|
||
| Еден живот, една историја, посветен на Македонија |
|
Во 1950 г. Драган кај Гевгелија ја премина границата кон Грција, од 1950 до 1954 год. живее во Јужна Америка, а 1954 замина за Франција. Во 1963 год. во Данска се формира ОКМ, а до 1977 год. Драган е претседател на ДООМ. Таа година е киднапиран во Париз од страна на УДБА и со дипломатско возило пренесен во Љубљана, а подоцна во Скопје. 18 месеци е во изолација во полициски објект во близина на Македонски Брод, каде бил чуван врзан со ланци на нозете. Судскиот процес се одвива зад затворени врати. Драган беше осуден на 13 години, од кои во Идризово издржа 11 години – од затвор излезе 1988. Отиде во Шведска, а од таму 1990 година во Берлин, од каде со братми Гојко заминаа за Минхен. На 17 Јуни 1990 год. се одржа Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ во Домот на млади “25 Мај“ во Скопје. На основачкото Собрание Драган не можеше да присуствува - тогаш не поседуваше југословенска патна исправа. На 6 и 7 април 1991 год во Прилеп, на првиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ Драган Богдановски беше избран за почесен претседател на партијата. Во септември 1991 год. во Берлин, се одржа првото советување на македонците во дијаспората. Се формира Задграничен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а за претседател беше избран Богдановски.
Некои денес се чукаат во гради докажувајќи колку имале заслуга за ова што го имаме денес. Но, едно е сигурно, најголема заслуга што денес имаме Македонска самостојна држава има токму Драган Богдановски. Денес имаме аманет од Драган и од сите што се бореле за самостојна Македонија: -да работиме за Македонија, -сите без разлика, стари или млади, -сите Ние имаме аманет да ја сакаме Македонија, -имаме аманет имаме да ги почитуваме и тие кои беа убивани, -и тие кои беа испраќани на Голи Оток, -во Идризово, во затворот на Солунска глава, А беа затворани само затоа што ја сакаа Македонија.
За Драган Богдановски имам да кажувам многу, што било, како се случило,... Мојата прва средба со Драган Богдановски беше во Гетеборг во 1976 г. На таа средба Драган ми говореше за идејата и целта на ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија), за програмата и за активностите кои членовите на движењето требаше да ги остваруваат. Долго во ноќта разговаравме за македонските работи, ми кажуваше како македонската емиграција да делува во остварувањето на главната цел, Македонија да стане независна, самостојна, суверена, демократска држава, а со тоа да се остварат идеалите на македонските Илинденци. Кога во 1990 година Драган дојде во Берлин, јa прифатив неговата идеја за формирање на партија затоа што му верував, исто така верував и во аманетот на тие пред нас, во Тие кои се бoреле за самостојна македонска држава. Му верував на Драган, иако понекогаш се расправавме, а се расправавме за некои детали во нашата заедничка борба за Македонија. Го подржував, со чиста совест и срце, бидејќи Драган беше човекот со искрена верба и посветеност за македонската кауза! Денес, Македонија врви по патот за кој се боревме Ние и илјадници други, денес сме самостојна држава на Македонскиот народ. Денес има многу, пред се млади луѓе кои ја следат и живеат поради идеологијата и љубовта на родната грутка, на будење на заспаните, исплашените срца и души на Македонците, каде и да се во светот! Благодарение на сите кои се вложија, а илјадници го дадоа животот за Македонија, Таа денес е на стабилни нозе. Денес можеме да речеме дека минато се македонското неединство и поделеност, иако, за жал, сеуште ги има и такви, кои без компас и ориентир, живеет во едно друго време на потклекната македонска гордост и со кутната глава. Единството за кое ВМРО и ДООМ во историјата се бореле од денот на формирањето до денес, не е само потреба туку и реалност, особено кога сега ги остваруваме виталните национални интереси. Да му заблагодариме на Господ Бог, да им заблагодариме на сите македонски генерации што како аманет ни ја предаваа оваа единствена, Библиска МАКЕДОНИЈА за да ја пренесуваме и ние, да и заблагодариме на судбината што не одбра токму нас, оваа генерација да подигне здравица во име на вековите, да му заблагодариме и на Драган Богдановски.
Македонија е наша судбина, Македонија е наша обврска, Македонија е наш благослов. Спомен плочата во Клечовце која ќе биде поставена во Понеделник на 24.10.2011 г. во 12 часот ќе потсетува на неговата патриотска посветеност и жртва, на делото на човекот легенда и маченик на македонската борба.
Мане Јаковлески |