Среда, 22 Јануари 2020    PDF Печати Е-пошта
Македонија ја внесе Бугарија во НАТО и во ЕУ, а за возврат е уценета

На 22 февруари 1999 година, во Софија, премиерот Љубчо Георгиевски потпиша капитулантска Заедничка декларација со бугарскиот колега, Иван Костов. Како и секогаш, кога е Македонија во прашање, режисер на овој наш сериозен пораз беа – САД. Текстот беше подготвен во Вашингтон, а Македонија силно притисната да го прифати. Проектот го „истурка“ американскиот заменик-државен секретар, Строут Талбот, а целта беше Бугарија што побргу да влезе во НАТО, за да се направи обрач околу Русија. Брисел, меѓутоа, не можеше да ја прифати Софија со товарот на историските недоразбирања со Скопје и декларацијата го расчисти патот. И, наместо Софија да ја плати цената за нашите невидени антинационални отстапки, ние виткавме ’рбет: прифативме девалвирање на македонскиот јазик во уставна категорија, што значи дека не е автентичен, а се откажавме и од македонското малцинство. А, ако таму нема Македонци, имплицитно значи дека ги нема никаде.

Како неправедна, декларацијата набргу беше ставена во фиока во Скопје и најавената соработка беше заборавена. Бугарија влезе во НАТО (2004), а потоа и во ЕУ (2007), со што се реализираа американските потреби. Македонија не доби ниту благодарност, камоли некаква компензација. Како изгледа, некои кај нас беа крајни аматери додека други работеа за интересите на Бугарија.

Доколку Македонија не го расчистеше патот на Софија за НАТО и ЕУ, со голема сигурност може да се тврди дека таа долго ќе талкаше. Сега, кога Македонија се движи кон Брисел, Бугарите се подготвени да ни ја дерат кожата, во најширока смисла на зборот, како најголеми џелати, а Вашингтон молчи. Американците се секогаш од другата страна на барикадата.
Декларациите, меѓутоа, не се сериозен документ и затоа САД оваа ја проширија во Договор за пријателство и соработка, кој има врвна дипломатска тежина. Ни го наметнаа, бидејќи на Софија ѝ требаше за да може да нѐ уценува на патот кон ЕУ. Овие потези се во рамките на политика на САД Македонците да се разнебитуваат чекор по чекор. Класично предавство е направено кога Македонија прифати дека имаме заедничка историја. Со декларацијата беа елиминирани македонскиот јазик и малцинството во Бугарија, а со договорот се брише и македонскиот народ. Нема случај во историјата, а тоа е практично и невозможно, два народи да имаат заедничка историја. Тоа значи дека има само еден народ – се знае кој.

Договорите со Бугарија и со Грција, „нашиве“ ги промовираа како голем успех во решавање на историското наследство и проблемите со соседите, што е апсолутно погрешно. Со нив, проблемите се само повторно ставени на маса, со наше признание дека ние сме виновни за сѐ, а не соседите. Со истите тие, ние практично се откажуваме од самите себе. Од денешен аспект, фасцинантна е политиката на САД со која македонизмот се брише чекор по чекор. За почеток, ни го оспорија и суспендираа името од меѓународна комуникација (1993). Потоа, наместо медијација, ни наметнаа преговори (1995). Во 1999-та е декларацијата со Бугарија. Во целосна организација на САД, врв на агресијата врз Македонија дојде во 2001-та од Косово. Следуваше Охридскиот рамковен договор, со кој во голема мера се избриша македонскиот карактер на државата, а македонскиот народ се сведе на етничка заедница. Со новата административна поделба (2004), се албанизираа Кичево, Струга, Скопје… и се отвори патот за двојазичност. Во 2008 година, пак, преку блокада, уцена и ултиматум, на самитот на НАТО во Букурешт, САД ја ставија Македонија пред свршен чин. Финалето започна со поразителните договори со Бугарија и Грција, подготвени во Вашингтон и законот за албанскиот јазик, кој го спонзорираа. Со нив, Македонија е обесчестена и практично федерализирана, а македонскиот народ разнебитен.

