Сабота, 14 Мај 2011    Печати
Манифест

manifestvmronovo_56504_0-1ВМРО-ДПМНЕ денеска ја промовираше Изборната програма за периодот 2011-2015 насловена „Манифест за реформи и развој“ .

Лидерот на партијата и актуелен премиер Никола Груевски истакна дека оваа Програма содржи над 1.200 нови проекти.

- За Македонија секогаш може и мора подобро, изјави тој, додавајќи дека Манифестот претставува усовршена програма базирана на позитивните и негативните искуства што произлегле од Програмата на партијата за периодот 2006 – 2011 година „Преродба во 100 чекори“. - Од преродбата завршени се или се во завршна фаза 1.185 проекти, рече Груевски пред членовите на партијата и коалициските партнери.

Премиерот и лидер на партијата Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со намалување на даноците и придонесите. Посочи дека ќе биде укинат данокот на сите мали и средни претпријатија во однос на трговци кои заработуваат до три милиони денари, ДДВ-то во туристичката дејност ќе биде намалено од 18 на 5 отсто, за исто толку ќе биде намалено и ДДВ-то за суровото масло за јадење, а ќе бидат намалени и одредени други царински стапки, ќе растат субвенциите за земјоделците...

Во поглед на евроинтеграциските процеси на земјата тој истакна дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е членство на земјата во ЕУ и НАТО што подразбира продолжување на реформите и многу работа.

Како гаранција дека новата Програма ќе биде реализирана, Груевски ги посочи ветените и остварените проекти од преродбата. – Не постои посилна гаранција од делата. Тие не прават различни од СДСМ. Потешко ветуваме, но се држиме до зборот, рече Груевски.

Предвремените парламентарни избори, според него, наликуваат на референдум и тоа на референдум за реформи и развој од една страна, или вечна транзиција.

- Ние ја имаме убедливата поддршка на граѓаните и после 4,5 годишно владеење, а клучот за тоа се реформите, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на промоцијата на Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што се наведува во Програмата во периодот 2011-2015 година, партијата останува посветена на реализација на стратешките приоритети на Република Македонија: зголемување на економскиот раст и вработеноста, како предуслов за пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот, интеграција на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото преку длабоки реформи во судството и јавната администрација, одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, подеднаков третман на сите пред законот и довршување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образованието, науката и информатичката технологија како елементи на општеството базирано на знаење.