Среда, 13 Јануари 2021    PDF Печати Е-пошта
Пиринска Македонија била вистинска држава во држава-„Политика“ 1934г.

1vanc

Организација на В. Михајлов во Петричко имала своја администрација, своја воена управа, вршела оданочување, делела правда

По доаѓањето на чело на ВМРО, Ванчо Михајлов и неговите поддржувачи, по секоја цена настојуваа да ја претворат Пиринска Македонија во упориште на Организацијата. По убиството на А. Протогеров, уште повеќе се зголеми нивното  влијанието врз раководствата на македонските емигрантски организации и друштва во Бугарија: Македонскиот национален комитет, Илинденската организација, Македонскиот младински сојуз, Македонскиот научен институт и Студентското друштво „Вардар". Наскоро успева да ја наметне својата „волја и закон“ во Пиринска Македонија, а пратениците во Народното собрание од изборните околии во Пиринска Македонија образуваа одделна македонска парламентарна група, која ја изразуваше вољата на ВМРО. Така ВМРО на В. Михајлов станува вистинска држава во држава.

Многубројните политички пресметки меѓу десницата и левицата на македонската емиграција, кои следуваат по убиството на Тодор Александров во август 1924 година, потоа немањето на суверенитет врз Пиринска Македонија, како и влегувањето на чети на Организацијата кои изведуваат акции на територијата на Југославија, лошо влијае врз внатрешната и надворешната положба  на Бугарија, особено во односите со Југославија.

Вознемиреноста на Кралска Југославија, која во Вардарскиот дел од Македонија има стационирано големи воени сили, значително  се зголемува по април 1933 година, кога Иван Михајлов спроведува стратешки сојуз со хрватското ослободително движење и косовскиот комитет, за заедничко дејствување против Белград.

Полувоената состојба во Вардарска Македонија во која е концентрирана 35.000-на армија и изгубениот суверенитет на Бугарија во Пиринскиот дел на Македонија, ќе биде еден од главните фактори за сменување на владата на Народниот блок со воен удар од офицерите припадници на групата „Звено", на чело со генералот Дамјан Велчев.

Новата влада на претседателот Кимон Георгиев, која беше образувана по превратот од 19 мај 1934 година, меѓу првите мерки го презеде растурањето на михаиловистичката ВМРО, за што пристапи кон апсење на нејзините раководители и функционери и кон забранување на нејзините печатени органи и изданија. Истовремено владата, за разбивање на таа „држава во држава", го расформира Петричкиот округ и го приклучи кон Пловдивската област, со што беше премавната административната посебност на споменатиот крај на Пиринска Македонија.

Курсот на звенарската влада за зближување со Југославија и воспоставување на дипломатски односи помеѓу Бугарија и СССР (23 јуни 1934 година), како и најавените промени во внатрешната политика, отпрвин беа сфаќани како создавање на поповолни услови за развивање на општествено-политичка дејност. Сепак, ставовите на звенарската влада на К. Георгиев во однос на Македонците и признавањето односно непризнавањето на нивните национални права и белези не се разликуваше од тоа на другите поранешни бугарски влади.

На 31 август 1934 година новата бугарска влада носи Уредба со законска сила за безбедност на државата. Овој закон со своите строги санкции се однесува во прв ред на организацијата на Иван Михајлов и на групите и круговите кои му помагаа или би можеле да му помогнат. Предвидените санкции уште еднаш даваат доказ за решеноста на владата на К. Георгиев по секоја цена да ја ликвидира Организацијата и на тој начин да допринесе за зацвртстување на односите со Белград.

