|
||
| „Етнос“ за изјавите на Рикер: „САД го потчукнаа Скопје по рамото“ |
„САД го потчукнаа Скопје по рамото“, така грчкиот весник „Етнос“ ја коментира последната изјава на американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер дека позицијата на Вашингтон за решавање на грчко-македонскиот спор не предвидува промена на уставното име ниту на Уставот на земјата.Весникот наведува дека со изјавите на Рикер во интервјуто за скопската телевизија „Алфа“, тој де факто застапува прифаќање на „двојно име“ како решение на спорот меѓу Скопје и Атина односно да се најде компромисно решение што би ја заменило референцата ПЈРМ, а името Република Македонија би останало за внатрешна употреба и за билатерална комуникација со државите кои веќе го признале уставното име. Филип Рикер, додава весникот, уверува дека решението на спорот нема да го засегне македонскиот идентитет и јазик. - Не сметаме дека решението треба да доведе до промена на уставното име или на Уставот. Тоа е ваш Устав, ваш свет документ. Тоа што е нужно, е двете страни Грција и Македонија да постигнат договор за едно меѓународно име кое ќе го замени ПЈРМ и каде тоа ќе се користи. Она што ние поддржуваме е да се свртиме кон вистинското прашање, а тоа не се прашањата за идентитетот или за јазикот, туку се однесува на наоѓање едно решение кое ќе ви овозможи да си го сочувате Уставот и да се приближите кон Североатлантската алијанса, ја пренесува „Етнос“ изјавата на Рикер. Весникот коментира дека изјавите на амбасадорот на САД во Скопје доаѓаат во пресрет на очекуваната нова иницијатива од посредникот на ОН Метју Нимиц за решавање на прашањето за името и во време кога се бара формула за надминување на безизлезната ситуација во преговорите за името. Треба да се види дали изјавите на Рикер ја одразуваат целосно официјалната американска позиција и дали Атина е запознаена со формирањето на новата рамка за преговорите, пишува „Етнос“. |