Сабота, 04 Јуни 2011    Печати
Изложба на стари еврејски разгледници

razglednici-1Во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје беше отворена изложба на разгледници „Минати денови“ со мотиви од животот на Евреите. Над 450-те разгледници  во поставката се дел од приватна збирка на чешкиот колекционер Франтишек Банјаи, претседател на Еврејската заедница во Прага.

Разгледниците документираат различни сфери од еврејскиот живот. На нив најчесто се прикажани синагоги, еврејски  гробишта, населби, улици и гета во Централна и во Источна Европа, каде што живееле многубројни заедници на Евреите Ашкенази. Во колекцијата на Банјаи нема разгледница од Македонија и од други места каде што биле населени  сефардските Евреи.

Картичките со кои Евреите во Средна Европа се допишувале за празници или си разменувале радосни или тажни вести се од од втората половина на 19 и почетокот на 20 век. Некои се од службени патувања, има и испратени од војници во Првата светска војна. Најстарата датира од 1883 година и била испратена од Будимпешта до Прага.

- На разгледниците автентично е овековечен еден изгубен свет. Се обидов да ви го претставам светот на Евреите онаков каков што беше, некаде неразвиен и сиромашен, некаде горд во своето богатство и своите убави синагоги, рече сопственикот на збирката Банјаи.

Тој ги собирал разгледниците 25 години. Рече дека нивната цена на аукциите се движи меѓу 100 и 200 евра, има некои сликани од познати уметници што се вредни и до 7.000 евра, а  некои се и бесценети.

- Најинтересна ми е таа што уште ја немам. Собирањето е како лов, тоа што е уловено е добро, но на човека му се допаѓа тоа што го нема, рече Банјаи.

Изложбата е конципирана во 2007 година. Досега гостувала во шест европски градови, а во Скопје ќе биде отворена три месеци. Организирана е во соработка со Чешката амбасада.

Амбасадаорот Јозеф Браун рече дека поставката е обид да се задржи споменот на невините жртви убиени од нацистите. – За оние кои значајно ја збогатиле науката, културата и економскиот развој на нашата земја. Нивните традиции, култура и обичаи се неодделиви од нашата историја, рече амбасадорот на Чешка во Македонија.