Среда, 14 Октомври 2020    PDF Печати Е-пошта
ПРЕДЛОЗИ ДО ЗОРАН ЗАЕВ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НОВИ НАТПИСИ ОД ХЕЛЕНСКАТА КУЛТУРА

1donski

Александар ДОНСКИ 

ПРЕДЛОЗИ ДО ЗОРАН ЗАЕВ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НОВИ НАТПИСИ ОД ХЕЛЕНСКАТА КУЛТУРА

Г-дине Заев, бидејќи сте очигледен вљубеник во хеленската култура, и тоа толкав вљубеник, што дури и припадници на други култури и личности (како во случајов античките Македонци) ги прогласивте за „Хелени“, овде Ви нудам уште неколку интересни АВТЕНТИЧНИ сведоштва од хеленски автори, т.е. од хеленската култура, кои верувам дека ќе Ви се допаднат и не се сомневам дека ќе ги поставите како натписи низ центарот на Скопје, а може и во другите градови. Впрочем, претпоставувам дека промовирањето на хеленската култура во Македонија е во склад со Преспанскиот договор. Па  да почнеме по ред.

Најпрво можете да ја поставите на голем натпис изјавата од најпознатиот хеленски (атински) говорник Демостен (4 век пред Христа), кој во врска со етничкото потекло на Филип Втори Македонски, во своето дело „Втора Филипика“, дословно запишал:

„Филип, тој човек не само што не е Хелен, туку и нема ништо заед­ничко со Хелените. Барем да беше барбарин од некоја пристојна земја – но тој не е ни тоа. Тој е некакво шугаво суштество од Маке­донија – земјата од која не можеш да доведеш ниту роб што барем нешто вреди.“

Најсоодветно ќе биде ако натписот со оваа изјава го залепите до статуата на Филип Втори (секако на англиски и на македонски јазик).        

Веднаш до оваа изјава можете да додадете натпис и од хеленскиот филозоф и говорник Трази­мах (5 век пред Христа). Во својот говор „За Ларис­јаните“, Тразимах, спомнувајќи го македонс­киот крал Архелај, запишал:

          Зарем ние како Хелени, ќе му бидеме робови на Архелај барбаринот?"

Во натписот може да се дообјасни дека под терминот „барбари“ Хелените ги сметале оние народи кои зборувале неразбирливо за нив (за што исто така постојат бројни антички сведоштва).

Промовирањето на хеленската култура во Македонија не може ни да се замисли без делото на хеленскиот историчар Аријан (1 век), кој е автор на Биографијата на Александар Македонски (кого претпоставувам дека наскоро ќе го прекрстите во „Александар Хеленски“). Во описот на битката кај Ис, што се водела помеѓу Македонската и Персиската војска, Аријан пишува дека на страната на Персија, против Македонците, се бореле над триесет илјади Хелени! Аријан сведочи дека најжестокиот судир во оваа битка бил токму помеѓу Хелените од Персиската војска и Македонците, а причина за тоа било нивното „старо расно ривалство“. Еве кој натпис под итно треба да го поставите во центарот на Скопје:

Почнала жестока борба. Дариевите Хелени се бореле со цел да ги потиснат Македонците назад кон реката и да ги задржат позициите на своето лево крило... Судирот беше уште повеќе за­горчен поради старо­то расно ривалство помеѓу Хелените и Маке­дон­ците“. (Arrian: "The Campaigns of Alexander", Transl. By Au­brey De Selin­court,  Pengiun books, USA, 1987, стр. 119).

Овој хеленски натпис, во кој е потенцирана „расната омраза“ помеѓу Македонците и Хелените, треба да го ставите крај споменикот на Александар Македонски (или според Вас „Александар Хеленски“). Нека читаат луѓето натписи од хеленската култура.

Патем, од Аријан можам да Ви испратам уште еден куп изјави во кои ги спомнува Македонците и Хелените како два посебни народи. Само известете ме и веднаш ќе ви ги испратам. Низ цело Скопје да лепите, пак ќе Ви останат.

Задолжително треба да го ставите и следниот натпис со изјава од најпознатиот хеленски географ, историчар и патеписец Павсанија (2 век). Во своето најпознато дело „Описот на Грција“ (2,8,4), Павсанија, запишал:

 „...Сите Хелени се плашеа од Маке­дон­ците и од Антигон (македонски крал, з.м.)“.

