Вторник, 10 Февруари 2026    Печати
Струмица како Колумбија: дрога, лиценци и политичка заштита

MN

Скандалот со запленетата дрога во Струмица не е изолиран инцидент, туку алармантен потсетник на најмрачните поглавја од светската криминална историја. Кога една општина почнува да личи на нарко-центар, прашањето повеќе не е дали има политичка одговорност, туку до каде оди таа одговорност.

Над две третини од околу 30 тони дрога запленети во струмичкиот регион се поврзуваат со фирма која директно води до кадри и блиски соработници на СДС и кланот Заеви. Станува збор за „ЦБД Медплант“, формално заведена на името на Христијан Котев, а фактички контролирана од неговиот татко Тони Котев – М’гчев, поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и човек со длабоки бизнис-врски со Вице Заев и Гидан Колев.

Лиценците за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година ги доделуваше владата на Зоран Заев и Венко Филипче. Не по јасни критериуми, не по строга законска процедура, туку по партиска и семејна линија. Дозволи добиваа фирми директно поврзани со Зоран и Вице Заев.

Денес, резултатот од таа политика е поразителен: тони дрога на терен и сериозни безбедносни последици за државата.

Истата таа влада доделила лиценци и на „Еко Енерџи-Космос“ од Ново Село и „Лајтинг Лукс“ од Струмица – фирми поврзани со синот на Боро „Малборо“ и повторно со Христијан Котев. Случајност? Или уште еден доказ дека лиценците биле валута за политичка лојалност?.

Медицинската марихуана, очигледно, служела како параван за организиран криминал во огромни размери. Според наводите, во периодот од 30 јуни до ноември 2025 година, само една од овие фирми „испорачала“ дури 19 тони марихуана кон скопска фабрика. Количини кои немаат никаква врска со медицина, а сè со организиран нарко-бизнис.

ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш предупредуваше: лиценците не се делат по закон, туку по семејна и партиска блискост со Заеви. Денес тие предупредувања се претвораат во сурова реалност.

Прашањата се неминовни и бараат одговор:
Која е улогата на Зоран и Вице Заев во овој случај?
Зошто Зоран Заев лично се јавувал во Царинската управа и се интересирал за овој предмет?
Колкав дел од профитот од овој нарко-скандал завршил кај Заеви?

Она што со години функционирало во Струмица сè повеќе личи на нарко-картел со политичка заштита од СДС. По начинот на делување, овој случај потсетува на најмрачните примери од светската криминална сцена. Но историјата покажала едно: секој картел, без разлика колку долго бил заштитуван, на крај паѓа.

Затоа, Јавното обвинителство мора итно да отвори целосна и неселективна истрага. Овој случај не смее да заврши со молк, релативизација или заборав. Одговорност мора да има, по име и презиме.

Ова не е само заплена на дрога, ова е тест дали Македонија е држава или партиски заштитен нарко-бизнис.

МН