Четврток, 22 Август 2019    Печати
Стасаа до шахтите, сега само да се удават во нив
страшо ангеловски

Станува очигледно дека вистински симбол на пред три-четири години изведената „шарена револуција“, насилната промена на власта и тригодишното владеење на оваа нелегитимна и неуставно инсталирана власт, заедно со неуставната институција СЈО, претставуваат токму шахтите низ државава.

Оние шахти од кои талибански брутално, со брусалка, го бришеа македонскиот симбол, ѕвездата со шеснаесет зраци. Оние шахти во кои се собира целиот измет во државава. Оние шахти, кои како симбол на една тригодишна голгота на македонскиот народ, ќе ги проголтаат и сите гнасотии од политичкиот, правосудниот и севкупниот општествен живот во Република Македонија. Шахтите во кои ќе се удават сите кои работеле против македонскиот народ и македонската држава. Шахтите како симбол на една грда приказна која започна со „шарена револуција“, преку актуелниот државен криминал во аферата „Рекет“, а која ќе заврши со неминовниот пад на оваа власт.

Тогаш, онака осквернавени од вртежите на брусалката, шахтите ќе бидат тука да ги примат во себе сите човечки нечистотии кои низ годиниве се таложеле во државава.

Зошто приказнава ја започнувам со „шарената револуција“ и, како и многумина од нас, ја поврзувам со аферата „Рекет“, а, според се’, ќе ја оставам отворена за многу скоро да ја доврши власта со најтитно заминување…

Имено, кога ќе се сетите на таканаречената „шарена револуција“, прво што ќе ви падне на памет се огромните средства што беа потрошени за нејзина реализација. Пари колку што во македонската историја не биле потрошени за ниту една политичка операција, пари со кои беа плаќани учесниците, логистиката, техниката, медиумите, посебно оние од надвор за да создаваат лажна слика во меѓународната јавност, домашните новинари, интелектуалци, некои од „олеснувачите“ дојдени овде од не знам каде за да солат памет и да придонесат во уривањето на една легитимна власт. Па, дури и автобуси полни со „шарени“ револуционери кои секојдневно пристигнуваа од соседна Србија и соседна Бугарија. Оттаму некаде, според добро упатените, заедно со автобусите стасуваа и парите. Од соседството.

Арно ама најверојатно стасаа деновите кога парите треба да бидат вратени. Операцијата, така штедро финансирана за бришење на македонската држава и македонскиот народ, според нив, е при својот крај, откако после се’ сторено, со брусалките удрија и по шахтите и сега парите треба да се вратат за да се користат за уривање на други легитимни влади. Зошто не, на пример, во Србија? Па, дури и Хонг Конг не е далеку во глобалистичката размисла на неолибералното зло.

Некаде низ медиумите веќе проструи веста дека дел од парите од операцијата „Рекет“, според некои информации тешка околу 20 милиони евра, веќе завршиле во Србија. Деновиве што следат во Србија, кои многу наликуваат на деновите во Македонија од пред некаде четири години, кога Груевски беше принуден да преговара за поставени услови од опозицијата во врска со предвремените избори, а заради српската Фондација „Отворено општество“, која организира преговори со истиот повод, истата цел и истиот начин на реализација, ќе го потврдат или негираат тоа. Наликуваат дури и до најситните детали. А, таквото сценарио, барем според она што го видовме кај нас, бара и многу валкани пари. Пари кои како валкани влегле и како валкани излегуваат од државава. Доколку ова се покаже како точно, многу скоро владата на Заев ќе ја заврши оваа приказна со својата оставка. И колку и да се прпелкаат, дел од обвинителите и судиите и портпаролите и министрите, очигледно дека сите патишта за оние замешаните во аферава водат кон шахтите што талибански брутално ги осквернавија.

Што ќе се случува со Катица Јанева?

Првата варијанта, која веќе се слуша низ чаршијата, а која за мене изгледа најмалку веројатна, е дека ќе биде прогласена за непресметлива, или за човек со психички проблеми, заради што добила и лекарска потврда за лекување од Негорските бањи. Тоа би било како „Космодиск“. Изгледа шашаво, ама функционира. Целата вина би била вина на една жена која заради психичките проблеми не знаела што прави (што всушност и изгледа така ако му се верува на обвинението за мебел од 5.000 евра), па би и било потребно лекување, а не затвор.

Втората варијанта, за која повторно веќе се шпекулира во кулоарите, е дека „ненадејно“ заради преголем стрес, некаде во просториите во „Шутка“, ќе и’ откаже срцето и жената тивко и замолчено би си заминала од овој свет. А, „молчењето е злато“, вели една стара поговорка.

Третата варијанта, со која веќе многумина се согласни, е дека обвинетата Јанева ќе го сопре натамошното проширување на обвиненијата за аферата „Рекет“, преземајќи ја вината врз себе, прифаќајќи ја мирно казната што би и следела, со цел да го заштити синот, за кого веќе и е најавено дека би бил замешан и обвинет, доколку таа не биде „кооперативна“ со мозокот на оваа операција.

Четвртата варијанта, онаа која во моментов е единствена од полза за државава, за правосудниот систем и сите останати институции, но и за оние кои сеуште веруваат дека правото и правдата можат да бидат победници, е Катица Јанева да побара целосна заштита за себе и за семејството и се она што заради природата на работата и длабочината на замешаноста во операцијата „Рекет“ го знае, да го испорача пред македонската и меѓународната јавност. За многумина тоа ќе значи крај на политичка или професионална кариера, за многумина обвинение за криминал и рекет, за многумина болно отрезнување во верувањето дека се заштитени за секое зло што го направиле. За Катица Јанева тоа би било душевно олеснување, но и половина опрост за нејзе кај правдољубивите граѓани на Република Македонија.

Петтата варијанта, онаа на која, верувам, работат луѓето од врвот на операцијата „Рекет“ е да ја подготват Катица Јанева да излезе храбро и достоинствено и да објави дека е уфрлен руски играч кој сака да ги закочи евроатлантските процеси во државава и да го затемни блесокот на власта. Ем волкот сит, ем овците на број. Никој не е виновен, освен „клетите“ руски шпиуни како Катица Јанева. Па дури, како во најдобрите удбашки времиња на Информбирото, заедно со ловот на диви свињи, да започне и ловот на руските шпиуни во државава. Македонски макартизам во 21 век. Со изјава од двајца сведоци, се разбира. Го пишав ова како сатира, но недајбоже на оној кому му падна на памет брусалката во борба против нашиот идентитет, може да му се допадне и ваквата разврска.

Што од сето ова ќе се случи, останува да видиме во деновиве што следат. „Меѓународната“, но и македонската јавност, ја испратија пораката – нема недопирливи и секој ќе мора да одговара. Колку побрзо ја сфатат тие до кои е испратена, толку подобро. И да престанат со флоскулите „ќе се бориме до крај“. Зашто токму тие зборови пред повеќе од седумдесет години ги изговори и Адолф Хитлер. И навистина се бореше до крај, ама неколку милиони момчиња од шест-седумнаесет години загинаа во таа негова битка.

Македонскиот народ нема сила за уште жртви заради нечија „борба до крај“.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес