Сабота, 31 Јануари 2026    Печати
Александар Македонски го пресече Гордиевот јазол, Македонија треба да ги пресече безизлезните проблеми

Gordieviot Jazol

Македонија предолго јава на бел коњ!

Европската Унија со години зборува за проширување, но на Балканот го практикува спротивното – услов по услов, барање по барање. Од Македонија се бара повеќе отколку од било која друга земја кандидат во историјата на Унијата: промени на име, устав, историја, јазик, идентитет. Сето тоа во име на „европски вредности“, а всушност во име на интересите на нејзините членки–нашите соседи.

Од малите се бара совршенство, од големите се толерира несовршеност. Едни имаат право на вето, други немаат право ни на глас.

Македонија е притисната да јава бел коњ: да изгледа „европски“, да биде „конструктивна“, да молчи кога ќе ја блокираат, да прифаќа еднострани компромиси. Секое ново вето се продава како „техничко прашање“, секое понижување како „чекор напред“, секое одложување како „нова шанса – уште ова и готово“.

Александар Македонски не јаваше бел коњ. Тој јаваше црн, див и неподложен на туѓа рака – Букефал. Не затоа што сакал да изгледа мрачно, туку затоа што сакал да биде реален.

Бел коњ е за паради, за свечени влезови и убави приказни. Црниот коњ е за тешки патишта, за судири со реалноста, за свет што не е идеален.

Затоа Александар не јаваше бел коњ. И затоа Македонија денес мора да слезе од него. Не за да ѝ сврти грб на Европа, туку за да престане да биде објект на европски ветувања, а да стане субјект со јасна позиција.

Европа не ги почитува оние што трпеливо чекаат, туку оние што знаат што сакаат и каде одат.

Манифест за иднината на Македонија

-Македонија не е чекална за туѓи стандарди. Нашата култура, јазик, традиции и историја се капитал, не предмет на проверка.

-Иднината е во образование, култура, наука и технологија. Народот со знаење и креативност станува непобедлив и независен. Македонија треба да создава идеи, а не само да реагира на настани.

-Македонија не е само дел од историјата, таа е творец на визија и идеали: од Филип и Александар, до Кирил и Методиј, Свет Климент, првиот универзитет во Европа,...

-Балканот може да биде пример за интеграција, стабилност и иднина, ако Македонија конечно биде почитувана од нашите соседи.

-Македонија несмее да се моли за место на европската сцена. Таа заслужува рамноправност врз принципи, визија и остварени резултати.

-Иднината не се чека, таа се создава. Со јасна стратегија, смелост и упорност.

-Историјата покажува дека само народите што се осмелуваат да се соочат со реалноста ја пишуваат својата судбина. Македонија треба да биде таква: народ со визија, достоинство и храброст.

-Македонија мора да инвестира во сопственото продолжување, не само преку политика и економија, туку и преку семејство. Како што опстојуваше народот низ вековите, така и денес секое повеќедетно семејство е потврда дека Македонија ќе опстои. Растот на нови генерации е најсилниот одбранбен механизам против демографска и културна ерозија.

-Денес е време Македонија да го јава својот црн коњ, да го пресече својот Гордиев јазол, како Александар Македонски што со мечот го пресече, да ги пресече безизлезните проблеми што ја сопираат иднината, бирократија, двојни стандарди, зависност од туѓи ветувања.

-Македонецу, како Александар со Букефал, треба да ја јаваш реалноста, да ја соочиш темнината и да донесеш одлуки што се во интерес на народот, без постојани отстапки пред надворешни притисоци.

Храброста е решението, а одлуката да се стои исправено е првиот чекор кон вистинска, достоинствена иднина за народот и Македонија!.

-Македонецу, почитувај ја својата минатост за да создадеш силна иднина.

МН