|
||||
Антимос разгорува омраза |
Светскиот македонски конгрес смета дека солунскиот митрополит Антимос со своите изјави наместо мир и љубов, поттикнува и разгорува расизам и фашизам, омраза и војна меѓу Македонија и Грција. Неговите беседи за Македонија се антихристијански, антиисториски и антимакедонски. По изјавите на Антимос дека Атина треба да ја искористи автобиографијата на поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во која тој тврди дека Mакедонците се најголеми фалсификатори на историјата за да докаже дека Грција е во право во спорот со Македонија, претседателот на СМК Тодор Петров истакна дека „тој не треба да дели лекции по историја и демократија туку да лежи во затвор во Идризово за велепредавство и неосновано богатење“. - СКМ со индигнација ја отфрла изјавата на Солунскиот митрополит Антимос за неговата вера во изјавите за одродникот Љубчо Георгиевски дека Македонците се најголеми фалсификатори на историјата на Балканот. Антихристот Антимос се крсти во одродникот Георгиевски, бидејќи и двајцата се слуги на сатаната. Едниот душман на Македонија, другиот велепредавник со тапија, рече Петров. Македонците, рече, не ја делеа Грција, Бугарија, Албанија и Србија. Македонија беше поделена во Балканските војни и со Букурешкиот договор окупирана од Грција, Бугарија, Албанија и Србија. Македонците станаа жртви на геноцид и насилни прогонства од окупаторските режими на својата татковина Македонија. СМК, како што истакна Петров, и натаму смета дега Георгиевски е пародија на демократијата во Македонија. Од бугарски врховист, додаде, преку бугарски државјанин со декларација дека е Бугарин по потекло, стана антимакедонец по потреба, не бирајќи средства за навреда и ширење лаги за македонската држава и македонскиот народ во целина. - Него денеска го бранат само бугарските ултранационалисти, грчките неонацисти и забеганите од СДСМ на Бранко Црвенковски. Тој не се одлепи од стереотипите на балканските метрополи и нивните приказни за културата и историјата на Македонија, која од прегратките на Белград ја фрли во прегратките на Софија, со промена на уставното име според грчките интереси. Се обедини со српскиот неоврховизам на Црвенковски и двајцата посветени на задачата од Атина, Белград и Софија за трајна промена на уставното име со рекомпонирање на власта во Македонија, рече претседателот на СМК. Светскиот македонски конгрес ги предупредува, како што вели Петров, Квислинзите и неоврховистите да не си играат со достоинството на Македонците и Македонија. - Македонизмот за Македонија е етнологија, самоопределување и самоидентификација. За Грците Македонизмот отсекогаш бил географија, бидејќи од балканските војни Македонија за Атина е земја под окупација, рече Петров. Тој уште еднаш го повтори познатиот став на СМК за итен и безусловен прекин на разговорите со Грција и продолжување на членството во ОН и во другите меѓународни организации под државното име Македонија со уставната додавка Република, без латинична транскрипција на македонскиот јазик, туку на англиски јазик Republic of Macedonia со меѓународен код МК, односно МКД и нотификација на македонскиот народ и јазик. СКМ бара македонското Собрание да упати Резолуција до есенското заседание на ГС на ОН во која ќе констатира дека државата со времено обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија безусловно го продолжува своето членство во оваа организација под државното име Мекедонија. |