Среда, 26 Февруари 2020    Печати
Мицкоски:Ова за нив е борба за спас на мафијата, за мене е борба за спас на Македонија

88175434 2917092461684493 4418685572718002176 nМицкоски:Ова за нив е борба за спас на мафијата, за мене е борба за спас на Македонија, Заев ќе падне

Говор на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добровечер драги пријатели, и добредојдовте на овој протестен марш со што почнува крајот на едно неславно владеење на СДСМ и Зоран Заев во нашата Македонија.

И како што е редот да ги поздравиме припадниците на министерството за внатрешни работи со еден гроомогласен аплауз.

Драги пријатели,

Тука сме вечерва во огромен број да кажеме дека правдата е нападната од неправдата, да ја кажеме вистината дека судската и обвинителската власт е брутално згазена.

Аудио материјалот докажува и покажува мафија. Мафија која владее со секоја пора власт која треба да е независна, а не е! Мафија која ја одзема слободата и правдата. Мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Мафија која ослободува убијци на мали деца додека премиерот си прави селфи со убијците, додека родителите на чедата од Смилковско со грч и горчина во срцата од неправдите живеат со помислата дека убијците се на слобода. Мафија која диктира обвиненија, диктира пресуди на судии. Мафија која како свое царство го негува хибридниот режим на Заев.

И за ова има неколкумина одговорни, но еден е највиновен, а тоа е Зоран Заев. Зоран Заев е виновен затоа што тој во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, преговарач, главен забавувач кога се во прашање гафовите, но и трговец со виталните органи на нашата Македонија. И едно досега научивме, на човекот не му е тешко да украде, да изглуми, да се посрамоти, но само не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен од глава до петици. А и најлесно му е да не ја говори вистината, излаже. Затоа што тоа покрај крадењето тоа го прави најдобро.

Аудио материјалот покажува дека тој пука во чело на правдата, ама онака ладнокрвно, со умисла и без каење. Со тој неправилен граматички, но разбирлив  јазик слушнавме како ја егзекутира правдата, што би рекол „трас-трас“, а правдата, драги пријатели, браќа и сестри, умира бавно, умира споро. Затоа што Заев нема допрено нешто, а да нема контаминирано. Тој е правдоубиецот во нашата држава.

И нема мака пред камерите лажно да се прикажува дека бил европски политичар, кој еве гледаме уште железни опинци не облекол, дека градел едно општество за сите, дека е визионер, човек гледа и не може да се изначуди. Каква визија какви бакрачи. Чувме во аудио материјалот што е реалноста, ќе се обидам да цитирам:  „договорено е со Врховен“, „без Заев не се може“, „трас-трас и ете одлука на Врховен суд“, „Катица знае за се што треба да се случи“, или закон за СЈО или одлука на Врховен суд ама случаите ќе паднат. Ете тоа е таа сурова вистина.

И еве поминаа повеќе од 48 часа, а нема никаква, никаква суштинска реакција ниту од Рускоска, ниту од било кој друг. Ако Заев е „капо де тути капи“ на мафијата, главните цоветници и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски, запаметете ги овие имиња. А, гледаме дека ништо помалку не биле ни тие од Врховниот суд. Врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се преставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев. Ама ова пустото не се брани. Луј Витон судството е последица на Луј Витон премиерот, мераклија за куферчиња и пари, за пусти пари. Не може да одат луѓе во затвор за кутија цигари, а за кражба на држава да стануваат премиери. Тоа не може, и на 12-ти април ќе му го покажеме местото каде му е.