Првиот капитулантски договор, Македонците го потпишаа со Албанците (2001). Го нарекоа рамковен биејќи беше само почеток на промените со кои македонизмот ќе се сече во коренот. Рамковни се и договорите со Бугарија и со Грција, кои следуваа. Тие го отвораат патот Софија и Атина да нѐ дотолчат во процесот на преговори за членство во ЕУ. Нашиве аматери се радуваат што Бугарија и Грција поддржуваат што поскоро да добиеме датум, а не се свесни дека тогаш настапуваат нивните орди, кои треба дефинитивно да нѐ сотрат. Засега, Србија не е во игра и нема на повидок понижувачки договор и со нив. Белград внимателно следи што се случува кај нас и, во даден момент (дали преку црквата?), може да излезе со свои барања. Тие не се во игра, бидејќи се надвор од орбитата на САД и немаат право на дел од пленот.
Според најавите, следниот потег на САД, сесрдно и вазалски поддржан од Брисел, е создавање политичка нација кај нас, со дефинитивно бришење на Македонците како народ. Тоа го предвести и Заев од Подгорица со нова небулоза дека македонскиот народ бил мултиетничен! Таков народ во светот – нема, ниту може да има според експертите.

Софија е незадоволна, бидејќи на Грција ѝ беа направени многу поголеми отстапки. Затоа, од бугарска страна има поплава од изјави што во основата се ултимативни закани и уцени. Тоа финализира со декларација во Парламентот со која ни се поставуваат над 20 навредливи и понижувачки услови што треба да ги исполниме за членство во ЕУ. Меѓу нив се: а) во документите на ЕУ да нема македонски јазик туку тој да се нарекува „официјален јазик на (С) Македонија“ или, ако биде невозможно да се избегне тоа, со фуснота да се објасни дека јазикот е според Уставот (не е автохтон); б) Македонија да се откаже од поддршката или од барањата за признавање македонско малцинство во Бугарија; в) мешаната комисија да се усогласи за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година“, како Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание (што значи дека мораме да прифатиме дека немаме своја историја пред таа година); г) сето тоа да се испише на историските и културните споменици кај нас и да се преуредат музеите во таа смисла; д) систематски да го отстраниме квалификативот „бугарски фашистички окупатор“; ѓ) да се променат учебниците по историја и историските документи да бидат изучувани на бугарски јазик; е) да се рехабилитираат жртвите на „југословенскиот комунистички режим што трпеле репресија поради бугарската самосвест“; ж) да се испрати вербална нота до членките на ООН, во која треба да се нагласи и дека… „строго ќе се придржуваме до договорот со Бугарија во целост, а во однос на јазичната клаузула на договорот“ (дека е според Уставот)… Софија официјално најави дека ќе ја спречи првата меѓувладина конференција со која формално почнуваат преговорите за членство во ЕУ ако дотогаш – „не се исполнат духот и словото на Договорот за пријателство“. Се разбира, според нивното толкување.

За жал, кај нас нема кој да ги потсети Борисов и забеганите дека, во времето на Живков, со Југославија се потпишани пет меѓудржавни, билатерални договори на бугарски и македонски јазик. Ако веќе не ни го признаваат јазикот, треба барем да ги поништат овие договори. Вака…
Паралелно, поддршката на Албанија, Бугарија ја услови со – „гарантирање со максимален степен на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава за изучување на бугарскиот јазик како мајчин во регионите Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча…“ А таму има само Македонци…
Ова е сублимат на фашизоидниот однос на Бугарија кон Македонија. Практично, Софија ни постави ултиматум по кој, обично, следува – војна. А сѐ што се бара, речиси без исклучок, е апсолутно неприфатливо. На времето, слично постапи Австро-Унгарија кон Србија и откако беше одбиена, започна Првата светска војна. За среќа, на Балканот нема да има нови војни, ама овој бугарски шовинизам потврдува дека нема да има ниту мир и покрај нашето жалосно секојдневно виткање на ’рбетот и газење на сопственото достоинство.

Нашите политичари не реагираат на овие срамни провокации, без преседан. Како ништо да не се случило, а ултиматумот на Софија е рамен на атомска експлозија што треба да уништи сѐ преостанато македонско. Ако некој мисли дека со молчење ќе ги одоброволи Бугарите, тешко се лаже. Така ги охрабрува. Не треба да се конфронтираме ама мора да се стави до знаење дека со ултиматуми и уцени, никаде не се стигнува и да се бара широка меѓународна поддршка.

До кога ќе ги пикаме главите во песок?

https://www.novamakedonija.com.mk/

 

На прво место

News image

Мицкоски: Денес завршува владеењето со свиткана кичма

Прес конференција – Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (43)

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (43)

Иселеници

News image

БЕСЕДА ЗА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ И ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СИДНЕЈ

На 7-ми февруари во Сиднеј, Литературното друштво „Григо...

Култура и туризам

News image

Горна Ѓоновица – копнеж, предизвик, перспективи

Селото Горна Ѓоновица се простира на падините на планината Буковиќ Пред некоја година, планинарск...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (7)

ЕПИСТЕМОЛОГИЈА НА ОНОМАСТИКАТА НА ПАНОНИЈА (ДЕЛ V)

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.