Недела, 08 Декември 2019    PDF Печати Е-пошта
СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ЧУДОТВОРЕЦ - 8 XII/25 XI

sveti kliment

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ЧУДОТВОРЕЦ - 8 XII/25 XI

ЗАШТИТНИК НА ГРАДОТ ОХРИД И НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД

Денес Македонската православна црква го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.

Именден празнуваат: Климент, Климе, Климентина...

Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил, во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн.), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за Светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела.

Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На св. Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.
По смртта Господ го прославил со многу чуда. Но бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителска содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го почувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење. И поголем број топоними (камења, стапалки, дрвја и сл.) во охридскиот крај се поврзани со неговото име.

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.

Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла ‒ собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот (односно на 9 август според новиот) календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон“. Уште за време на животот св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот( или 8 декември според новиот) календар. Поради тоа подоцна Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/9 август) се празнува споменот на Светите Седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.

Но, кој бил свети Климент папа Римски, чиј спомен се празнува на денешен ден, и кој свети Климент Охридски го празнувал како свој именден?

Тропар
СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Со зборови си ги упатил народите во верата Божја; со делата си се издигнал, преблажене, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме Твојот божествен спомен, Клименте.

НАРОДНО ПРЕДАНИЕ ЗА СВЕТИ КЛИМЕНТА
Во г. Охрид има изобилни и од секаков вид овошја, какви не секаде се наоѓаат. Кажуваат дека свети Климент не само луѓето од охридскиот крај ги просветил преку христијанската вера, туку дека и самите плодородни дрвја ги оплеменил, кога од Азија пренесол во градот питоми овошја, садници, та ги облагородил дивите до тогаш месни овошни дрвја.
Од записите на Кузман Шапкарев

8 XII/ 25 IX. СВЕТИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КЛИМЕНТ ПАПА РИМСКИ

Светиот свештеномаченик Климент е трет по ред папа римски е роден во Рим и потекнувал од царско семејство. Во младоста ги изучил сите науки, а потоа го примил христијанството откако за ова учење слушнал директно од устата на христовите апостоли Петар и Павле. За време на царот Трајан бил протеран во Херсон на Крим каде што продолжил да го шири христијанството. Многу народ покрстил од Александрија до Херсон поради што бил погубен по царска наредба. Во 101 година му бил врзан камен околу вратот, а потоа бил фрлен во морето. Добрите христијани го нашле неговото тело и пристојно го погребале. Подоцна кога светите Кирил и Методиј биле во мисија во овие краишта ги нашле неговите мошти и ги понесле со себе. Кога од Моравија светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со себе ги носеле и светите мошти на св. Климент, поради што биле пречекани со големи почести. Поради тоа што маченички настрадал, а и светите мошти му биле пренесени уште кога христијанската црква не била поделена на источна, православна и западна католичка, денес и православната црква го празнува како голем маченик за христовата вера.

9 XII /26 XI. СВЕТИ ГЕОРГИЈ – ПОСЕН

УШТЕ ЕДЕН ПРАЗНИК ПОСВЕТЕН
НА СВЕТИ ГЕОРГИЈ ПОБЕДОНОСЕЦ

Македонскиот народ со домашни служби го празнува и празникот Свети Георгиј - Посен што се празнува на 26 ноември според стариот (или на 9 декември според новиот) календар. И овој празник е поврзан со името на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, чиј спомен се празнува и на други датуми од православниот календар.

На овој датум во 1037 бил осветен храмот посветен на овој светител во Киев изграден од кнезот Јарослав. Овој ден како празник се празнува во цела Русија и оттаму веројатно празнувањето е пренесено и во нашиве краишта. Празникот е наречен Посен затоа што секогаш се паѓа во Божикните пости. Во книгата на Булгаков „Настолнаја книга“, на овој датум се поместени тропар и кондак на празникот посветени на Св. вмч. Георгиј, од што станува јасно дека овој празник е посветен на Георгиј Победоносец, а не на некој друг светител со истото име.

9 XII /26 XI. ПРЕПОДОБЕН АЛИМПИЈ СТОЛПНИК

Именден празнуваат: Алимпие...

Се прославил со трпение, пост и чуда. Роден е во Адрианопол во шестиот век, од благочестиви родители. Уште пред да се роди, мајка му имала видение дека нејзината рожба ќе се прослави. На сон видела дека држи јагне на чии рогови гореле две запалени свеќи. Кога останала вдовица своето дете му го доверила на воспитување на епископот Теодор, кој го вовел во верата и го учел на Светот писмо. Одушевен од неговото знаење епископот го произвел во ѓакон, но младиот Алимпиј повеќе го сакал пустинскиот живот. Поради тоа откако добил согласност од мајка му имотот го раздал на сиромасите, го напуштил градот и се населил во пустина во една гробница од која сите бегале. Му се јавил ангел и го охрабрило да живее во тоа место. Над гробницата имало столб од камен со идол на него. Алимпиј идолот го заменил со крст. Посакал да оствари подвиг живеејќи на столб. Така на столбот се искачил кога имал триесет и две години и тука минал 53 години без да слезе од него. Тука ги преживеал сите болести, но и елементарни непогоди. Последните 14 години ги минал во лежење бидејќи нозете му биле во рани од долгото стоење. Направил многу чуда поради што многу народ доаѓал на тоа порано омразено, а подоцна прославено место. Починал во 640 година на 120 години за време на владеењето на императорот Ираклиј.

Проф.Др. Марко Китевски

 

На прво место

News image

Јанушев: Власта на свои фирми им поделила 31 лиценца за одгледување канабис

Аферата со канабис-милионите на Заев покажува инфлација од лиценци на фирми блиски до власта и нек...

Историја

News image

ЕКСКЛУЗИВНИ ДОКУМЕНТИ СВЕДОЧАТ ДЕКА СИТЕ СЛОВЕНСКИ ЈАЗИЦИ ПОТЕКНУВААТ ОД МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Документ кој датира од 1967-та, 1968-та и 1969-та година беше ексклузивно обелоденет во „Отворено ...

Иселеници

Култура и туризам

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (4)

ЕПИСТЕМОЛОГИЈА НА ОНОМАСТИКАТА НА ПАНОНИЈА (ДЕЛ II)

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.