Во истото дело Павсанија (1,4,1, и 1,4,2).дал уште едно сведоштво, од кое ќе излезе одличен натпис од хеленската култура:         

„Хелените...претходно биле неколку пати поразувани од Александар и од Филип, Антипатер и Касандар, кој потоа целосно ги сокршил“.

Задолжително треба да го залепите и следниот натпис со изјава исто така од хеленскиот автор Павсанија:

          По смртта на Александар, Хелените почна­ле втора војна против Македонците“. (4,28,2).

И уште една изјава од Павсанија која одлично ќе се вклопи со останатите натписи од хеленската култура. Пишувајќи за поразот на Хелените од страна на Македонците по битката кај Херонеја, Павсанија пишува:

„Катастрофата кај Херонеја била почеток за несреќите на сите Хелени, а посебно на оние кои биле поро­бени затоа што биле слепи за опасноста што доаѓала од Македонија... Но, по смртта на Александар, Ати­њаните помислиле дека не смее да се дозволи Грција засекогаш да остане под власта на Маке­донците, заради што почнале војна повику­вајќи ги и другите да им се придружат“.(Pausanias, Description of Greece, 1,25,3).

Еве и една космопoлитска изјава од страна на античкиот автор Ампелиј, кој детално ги набројува посебните народи од Европа во времето на антиката (кога и самиот живеел). И оваа негова изјава одлично одговара како натпис во кој се покажува почит кон сите народи во Европа. Следува изјавата:

„Во Европа најпознати народи се: Скитите, Сарматите, Германите, Дакијците, Мизите, Тракијците, МАКЕДОНЦИТЕ, Далматите, Панон­ците, Илирите, ХЕЛЕНИТЕ, Италите, Галите и Шпанците.“ (Liber Memoralis VI, 3).

Е како тоа ем Македонците биле „Хелени“, ем овој антички автор ги спомнува како два посебни европски народи Македонците и Хелените? И згора на се тој бил Римјанин, а не „македонски националист“. Види го ти него!

Многу важна изјава од арсеналот на хеленската култура е и онаа дадена од познатиот антички хеленски филозоф, картограф, географ и математичар по име Дикеарх (4 и 3 век пред Христа). Во своето дело „Животот на Грција“ тој јасно ја опишал границата на тогашниот хеленски свет:

„Границите на Грција ги лоцирав во земјата на Магнесијанците... Над Темпе, кон планината Олимп, се наоѓа земјата на Македонците“.

Како објаснување на оваа изјава што сигурен сум дека ќе ја залепите како натис од хеленската култура, можете да додадете дека земјата Магнесија (која овде е опишана како северна граница на хеленскиот свет) се наоѓа во јужното подножје на Олимп од грчка страна, а самата планина Олимп и територијата на север од Олимп биле „земјата на Македонците“. И што сега? Зарем Дикеарх (кој, иако бил роден на Сицилија, и самиот бил Хелен и речиси сиот свој живот го поминал среде своите сонародници Хелени на Пелопонез) не знаел каде се границите на  неговата земја, т.е. каде живееле неговите сонародници Хелени, а каде Македоцните? Замислете денес некој германски картограф да ги опише границите на Германија во 21 век, а по 2.000 години некоја будала да напише дека односниот германскиот картограф „не знаел каде се границите на Германија во 21 век“. Можно ли е тоа? Секако дека не! Но, исто е и со Дикеарх. Никој денес нема право да го негира тоа што го запишал во однос на границите на сопствените земја и народ од времето во кое и самиот живеел  (антиката).

Еве уште една изјава од припадник на хеленската култура. Се работи за  изјава од Дионисиј од Халикарнас (1 век), кој во своето дело „Римски старини“ (3) ја спомнува Македонија како „најмоќна нација“ во тогашниот свет: 

          „Македонија, која тогаш била сметана за најмоќна нација на светот, повеќе немала како ривал ниту една нација било барбарска или грчка“.

          Доколку некои членови од Вашата партија Ви забележат дека објавувате „националистички и вмровски изјави“, објаснете им дека Дионисиј од Халикарнас не е член на ВМРО ДПМНЕ затоа што живеел речиси две илјади години пред да се формира оваа партија. Напротив, и самиот бил претставник на хеленската култура, па така и оваа изјава заслужува да биде објавена на посебен натпис во центарот на Скопје.