Драги пријатели,

И при една ваква поставеност на работите, овој истиот Заев одовде, на маршот кој што го правеше им порача на судиите да не се плашеле од Мицкоски.  Јас би рекол познато ни е дека овој човек не знае што зборува и е непресушен извор на гафови ама замислете судиите да не се плашеле од мене, и ова ги предупредува човеков што цели три години е на власт во оваа држава и владее брутално, човекот кој велеше дека Младенов бил убиен, а за децата на Смилковско има други убијци и така се додека не ги ослободи, човекот кој Диво Насеље го спореди со игра камај и ги остава терористите да се гоштеваат во затворите како да се холивудски ѕвезди, човекот кој слава стекнуваше на страшното убиство на Нешковски за да после се слика со убиецот и да го пушти да избега. Таков ли човек ќе објаснува на судот да не се плаши од мене кој цел живот со книга и пот го градев и се пробивав. Единствен кој што треба во оваа држава да се плаши е токму тој Зоран Заев и оние малкумина следбеници и слуги кои што му слугуваат. Многу се огреши. А, во животот има карма ние ја викаме Божја промисла. И се се враќа, се се плаќа.

Кој одговараше овие три години, по годините кампања кои што ги водеше Зоран Заев тортура на државата? Одговорот е ниту еден. Не докажа ниту еден криминал, а премногу криминали амнестираше.

И да бидам прецизен и јасен, и сакам јасно да разбијам една лага која ја шират медиумските слуги на власта, јас сум слушнете ме добро, јас сум за апсолутна правда, и сакам јасно да подвлечам, многу јасно да соопштам дека не сме сите исти, различни сме, многу сме различни. Не сме сите исти, затоа што ниту денес, а ниту утре кога граѓаните ќе ни дадат мандат нема на памет да ми падне да се мешам во судската власт. Ниту да попречам правда за било кого, било да е член на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците или на некој друг. Ама ќе има одговорност, тоа мора да има. И еве тука стојам пред вас десетици илјади, а и тие што сте во домовите, ви ветувам, одговорност за криминалот мора да има без разлика кој, кога и каде и како го сторил.

Не сме сите исти, и во зборот што го кажуваме а вреди. Не сме исти во сериозноста, издржаноста и идните резултати на проектите, реформите се ветуваат за разлика од она што Заев го ветуваше и не го направи. Не сме исти и во луѓето кои денес се со нас, а ќе ви докажам дека може не само подобро, не само поквалитетно да се работи и повеќе од сето ова кое денеска е секојдневие во споредба со онаа реалност која ни ја испорачуваат  Радмила, Спасовски, Рашкоски, Филипче, Мила, Кирацовски и останатата рекетарска дружина.

Мора да има одговорност затоа што само така ќе имаме држава.

Тоа убивање на правдата и отсуство на резултати донесе апатија кај народот, и јас таа апатија  ја разбирам. Но, таа сама по себе не е одговор затоа што така власта која е суштинската причина за таа апатија ако не биде казнета ќе продолжи како и досега. Народот на локалните избори го казни ВМРО-ДПМНЕ, а ВМРО-ДПМНЕ ја научи лекцијата, сега на ред е казната да го стигне СДСМ и СДСМ да научи. Со седење дома и апатија народе, граѓани, народе македонски нема подобро. Затоа што драги браќа и сестри, таа апатија ја посакува СДСМ бидејќи таа значи поддршка за нив.  Мора да опстои вербата и надежта дека може подобро и да се почувствува оваа енергија која значи промени и значи обнова. Следните избори се нова шанса за нашиот народ да си ја врати државата во свои раце и да покаже дека Македонија може и дека Македонија заслужува повеќе.

По следните избори нема да биде ништо исто како што е сега. Ние го ветуваме тоа, а нашиот збор вреди многу повеќе од зборот на Заев.

Кога гледам денес, разбирам  зошто власта е нервозна, затоа што народот е кренат на нозе, веќе е свесен за тоа што се случува. И со искуство за луѓето кои ни ја водат државата. И нема да поминат никакви дефокусирања со измислени теми.

А, денес протестираме затоа што неправдата станува неподносливо секојдневие. И затоа што се виде зошто Заев се бореше толку за закон за обвинителство со кој се надева дека аудио материјалите нема да важат. Но ако се премолчи и ова тогаш чуму судство, чуму обвинителство. А, обвинителството и судството не смее повеќе да молчи, не смее да молчи пред убивањето на правдата.

