други неправедно обвинети уште додека бев во Македонија. Таква понуда добив и јас, за што говорев во едно неодамнешно интервју. Таков приода имаа и сеуште имаат и кон повеќе други луѓе под прогон. Еден ден се ова ќе се знае во детали, што од архивите, што од лични сведочења.

9. Така е и со сите од случаите на СЈО. Со селективно избрани и едитирани снимки кои по закон се нелегални докази бидејќи нелегално се прибавени и не им се утврди со вештачење целовитоста и автентичноста, местат, судат и осудуваат како државата, судот и обвинителството да е на татко им и забораваат дека кога ќе паднат, сите, и наредбодавателите и извршителите ќе одговараат за овие злодела.

10. Во меѓувреме ги бројат жртвите “на ангро” - “по случаи”, не по број на луѓе во еден случај, оти луѓето од противничкиот табор не ги третираат за луѓе, туку средство за добивање политички поени и глумење правда и правна држава додека тие да се изнакрадат.

Ова им бил 751-ви случај. Како да е ова сезона на лов, па колку дивеч е уловен. Забораваат дека ќе дојде и друга сезона на лов, каде народот гледајќи го тоа што го прават ќе им ја одземе моќта и нема да се тие ловџиите, а сепак ќе се тука... во природата.