Четврток, 10 Декември 2009    Печати
Трибина на институтот “Павел Шатев” - “Македонија, ЕУ и Името”
tribina-pavel-satev
Единствен став за решавањето на прашањето за името, обедивање, а не поделби, зајакнување на внатрешните структури на земјата и успешно спроведување на реформите, е пораката што денеска ја упатија учесниците на трибината „Македонија, ЕУ и името“, што ја организираше на Институтот „Павел Шатев“.

Одлуката на Министерскиот совет на ЕУ за одложување на датумот за почеток на преговорите со Македонија претставува изневерување на универзалните европски вредности..., погазено е достоинството на македонскиот народ, смета професорот Бранислав Саркањац. Тој го цитираше грчкиот аналитичар Панајотис Димитрас, според кого, сега „Грците се таму каде што развиените демократии биле пред Втората светска војна“. - Европа се врати пред Втората светска војна, смета Саркањац.

Настапува период кога треба да бидеме еврореалисти, а не евроскептици, вели професорот Димитар Мирчев. Сега, додадава тој, треба реално и посериозно да се разговара за проблемите со кои Македонија е соочена.

Грчката политика кон Македонија, која е континуирана со години, смета Мирчев, сега станува дел од заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ.

- Дали процесот за решавање на спорот треба да го вратиме од ОН во Европа и да поставиме прашање дали Унијата ќе прифати посредување не едно разумно ниво... Не е лошо да ги продолжиме билатералните разговори, но тешко може да се очекува поместување на ставовите, смета професорот Мирчев.

Барањата кои сега ги испорачува Грција, според него, доколку внимателно се проверат грчките документи, се базираат на грчката мегалидеја од 1844 година. - Од времето на царот Ото Баварски и премиерот Јоанис Политис, кога е усвоена „мегалиидејата“, потполно се истите барања. Доколку се погледнат трудовите на советниците на Караманлис и на Папандреу...апсолутно истите ставови ги има таму и за јазикот и за историјата, културата, националноста и за националната држава. Тие не се изненадување. Не верувам дека оваа линија може да им се помести, оцени Мирчев.

Тој смета дека она што Македонија треба да го направи е она што Словенците го правеа уште во времето кога имаа слични односи со Италија и Австрија, кога претседателот Милан Кучан повика на зајакнување на внатрешните структури на земјата, на успешно изведување на реформите...

Според Јован Донев, Македонија се соочува со специјална војна, која не е само дипломатска, а спорот што го има земјата е „сериозен конфликт“ што треба да се реши. Запраша зошто евроскептици се нарекуваат оние што сакаат Македонија во ЕУ и во НАТО да влезе под уставното име и побара да не се прават такви поделби, кои сега не се потребни. - Треба сами да се избориме за својата позиција во ЕУ, вели Донев.

Никола Гелевски смета дека „пумпањето“ на македонскиот национализам всушност најефикасно ја ништи македонската држава, а тоа и одговара на Грција. Според него, владејачката партија создавањето непријатели го користи како силен рефлекс за опстанок на власта. Гелевски вели дека за оваа ситуација со проблемот со името се виновни сите политички гарнитури, и оти клучно според него е да се посветиме на внатрешните суштински проблеми и реформи и да се постигне консензус.

МИА