Среда, 01 Август 2012    Печати
Жени воини

zeni-voiniГордана Димовска

Многумина мислат дека во античко време жената имала улога само на мајка, жена затворена во своите палати, без никакви права. Па од таму и помислата дека војните ги воделе само мажи. Но историјата бележи безброј податоци од антика до денес дека жената била и учесничка во војни а во некои случаи и причина за војни. За тоа дека жените биле и борци не е нешто измислено во 20-тиот век туку многу одамна.

Жените- воини, во античко време се познати по својата убавина, мудрост, храброст и интелигениција. Особини кои за жал не смееле многу да ги истакнуваат во нивното време. Можеби на жените водачи, кралици, мајки не им биле дадени сите привилегии и права да се борат рамноправно со мажите, сепак треба да веруваме дека нивните дела останале да инспирираат генерации и генерации на жени и мажи до ден денес.

Една таква личност, жена – воин била и Олимпија, мајката на Александар Македонски. Нејзината борбеност секогаш била засенета поради популарноста на синот и сопругот Филип. До израз доаѓа дури после смртта на Александар. Со цел да ја заштити сопругата на Александар, Роксана а нејзиниот внук да го преземе царството таа била изложена на многу непријатни настани и предизвици.
На Олимпија и требал регент кој би ја штител царската функција и семејството. Таа верувала дека најсоодветна личност би бил – Птоломеј од Египет. Таа во него го гледала спасот на македонското царство од пропаѓање, поради неговата храброст, многубројна војска.

Големото растојание од Македонија до Египет не и овозможило на Олимпија веднаш да ја реализира својата намера. Меѓутоа, од кога дознал Касандар за настаните во Пела со молскавична брзина пристигнал во Македонија и се судрил со војската на Олимпија. Олимпија немала никакви шанси за победа и се утврдила во крепоста Пидна. Завладеал глад и таа морала да ја предаде крепоста Амфипол за да ја ослободат Роксана и малиот Александар. Но за жал, тие наместо да ги ослободат,биле повторно притворени а Олимпија каменувана. Не и се исполнила желбата да го види малиот Александар на тронот.

Популарноста на жените борци не стивнувала ни за време на Македонија под османлиското владеење. Во борбите против османлиите се бореле и жени - ајдути. Некои од нив биле толку популарни меѓу народот па станале и војвотки. Таков е примерот со Сирма Војвода и Румена Војвода. И двете се опеани во македонските песни заради нивната пожртвуваност, борби за ослободување на Македонија. Родена е во селото Ѓушево (Ѓуешево) според некои податоци во 1826, а според други во 1831 година. Била убава и силна девојка. Во 1843 година се омажила со својот соселанец Ѓорѓи и со него имала син, Андон. Кога детето имало само 4 години, Румена ја зела пушката на рамо и заедно со уште 15 –тина ајдути се заколнала дека ќе се бори против наездите на османлиите и ќе го штити населението од насилниците.

Во текот на нејзината младост таа била неколку пати грабнувана, принудувана да се потурчи. Кога турците го барале Дедо Иљо Малешевски, ја фатиле Румена и ја мачеле за да им каже каде се наоѓа Дедо Иљо Малешевски. Тоа го правеле пред сите селани а таа трпела, не се предавал и со гордо издигната глава им рекла ‘има да видите вие‘

Пред да замине в планина, таа оставила аманет до семејството, да се грижат за нејзиниот син Андон. Румена изјавила: "Ајдутин сум, целиот свет пропиштел на мене! Штом е така нека станам ајдутин. Познати и забележани се нејзините борби против насилниците во 1856 до 1860 година. Таа била наречена Планинска царица која успеала да го ослободи населението  од турски армиски чети.Таа ги напаѓала и чорбаџиите но и предавниците и соработниците со османлиските власти и бегови.

За жал како и многу други ајдути во крвави меѓусебни пресметки и Румена била убиена и тоа од раката на нејзин соборец.

Сирма Војвода Сирма пак исто така една позната легенда, личност која зазема посебно место во македонската историја. Била ќерка на тресончанката Анѓа и на зографот Петре Врлески. Уште на 18 години решила да тргне во борба против зулумџиите. Еден ден без да ги извести родителите за својата намера, се облекла во татковите бечви и заминала на планината Стогово. Таму се нашла со седумдесет Македонци – Мијаци кои биле со иста цел и исти желби.

Умрела во Прилеп во својата 85-та година од животот. Била голема загуба за Прилепчани, за цела Македонија. Била погребана со најголеми почести. Денес историчарите жалат што Димитар Миладинов кој лично ја познавал Сирма , не оставил повеќе детали од нејзиниот живот. Останала напишана само една куса белешка која во целост гласи вака:

"Сирма се роди во дебарското село Тресонче. Бидвешчем под машко облекло, обходи как војвода планините Бабин Трап, Стогово, Барбара, Крчин. Момците кои таја ги водеше ја узнаха како девојка кога и се скинаха петлиците од градите".

Можеби некаде постојат повеќе податоци за неа како и за многу други македонски војвотки. Прашање на време е кога и каде ќе се пронајдат.

Но секако не останале незабележани македонските револуционерки ни во странските списанија. Британскиот весник График на 28 ноември 1903, објавува фотографија од македонска револуционерка. Во овој угледен весник како што напоменавме и во минатата статија под наслов ‘По патот на вистината‘, се пишувало детално за случувањата во Македонија. Посебно за борбите на македонските револуционери пред и за време на илинденското востание. Сето тоа проследено со слики од настанот- фрлање бомби во борбата против Турците, децата како жртви од ваквите настани, зборните места на војводите – сликани како држат состаноци и ред други настани.