Среда, 26 Февруари 2020    Печати
Падот на “нема правда-нема мир“, на евроатлантските, мултиетничките “500 евра плата“

87671853 10158393105558313 7179677798276005888 nСТРАШО АНГЕЛОВСКИ

Падот на “нема правда-нема мир“, на евроатлантските, мултиетничките “500 евра плата“…

За пет основни и уште стотина поситни работи за кои најбрутално беа измамени, стануваат се посвесни огромниот дел од граѓаните во Република Македонија. Она што измамниците го ветуваа како “живот за сите“, стана предсмртна агонија за македонскиот народ и македонската држава. Она што измамниците го ветуваа како “едно општество за сите“, се претвори во едно општество за нив, во кое има стипендии само за нивните деца, пари за иновации само за нивните снаи и јатрви, тендери само за нив и за поткупените предавници, а друго општество за сите останати кои едвај врзуваат крај со крај. Друго општество за илјадниците отселени од државава, кои, за жал, своето место ќе го бараат во германското, шведското, норвешкото или не знам кое туѓо општество. Она што измамниците го ветуваа како остварување од 57 милијарди евра во еден мандат (толку изнесуваше вредноста на се што ветуваа дека ќе остварат при годишен буџет од 4 милијарди евра), се сведе на 2 километри автопат кој е се уште само во главите на измамниците, а кои 2 километри би ги граделе 3 години. Измама до измама – еден добро разработен систем на измами, кој ја врати Македонија децении наназад.

И сега,петте најголеми измами за кои веќе знаат и малите деца. Да одиме по ред:

Најпрво, сите лажни ветувања за 500 евра просечна плата, за плата од 100.000 денари за докторите, за покачување на пензиите, за зголемување и редовна исплата на субвенциите за земјоделците и сточарите, за нов клинички центар, за нови и обновени студентски домови, за студентски ваучери, за Гугл и останати суперкомпании кои се уште чекаат влез на нашата северна граница, за… Лажни ветувања од кои, чекајќи ги да се остварат, се уморија и оние најупорните, па дури и оние кои поверуваа во приказната за железните опинци и виршлите и паштетата на “вредниот“ измамник.

Потоа, лажните ветувања за 500 километри автопат, за кои, се уште тврдат дека и навистина ги изградиле, само што мерат со различни инструменти, па еден од нив тврди дека изградиле 400, друг 500, а има и такви кои во својата измама стасуваат и до 700 километри изграден автопат. Да не беше страшно и жално зашто е измама за освојување и останување на власт, ќе беше смешно барем колку еден филм на “мистер Бин“. Па, лажните “паркобрански“ гушкања на дрвјата по парковите, кои ги исекоа штом дојдоа на власт и на нивно место урбанистичката мафија изгради згради со станови кои скапо ќе ви ги продава. Па, веќе по вторпат токму од нив лажно ветената и, еве, “речиси изградена“ пруга кон Република Бугарија, на која ниту еден дрвен праг не поставија. Па…

И доколку досега наведениве се лажни и неостварени ветувања за кои казната е недоверба кај народот веќе на наредните избори на 12 април, доаѓаме до лажните ветувања и измамите за кои постои и кривична одговорност. Тоа се, секако, измамата за “успешниот“ референдум од 30 септември, врз која измама нелегитимните претставници на Република Македонија избрани од незаконски воспоставеното парламентарно мнозинство, го потпишаа Преспанскиот договор, лажно изјавувајќи дека е предуслов за добивање датум за преговори со ЕУ и, двојазичноста на целата територија на Република Македонија, како мултиетничка држава под диктатура на “мултиетничкиот“ СДСМ.

За да биде појасно, ќе се осврнам на Вестфалскиот мир и Вестфалскиот договор, потпишани во Минстер и Оснабрик, на 24 октомври 1648 година. Мирот е склучен после триесетгодишните најкрвави војни на територијата на Европа, а Вестфалскиот договор содржи 4 основни принципи:

Принцип на суверенитет на нации-држави (национални држави) и фундаментално право на самоопределување.
Принцип на правна еднаквост меѓу нациите-државите.
Принцип на обврзувачки меѓународни договори меѓу државите.
Принцип на немешање на една држава во внатрешните работи на друга.
Заради овие принципи, Вестфалскиот договор од 1648 година е исклучително важен за меѓународните односи. Со тој договор е создаден темелот на меѓународниот систем на независни нации-држави, кој е основата на денешното меѓународно право и меѓународен поредок. Всушност, тоа е почеток на законски уредените меѓународни односи меѓу суверените држави, според кој, една на друга гарантираат независност и право на народот на самоопределување.

Тоа ќе рече, дека два основни нови принципи кои произлегуваат од овој договор, а кои претставуваат темел на меѓународното право се принципот на суверенитет и принципот на еднаквост на нациите.

Токму овие принципи ги прекршија измамниците гладни за малку власт и многу пари.

Потпишувајќи го Преспанскиот договор и прифаќајќи ги сите барања од Атина, тие го прекршија принципот на суверенитет на државите, на фундаментално право на самоопределување,на правната еднаквост меѓу државите и на немешање на една држава во внатрешните работи на друга.

Воведувајќи ја двојазичноста на цела територија на Република Македонија и прогласувајќи ги партијата и државата за мултиетнички, го прекршија основниот принцип за постоење само и само на национални држави, принципот нација-држава. Имено, постојат само национални држави во кои, последниве децении се прави обид за формирање на мултиетнички општества, што,доколку и го прифатиме,сепак морам да потсетам на една заедничка изјава на тогашниот премиер на Британија, Дејвид Камерун, тогашниот претседател на Франција, Николас Саркози и тогашната канцеларка на Германија, Ангела Меркел, дадена пролетта 2011 година, дека мултикултурализмот и мултиетничноста се неостварливи и немаат иднина.

Тоа ќе рече дека принципите од 1648-та се уште претставуваат темел во меѓународните односи и дека националните држави се единствениот легитимен израз на нациите. Дека не мултиетнички, туку граѓанските општества се реалност и, не мултиетничките, туку граѓанските партии се единствено можни како левичарска идеологија. Граѓанска левица со суверенистичка реторика. Доколку измамниците не знаат што значи тоа,нека погледнат што работи и зборува Емануел Макрон и се ќе им биде јасно.

И конечно, најголемата измама наречена “нема правда, нема мир“, на која наседнаа најголемиот дел од тогашните поддржувачи на сериските измамници, верувајќи во лагите за “убиството“ на Никола Младенов, во “правдата“ за убиецот на Мартин Нешковски, во монструозните конструкции за убиствата на Смилковско Езеро, за редици и редици лаги на серискиот измамник.

Откако стана јасно дека реалноста е сосема поинаква, дека “големиот мајстор на измамата“, наместо “правда и мир“, создаде спрега на судии, обвинители, криминалци и рекетари, раководени токму од него, граѓаните на протестниот марш од ЈО до Врховниот суд го најавија падот на измамниците, неминовниот пад на еден систем на измами и лаги.

Зашто, еден човек можеш да го лажеш долго време, многумина можеш да лажеш кратко време, но не можеш да ги лажеш сите и секогаш.

Времето на измамите заврши, доаѓа времето за обнова на Македонија,времето за одговорност за стореното.

Страшо Ангеловски
Претседател на МААК