|
||
| Дали вратата за Македонија во ЕУ навистина е отворена? |
|
На Минхенска безбедносна конференција, премиерот Христијан Мицкоски учествуваше на тркалезната маса со симболичен, но суштински наслов: „Отворена врата или отворен крај? Исполнување на ветувањата за проширување на ЕУ“. Тоа не беше уште една протоколарна дискусија со внимателно одмерени дипломатски формулации. Беше разговор за довербата. За кредибилитетот. За тежината на европскиот збор. Мицкоски јасно ги претстави позициите на Македонија. Ние не бараме привилегии. Не бараме кратенки. Бараме фер третман и доследност во принципите што самата Европска Унија ги воспостави. Ако правилата важат за сите, тогаш треба да важат и за нас. Ако реформите се мерило. тогаш реформите мора да бидат наградени. Пораката беше едноставна и прецизна: на Македонија и на регионот не им треба процес без хоризонт, туку заслужена и предвидлива европска иднина. Предолго живееме во чекалница. Предолго слушаме дека „сега не е моментот“, дека „контекстот е сложен“, дека „потребна е дополнителна политичка волја“. Но колку уште генерации треба да растат со ветување наместо со перспектива? Колку уште компромиси треба да направиме за да докажеме дека сме дел од Европа, географски, културно и вредносно? Македонија направи тешки одлуки. Понесе товар што малку држави би го понеле без длабоки внатрешни потреси. Нашите граѓани покажаа зрелост, трпение и јасна европска ориентација дури и кога разочарувањата беа најголеми. Тоа не смее да остане без одговор. Проширувањето не е милостина. Тоа е стратешка инвестиција во стабилноста на целиот континент. Балканот не е периферија. тој е дел од европската безбедносна и политичка архитектура. Во време на засилени геополитички тензии, отворената врата мора да биде вистински отворена, а не симболично подотворена со бесконечни условувања. Време е реформите и трудот на нашите граѓани да бидат соодветно вреднувани. Време е европската перспектива да престане да биде декларација и да стане реалност со јасна временска рамка. Предвидливоста е клучот за довербата. Без неа, секој процес се претвора во отворен крај. Македонија нема да се откаже од европскиот пат. Но Европа мора да покаже дека и таа не се откажала од сопствените ветувања. Историјата нема да суди само по зборовите, туку по делата. И затоа прашањето останува едноставно, но суштинско: Дали вратата за Македонија во ЕУ навистина е отворена? |