Промовирањето на хеленската култура кај нас не може ни да се замисли без делото на Диодор Сицилијанецот. И овој хеленски автор напишал биографија за Александар, при што на повеќе места ги спомнува Македонците и Хелените како два посебни народи. Во една изјава пишувајќи за бунтот на Хелените против Македонците, Диодор сведочи:

          „...Хелените, кои беа оставени во Бактрија и Согди­јана ... се побунија против Македон­ци­те. Тие се собраа околу три илја­ди ма­­жи. На патот кон дома претр­пеа многу тегоби, а по смртта на Алек­сан­дар сите  беа масак­­рирани од Македонците“.(Диодор, 17.99.5 - 17.99.6).

Значи ем Македонците биле „Хелени“, ем Хелените (кои принудно биле оставени да живеат во Азија) се побуниле против нив, по што биле масакрирани од Македонците. И тоа го запишал хеленски автор! Колку убав натпис има да биде.

Јустин е уште еден познат антички автор кој напишал биографија за Александар. Ни пет ни шест овој антички автор запишал дека Хелените биле „робови“ на Македонците:

          „...Името на Македонците кое претходно било непознато, наеднаш станало доминантно. А Филип, кој три години бил држан како заложник во Теба..., ја зголемил моќта на Македонија која сега претста­вувала ропски јарем над вратовите на Хелените и на Азија.“(Јустин, 6,9).

          Во својата 12-та книга Јустин го опишува хеленското востание против македонската власт кое било крена­то веднаш по заминувањето на Алексан­дар Ве­ли­ки Македонски во освојување на Азија. Овде читаме:

          „По заминувањето на Александар од Маке­донија, речиси цела Грција, со намера да ја обнови својата слобода, крена вооружено воста­ние...“ (12,1).

Јасни и прецизни изјави за на посебни натписи.

Ќе мора да се стави натпис и со изјава од најпознатиот хеленски географ Страбо (5,26), кој пишувајќи за истори­јата на Европа, децидно ги издвојува Маке­дон­ците во однос на Хелените:

          Водечки на­ции порано беа Хелените, а потоа Македонците и Римјаните...“

Ќе треба да се отстапи место и за натпис со изјава од античкиот автор Созомен, кој во врска со христија­ни­за­цијата на балканските наро­ди, која се одвивала во времето на Конс­тантин Први Вели­ки (306-337), запишал:

          ...Христијаните на запад: Хелени, Македонци и Илири, почнаа безбедно да богослужат под заштита на Конс­тан­­тин, кој тогаш станал главен на Римската импе­рија“.(Ecclesiastical History, Book II, Chap. II).

Чекајте малку, зарем Македонците не биле „Хелени“? Зошто во овие изјави се спомнати како два посебни народи? И тоа од антички автори?  

Тит Ливиј не бил хеленски автор, туку римски. Сепак и тој пишувал за „хеленската историја“, при што и самиот сосема јасно ги изд­воил Македонците од Хелените. Во својата 31 книга (44), пишу­вајќи за омразата на Хелените Атињани кон Македонците од времето на Филип Петти и за нив­ната желба, со помош на Рим, да се ослободат од Македон­ците, Ливиј пишува:

          „Атињаните и нивните сојузници... во секоја при­лика фрлаа клетви врз Филип, врз неговото семејство и врз неговото царство, врз неговите сили на копно и на море, како и врз целата раса и име на Македон­ци­те“.

Следното сведоштво е од познатиот антички ранохристијански теолог Татјан Асириецот (2 век). Едно од него­вите најпознати дела е „Обра­ќање до Хелените“ во кое тој ги критикува античките хеленски автори дека незас­лу­жено припишувале заслуги на Хелените кои никогаш не им припаѓале. Тој наведува кои сегменти од нау­ката и умет­носта Хелените ги украле од други народи, а подоцна ги прикажувале како „свои“:

