Понеделник, 06 Април 2020    Печати
Вистинските херои во оваа битка не се политичарите, туку сите оние кои се во првите редови во борбата против пандемијата

Janusev

Игор Јанушев

Постои основаност за сериозна загриженост. Бројката на новозаразени расте и Владата под итно да обезбеди објекти и спортски сали кои ќе ги пренамени и приспособи за привремени болници.

Вчера, за само едно деноноќие имавме над 70 нови пациенти позитивни на тестовите, 2-ца починати. „Мантрата“ дека имаме линеарен пораст не „држи вода“, линеарно ќе беше ако дневно се констатираа по 20-на, сега бројката веќе ја надминува 70 нови заболени секој ден, тоа е пораст од 250% и е далеку од линеарно, не сум математичар, ама повеќе ми личи на експоненцијално!?

Трагедијата да биде поголема за сите нас, повеќе од 50 се здравствени работници, само завчера – 14 медицински лица од Штип и тоа од Инфективното одделение се исто така во самоизoлација, 11 во Куманово, вработена од поликлиниката Чаир е позитивна и сите нејзини колеги се во самоизолација, сите 11 вработени од Центарот за Јавно здравје во Гостивар и истиот од пред 3 дена е затворен, 3 здравствени работници во Прилеп ... истовремено експертите кажуваат дека многу поголем број медицински лица се во самоизолација. Го виде и/или слушна Филипче да ја каже точната бројка?

А, Владата ... неспособна каква што е ... дури вчера, внимавајте, на 17-от состанок на Главниот координативен кризен штаб, посебно внимание посветила на заштитата на медицинските работници и обезбедувањето услови за максимална заштита во нивната секојдневна работа во справувањето со пандемијата!!!
Па, дури и едногласно донеле заклучокот дека заштитата на здравствените работници, кои деноноќно работат на заштита на нашите граѓани и се на првата линија во борбата со коронавирусот е приоритет! И не е само тоа, заклучиле и дека треба да им се препорача на сите донатори своите донации да ги пренасочат за потребите на здравствениот систем и здравствените работници! Па, нели имаме доволно опрема? Нели имате протоколи? Нели капацитетите на здравствениот систем се на потребното ниво???

Додека СЗО кажува „Тестирај, Тестирај, Тестирај“ ... кога имаме примери како Јужна Кореја и Јапонија... вие кажувајте примери дека „секаде е исто“, „па тоа е – пандемија е“ ... вистинските херои во оваа битка не се политичарите, туку сите оние кои се во првите редови во борбата против пандемијата.

Дечки секоја чест, ја имате нашата почит.