|
||
| Сретение Господово: средбата што го менува светот |
|
На празникот Сретение Господово, Црквата го слави споменот на еден тивок, но суштински настан од земниот живот на Господ Исус Христос (Лука 2, 22–40). Четириесет дена по Неговото раѓање, Пресвета Богородица и праведниот Јосиф Го принесуваат Богомладенецот во Ерусалимски храм – духовниот центар на богоизбраниот народ. Според Мојсеј (3. Мој. 12), жената што ќе роди машко дете четириесет дена не влегувала во храмот. Тоа не било казна, туку дел од старозаветниот поредок на очистување и посветување. Но токму тука се случува парадоксот што ја открива длабочината на христијанската вера: Оној Кој го дал Законот, доброволно му се потчинува на Законот. Создателот на храмот влегува во храмот како Дете. Сретение значи „средба“. Тоа не е само историски настан, туку божја порака. Во храмот се среќаваат Стариот и Новиот Завет. Старецот Симеон – праведник кој со години го чекал исполнувањето на ветувањето – Го зема Младенецот во рацете и ги изговара зборовите што одекнуваат низ вековите: „Сега го отпушташ Својот слуга, Владико… зашто очите мои го видоа Твоето спасение.“ Во таа прегратка се среќаваат надежта и исполнувањето, ветувањето и реалноста, човекот и Бог. Овој празник нè потсетува дека Бог не доаѓа со сила и триумф, туку со смирение. Не доаѓа да ја укине традицијата, туку да ја исполни. Не доаѓа да ја оттурне историјата, туку да ѝ даде смисла. Во четириесеттиот ден по раѓањето, Игус Христос не прави чудо, не држи проповед, не собира ученици. Тој едноставно се принесува – како дар. Во времиња кога светот е исполнет со конфликти, идентитетски кризи и духовна празнина, Сретение ни поставува едноставно, но суштинско прашање: Дали сме подготвени за средба? Средбата со Христос не е спектакл. Таа е лична, тивка и длабока. Како што Симеон Го препозна Спасителот не по надворешна слава, туку по духовна светлина, така и денес верата бара внатрешен вид. Сретение е и празник на светлината. Христос е „светлина за просветување на народите“. Тоа значи дека верата не е затворена во етнички или национални рамки. Таа е универзална порака на спасение. Во храмот во Ерусалим, во срцето на еврејската традиција, се објавува спасение за сите народи. И токму затоа Сретение не е само спомен на минатото. Тоа е повик кон сегашноста. Да ја направиме средбата со Бога суштина на нашето секојдневие. Зашто вистинската средба со Христос не завршува во храмот – таа почнува таму. |