          „О Хелени,не бидете толку непријателски настроени кон барбарите и не гледајте со толкава злоба кон нив. Речиси сите ваши институции вие ги презедовте токму од барбарите. Најеминентните Телмесијани ви ја соз­да­­доа уметноста на волшепс­твото, Каријците прет­с­­ка­­жу­вањето од ѕвезди, Фригијците и нај­старите Исавријани предзнаците според лета­њето на пти­ци­те... На Вавилонците им ја должите астро­номијата, на Перси­јан­ците маги­јата, на Египјаните геометријата, а на Феникијците азбу­ката и прави­лата за пишување. Прес­танете лажно да ги прикажувате овие изуми како ваши. Орфеј ве научи на поезија и музика, а од него научивте и за мисте­риите. Тусканите ве научија на вајарст­вото, а од старите записи на Египјаните нау­чивте како се пишува  историја. Свирењeто  флејта го научив­те од Марсија и Олимп - овие двајца Фригијци ја создадоа хармо­нијата од цевките на овчарите. Тирен­ците ја измислија трубата, Киклопите ковач­киот зана­ет, а од поранешната кралица на Персијанците, како што ни кажува Хеланикус, сте го превзеле ме­то­дот за пишување на плочи. Затоа не бидете вообразени и пресатнете да се фалите, бидејќи сѐ додека си се фалите самите себе, само вашиот народ ќе ви верува. Но, прис­тојноста наложува дека секој разумен човек треба да добие признание од други... Се смета дека секој народ треба  да има единствен изговор на својот јазик. Но, вие самите не зборувате слично дури ниту во секојдневната комуникација. Начинот на кој збору­ваат Дорците не е ист со јазикот на жителите на Атика, ниту пак Еолците зборуваат како Јонците, па јас навис­тина не знам кого од вас да го нарекувам Хелен. И што е најчудно од сè, вие не си ги почитувате вашите автен­тични зборови, туку ја форсирате меша­вината од бар­барски зборови, кои од вашиот јазик создадоа каша...Вие ја ставивте реториката во служба на неправдата и клеветите, продавајќи ја слободата на вашиот говор за пари и честопати претставувајќи една иста работа еднаш како лоша, а другпат како добра“.

Предлагам оваа изјава дадена од еден од најголемите ранохристијански авторитети Татјан Асириецот, кој денес е почитуван и славен од сите христијани во светот, да ја залепите на плоча на Грчката амбасада (секако во претходен договор со нашите грчки пријатели), па дури може да се органзиира и заедничко свечено откривање на таа плоча.

Ако сакате ќе Ви понудам и изјави поврзани со јазикот. На пример изјава од латинскиот историчар Квинтиј Куртиј Руф (1 век) кој јасно сведочел дека античките Македонци и Хелени меѓусебно комуницирале преку преведувачи. Или изјава од Дио Крисостом кој посебно ги спомнува македонскиот и хеленскиот јазик. Или изјавата од Плутарх во која исто така го спомнува македонскиот јазик како мајчин јазик на Александар Македонски, на Македонската војска која (цитат) „на македонски јазик“ го поздравила својот генерал, но и на египетската кралица од македонско потекло Клеопатра Седма која (според Плутарх) освен својот „македонски јазик“, знаела и други јазици.

Ако сте расположени за лепење натписи со содржини од хеленската култура низ Скопје, можам да Ви понудам сведоштва од над ПЕДЕСЕТ антички (главно хеленски) автори со слични содржини како овие (кои можат да се сретнат на You Tube каналот „Aleksandar Donski History Channel“ и во книгата „Старогрчки и други антички сведоштва за посебноста на античките Македонци“, која на македонски и на англиски е ставена на слободно читање на интернет). И не само тоа. Сите видовме дека првите натписи што ги залепивте во чест на хеленската култура, утредента беа ишарани со спреј. Јас, пак, Ви гарантирам дека изјавите од хеленската култура што јас ќе Ви ги испратам, никој нема да ги ишара! Вие само поставете ги.

На крајот г-дине Заев крајно време е да престанеме да се залажуваме дека нам не ни е потребна историја, туку поважна е Европската Унија. Зошто ги спротивставувате овие работи, кога сите знаеме дека не е така?  Европската Унија не е сојуз на флотантни народи, туку на нации кои се сосема свесни и горди на својата историја и потекло! Нека им каже некој на Ирците дека „не е важна нивната историја“, т.е. дека не е важно дали нивните претци биле Ирци или Англичани... Очите ќе му ги извадат! Или нека се обиде некој да им го каже истото и на Хрватите, Унгарците, Французите, Чесите, Словаците, Романците, Литванците, Летоците, Естонците..., а Грците и Бугарите да не ги ни спомнувам...

 

На прво место

News image

Повик до сите Канаѓани со МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО: ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНСКО-КАНАДСКИОТ КАНДИДАТ ДЕН МАСИН

Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права (ММДЧП) ги повикува сите Канаѓани со македонско...

Иселеници

Култура и туризам

News image

Од борбата за возобновување на автокефална архиепископија на Прва Јустинијана Охрид

„Улогата на идејата за Охридската архиепископија во црковната борба не било едноставно само лирско и...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.