Среда, 15 Септември 2010    Печати
Опис на Македонија од 1470 година од Џо Марио Делји Анџиолело

opis-na-makedonija-1

Република Венеција (Republica de Venexia), попозната како Млетачка Република е средновековна аристократска република која од XI до XIII ја проширила својата власт на еден дел од Ломбардија, Далмација, Албанија, Пелопонез, Крит, Кипар и на егејските острови. Во XV век, под нејзина власт биле градовите Падова, Виченца, Верона, Бреша, Бергамо и др. Врв на нејзинатата експанизија настанала после IV крстоносна војна кога добила дел од Цариград, Мореја, јонските острови и правото за неограничено тргување (1205. – 1358), а нејзината врховна власт ја признал и Дубровник. Венеција во овој период како најголема поморска сила на Средоземното море со право била наречена "господарка на морето".

Со ширењето на Отоманската империја, биле загрозени интересите на Венеција како на Балканот така иа островите во Егејското и Средоземното море. Во постојаните борби со Турците; Венеција полека ги губи Источните поседи, а Турците ги освојуваат Кипар во 1571, Крит во 1669. и т.н.. Венецијанците како познати светски трговци или како војници кои се долго време присутни на Балканот, Егејското и Средоземното Море, добро ги познаваат приликите и народите кои живееат на овој простор.

Во историските документи од средниот век се сретнуваат повеќе патеписи за Македонија. Меѓу нив е и дневникот на Џо Марио Делји Анциолело кој потекнувал од италијанскиот град Виченца. Како капетан на венецијанската пешадија војувал против Турција, а во јули 1470 г. бил заробен. Како турски заробеник, напишал дневник од кој тука се издвојува делот што се однесува на Македонија, а е објавен во „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава’, том први од 1981 година.

Од дневникот на Анџиолело може да се забележи дека тој ги знае границите на Македонија и ги издвојува Македонците од Грците како посебен народ. Исто така може да се забележи дека тој добро ја познавал историјата на Македонија и за славното минато на Александар Македонски и неговиот татко Филип. Исто така мошне интересна е и информацијата на Анџиолело од која се дознава дека телото на патронот на Солун, Св. Димитрија, уште во 1470 година се наоѓало на тоа место, а што се потврдува и од кажувањето на рускиот калуѓер Исаија, кој тука поминал 19 години по Анџиолело.

Капетанот на венецијанската пешадија Џо Марио Делји Анциолело поминувајќи низ Македонија во летото 1470 година во својот дневник ќе забележи:

„8 август 1470 година. Султанот запре и конакуваше од другата страна на клисурата во едно поле што ја претставува границата на Македонија.

На 9 август преноќеваше во близината на една тврдина наречена Платамон, од каде што човек може да го види Солунскиот Залив и градот Солун.

На 10 август, поаѓајќи од Платамон(место на Солунски Залив, јужно од Олимп), застана и конакуваше на едно место наречено Китрос (мало место во Македонија, северно од Катерини), во споменатиот залив. Тука има многу солани и недалеку се наоѓа голема река наречена Вардар, која поминува низ Македонија и се влева во Солунскиот Залив. Во овие места има во изобилство одлични расни коњи. Нив ги донесоа тука од Азија бидејќи овие места се погодни за одгледување на коњи.

На 11 август, минувајќи ја реката преку мостот, султанот логоруваше во Солунското Поле. Солун е град кој се наоѓа на многу убаво место и добро е тврд. Има своја тврдина. Тука има изобилство храна и други видови стоки, а особено кожи и волна. Исто така тука се наоѓа и телото на свети Димитрија и од неговиот гроб излегува масловидна течност која се препорачува за многу болести.

Поаѓајќи од Солун на 12-ти во месецот, султанот логоруваше на една планина, наречена Боданос и преноќеваше на нејзиниот врв.

На 13-ти во месецот султанот логуруваше во близината на еден град, наречен Сер, кој така се викал и во древноста. Тука била погребена онаа убава физиономија на благородникот Франчиско Брандолино кој беше генерал на Свети Марко (т.е. на Венеција). во Мореја. На 14-ти, поаѓајќи од ова место, конакуваше во близината на Света Гора, која се простира во должина од 30 милји внатре во морето. Оваа планина е многу висока и тука се наоѓаат многу манастири на христијански калуѓери од кои некои се Грци, други Македонци, Власи па дури и Италијанци, како и од други нации (оригинал - Cristiani Calogeri li quail alcuni sono Greci et alcuni Macedoni et vlashchi at ancora de Italiani at altra nacii), кои живеат живот на светци.

Никогаш не јадат месо, а во разни годишни времиња дури и пресна риба што би имала крв. Мнозина од нив не јадат во текот на постот ништо печено и никогаш не спијат на кревет. Местото за молитви им е далеку од манастирите, таму одат сами и остануваат по 8-10 дена. А прават и многу добрини. Во сите овие манастири има чешми со прекрасна вода и посадено многу овошни дрвја.

На Света Гора и по манастирите забрането е влегување на секаков женски род, ниту на кокошка, ниту на кучка итн. А во нивните братства не примаат ниедно момче без брада. Воопшто, таму живеат свети луѓе. Но и покрај тоа Турците се многу предани кон овие калуѓери и живеат со нив во мир.

На 15 август султанот замина и логоруваше на едно место, кое некогаш било голем град наречен Филибегош (што значи земја на Филип), изграден од царот на Македонија, Филип. Тука има многу старини и на планинката се зачувани неколку пусти кули. Дури и на билото од планинката има еден подиум исклесан врз една голема карпа. На долната страна од градот е зачуван еден столб многу поголем и многу висок, а околу него е зачуван натпис со грчко писмо што покажува дека на ова место била коњушницата на Александар Велики каде што имало многу кoњи, мошне поголеми од денешните, бидејќи врз столбот се изделани во природна големина потковите на овие коњи, кои споредени со сегашните наши коњи се многу поголеми. Овде-онде се наоѓаат доста стари споменици низ рамнината. Дури и тие се многу поголеми од денешните во нашите градови.

На 16 август замина султанот. Поминавме по една планинска долина која се вика Кавала, свртена кон морето. Тука се наоѓа теснина каде што се наоѓаат две убави тврдини, едната на планината а другата покрај морето, а и двете се запуштени. Меѓу овие две тврдини изгледа дека имало многу убави градини со многу овошни дрвја, што сега остареле и веќе не даваат плодови. На овие места се јавуваат и многу пирати кои ги напаѓаат патниците и ги ограбуваат.

Тој ден султанот застана на една рамнина во близината на една река наречена „Aqua Bruna". На 17 август замина од ова место и залогорува во близина на една убава и раскошна тврдина наречена Бари, која се наоѓа покрај морскиот залив. Тука живеат Грци и Македонци.

На 18 август 1470 година замина.“

Читајќи го извадокот од дневникот на Анциолело, посебно во делот каде метафорично ја опишува големината на античките населби и коњи, чија големина не можела да се мери со тогашните, несомнено се гледа колкава била голема славата на Александар Македонски, таткому Филип и Македонија во тоа време.