Затоа денес тука од пред самите институции го бараме следното:

Прво, покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски постапки, и одлуки на Врховниот суд. И тоа истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност. Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата.

Второ, согласно Уставот, Врховниот суд  на Република Македонија е највисок суд во државата и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите. Кога врвот во судството не ви чини, тогаш надоле е труло. Кога во врвот слушаме дека се диктирале одлуки од премиерот значи дека правдата целосно затаила. Затоа бараме итна и неодложна ревизија на работата на Врховните судии без исклучок и ревизија на нивните одлуки. Таму каде ќе бидат утврдени неправилности потребно е оставки и одговорност пред законите. Оставки!

Трето, итна реформа на Советот за реформи во правосудството што ќе подразбира времено суспендирање на секаква негова активност поради контаминираноста на неговата работа и барање на меѓународна експертска помош во реализирање на реформите.

Очекуваме реакција, и тоа брза, одлучна реакција, а доколку ја нема, народот е тука и веќе добро знае што треба да направи и каков громогласен одговор следи на 12-ти април за помалку од 50 дена од овој ден денешен, од овој масовен протест од овде. Затоа во оваа држава под власт на правдоубиецот Заев ниту една работа не е на прав пат, но по вакви злодела, по вакви неправди и брутални грабежи, треба да знаат и тој и таквите како него, и тој и тие кои слугуваат, како и сите други кои ќе се огрешат, прав е патот само до Идризово. Прав е патот само до Идризово.

А, одговорност ќе има, ви велам ќе има без оглед на името и презимето, и кој е и од каде доаѓа.

А, народот веќе ја зема судбината во свои раце и знае како треба.

Ова се последните крици на исплашените, на престапниците и криминалците. Ова за нив е борба за спас на мафијата, за мене, за вас е борба за спас на нашата Македонија.

Ова не е Европска Македонија каква народот заслужува, ова е приказната на мафијата чија борба е за власт и пари, за пусти пари. И ќе се изнаслушате разно разни приказни и невистини, кои се чисто алиби за поразот и утеха на исплашените, па ќе лажат дека еве странците ги сакале, ама не кажуваат дека странците не сакаат криминалци како нив, ќе кажуваат пред нивните членови дека ќе загубеле на избори ама тие ќе формирале влада, и што ли уште не. Алиби, чисто алиби. Добро знаат дека Заев е сега на колена и од виткањето на кичма и на државата е со најсвиткана кичма во СДСМ, и се што кажа во последните две години погреши, велеше ќе немало предвремени избори еве за помалку од 50-тина дена ќе треба да се соочи со најголемиот историски рекорден пораз на политичката сцена во Република Македонија. Поразот од народот.

И сосема на крај, драги пријатели, браќа и сестри, соседи и соседки, сакам лично да кажам нешто – Зоран Заев ќе изгубиш, и ти тоа добро го знаеш. Ќе изгубиш силно и јако од народот. Ако не беше достоинствен додека беше на власт, тогаш биди достоинствен во поразот, и не застанувај на патот на народот. Од таму враќање нема. Ќе ја вратиме правдата, и честа, и го имате мојот збор, а тоа е во кодот на Македонецот, затоа што Македонците највеќе од се ја сакаат слободата, и веруваат во неа како што веруваат и ја сакаат сопствената татковина, нашата преубава Македонија.

Обновата ќе дојде, а народот е исправен и се исправа. Доаѓаат нови времиња. Одлучно напред за победа која што ќе биде блесокот на граѓаните кои си ги бараат и одбраниле своите права. Ако Зоран Заев е дилемата, 12-ти април 2020 е одговорот. Да живее ослободена, слободна Република Македонија!

Да сте ми здрави и живи сите што бевте вечерва овде со нас.