Среда, 18 Април 2012    Печати
Наградата на ОМД „Пријател на Македонија“ за генерал мајор Дуби од Вермонт

omd-dubi

За долгогодишен придонес во градењето на американско-македонските односи, генерал мајорот Мајкл Дуби, командант на Националната гарда на сојузната американска држава Вермонт, е добитник на наградата „Пријател на Македонија“ што ја доделува Обединетата македонска дијаспора.

- Генерал мајорот Дуби е силен поддржувач на членството на Македонија во НАТО и во бројни прилики го пофали придонесот на македонската армија кон глобалниот мир и безбедност. Од доаѓањето на чело на Националната гарда на Вермонт генерал мајор Дуби работеше на јакнење на военото партнерство меѓу САД и Македонија. Под негово лидерство 80 македонски војници се бореа рамо до рамо со контигентот на 86. пешадиска бригада на Вермонт за време на нивното неодамнешно распоредување во Авганистан што претставува прв ваков заеднички ангажман во историјата на американската војска со земја која не е членка на НАТО, се наведува во соопштението од ОМД.

Наградата „Пријател на Македонија“ ОМД ја доделува на личности кои негувале долготрајни пријателски врски со Македонија и со македонската заедница низ светот.

Меѓу досегашните добитници се и канадскиот министер за државјанство, имиграција и мултикултура Џејсон Кени, американските конгресмени Кендис Милер и Бил Паскрел, амбасадорите Кристофер Хил и Филип Рикер, како и американскиот славист професор Виктор Фридман.