Понеделник, 29 Јуни 2020    Печати
Отворено писмо до Зоран Заев, претседател на СДСМ

1Lasovska

Отворено писмо од Благица Ласовска, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ до Зоран Заев 

Ова отворено писмо го пишувам првенствено како жена, мајка, слободен граѓанин на нашата Македонија.

Ова писмо го пишувам по згрозувачкиот атак врз Тамара која учествуваше во видеото кое е дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, а кое доаѓа од еден ист центар, чиј ракопис лесно се познава.

Посипаа мизогинија, сексизам, шовинизам врз Тамара, и око не им трепнува, во исто време кога устите им се полни со Европа, вредности, магии.

И затоа вам Ви се обраќам г-дин Заев, затоа што инспиратор на ваквите напади врз интегритетот врз жената сте токму вие, и за се' понатаму, ќе ве сметам лично одговорен за ваквото варварство.

И не само затоа што веројатно со воодушевување ја гледате таа драма со која се гази по женските слободи, туку и поради тоа што не преземате ништо за да го осудите истото.

Да не заборавиме дека во Ваше време полицајка се само повредуваше во “Пајак”, затоа што беше немоќна поради хибридниот режим да се спротивстави. Да го споменувам ли антисемтизмот посипан во 21 век врз Рашела Мизрахи чии перјаници денес се блиску до вас во оваа кампања.

Тргнавте во атак врз дваесетина години возрасна девојка, затоа што немате што друго да понудите.

Атакот врз Тамара е ваш срам, и пример за тоа каков однос имате кон жените во Македонија. И иако тие закани, навреди, и сексизам изгледаат многу бучни по социјалните мрежи, тие се израз на немоќ, доказ за паника и чувството на страв од пораз. И колку погласно се обидувате да атакувате врз жените толку поголем ќе ви биде поразот.

Билбордите на кои сте сликани со женски кандидати не ве прави почитувачи на правата на жените туку секојдневниот однос кон нив.

И да, очекувам да се извините, поради срамот и атакот на социјалните мрежи од вашите активисти врз млад човек, жена. Тоа е и ваш срам.

А Тамара, и сличните како нејзе ќе останат во Македонија, и ќе продолжат со бунтовноста, затоа што за правата на жената постојано се бори, во секој час во овој ден, и насекаде.

Иво Андриќ ќе напише “жената стои, како капија, на излезот како и на влезот на овој свет”, очигледно со овој атак врз жените вие излегувате и се пензионирате од светот на политиката.

Благица Ласовска, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