Среда, 18 Февруари 2026    Печати
Обвинителскиот систем влегува во нова, уште подлабока криза!

9 copy copy copy copy copy copy copy

КРИВИЧНА ПРИЈАВА: Судир со системот или последен крик за правда?

Поранешниот претседател на Основен кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, поднесе кривична пријава против претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, како и против останатите девет членови на Советот.

Обвинувањето е тешко, злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Со тоа, институционалниот спор околу толкувањето на работниот стаж прерасна во отворен правен и политички судир.

Панчевски не застана само на поднесување пријава. Тој испрати јасна порака до највисоките државни структури:

„Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско-обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат, потешко повредувајќи ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем. Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените.“

Ова не е само изјава. Ова е директен предизвик. Повикот „да се охрабрат“ не е во законите, туку во волјата тие да се применат кога станува збор за луѓе од врвот на системот.

Особено чувствителен е делот во кој Панчевски ја посочува заменик-претседателката на Советот, Маријана Илиеска. Според него, таа тврдела дека неговиот стаж не може да се смета како непрекинат во областа на кривичното право. Но, истовремено, според Панчевски, постоел основ за нејзино изземање поради можен судир на интереси, како блиско лице на осуден во предмет по кој судел токму тој.

Ова е тест за системот.

Дали органите на прогонот ќе постапат по пријавата, без оглед на функциите и позициите на пријавените?

Дали ќе се отвори постапка по допрен глас?

Или сè ќе остане во рамките на меѓусебни обвинувања и медиумски прес конференции?

Ако пријавата остане без реакција, ќе се продлабочи перцепцијата дека постои затворен круг во кој одговорноста е селективна. Ако се отвори транспарентна и темелна истрага без оглед на исходот тоа може да биде првиот чекор кон враќање на довербата.

Во момент кога довербата во правосудството е кревка, ова не е прашање само за Владимир Панчевски. Ова е прашање дали законот важи еднакво за сите, или храброста навистина е предуслов за правда.