Овие настани внимателно ги следи белградска „Политика“. Белградскиот весник на 1 септември 1934 година, врз основа на извештајот од својот дописник од 31 август од Софија ќе направи свој осврт по повод носењето на Уредба со законска сила за безбедност на државата и објавувањето на брошурата „Три месеци управа“ на новата бугарска влада. По повод појавувањето на брошурата која ја припремила Дирекцијата за општетсвена обнова ќе пренесе:

Во оваа брошура се изнесуваат досегашните дела на новата влада. За извршувањето на 14 – тата точка на владиниот Манифест од 10 мај – за воспоставувањето на државниот суверенитет во петричкиот округ во брошурата меѓу другото се вели: „Истовремено со воспаставувањето на новата влада, нејзиниот прв чекор беше да се воспостави во петричкиот крај одамна суспендираната суверена власт на народот и државата. Уште од првите денови владата ја изврши една од најважните точки на Манифестот. Сите добри Бугари го сфаќаат историското значење на тој акт. И покрај општо познатата работа дека во Петричкиот крај се трпи една голема опасност за безбедноста на нашата држава, ниту една влада до сега не се осмели да превземе одлучни мерки. Нелегалната организација на Иван Михајлов во петричкиот крај имала своја администрација, своја воена управа, вршела оданочување, делела правда“.  

„Политика“ врз основа на извештајот на својот дописник од Софија од 31 август, истовремено на истата  страница, во рамките на белградската пропаганда против македонските организации, под наслов „Со Петричкиот крај управувал одбор од три члена“ќе го објави следното:

„Според една наредба на организацијата, најдена во една запленета архива, со „Македонија под бугарска влст“ управувал комитет од три членови, кој во целост имал власт над „револуционерниот округ“, во чиј состав биле срезовите џумајски, световрачки, петрички, неврокопски и разлошки. Населението било должно на организацијата да му даде оружена помош, а исто така и најголема можна материјална помош. ВМРО од своја страна било должно да го штити населението под бугарска власт од безаконие и малтретирање од страна на административните органи и приватните лица. Војната организација ја опфаќала не само „Македонија под бугарска власт“, туку имала центри и во областите на стара Бугарија, со команданти, терористи и курири. Организацијата уште имала намера да ја прошири својата власт и во Стара Бугарија со организирање на „Македонски помошен легион“, во кој би влегла целата македонска емиграција, која тајно во секое време би била спремна армија на организацијата“.

Според белградскиот весник, тогашниот „Културен свет почнал да гледа на Бугарија како на Мексико на балканскиот Полуостров...“, во која ВМРО била спремна за борба со полицијата и војската. Во тој контекст вели:  

„Оваа организација, според истата запленета архива, се спремала да биде во состојба да се бори со бугарската полиција и војска, во случај да било која бугарска влада превземе акција за разоружување. ...Постоењето на една сила против која ниту една бугарска влада не смеела да ја крене раката, не` доведе да гледаме спроведување во бугарската држава на казнени акции и експедиции, организацијата да киднапира луѓе од рацете на военото правосудство и да ги казнува, да врши инквизиција над офицерите на бугарската војска (срамната сариска афера), да се одвлекуваат луѓе од Софија и да се убиваат без суд и пресуда од државните бугарски државни власти, да се водат борби пред самиот двор“.

Меѓутоа, брзото растурање на михајловистичката ВМРО, речиси преку ноќ, покажа дека Организацијата можеше да постои само додека им беше во интерес на бугарската власт.

По донесувањето на Законот со кој Организацијата станува илегална, Иван Михајлов и Менче Крничева меѓу 10 и 11 септември 1934 година илегално заминуваат за Турција.

Но тоа не значеше и крај на делувањето на македонската емиграција која остро го нападна расформирањето на Петричкиот административен округ и механичкото приклучување на неговата територија кон Софиската и Пловдивската област. Тие во ова гледаа смислено разбивање на компактноста на Пиринска Македонија како покраина.

Во прилог ви го доставуваме и Законот за безбедност на државата кој е објавен во овој број на „Политика“ и ги содржи следните одредби:

Член 1. Се забрануваат сите организации, групи или отсеци кои сакаат остварување на политички цели, освен во случаи од членот 1 од Законот за заштита на државата, проповедаат и поттикнуваат на злочин или непријателска активност спрема странска држава или кои за истата цел се служат со насилство, со оружје или со терористички акции. Се забрануваат исто така организации и групи кои на било кој начин му помагаат на гореназначените организации и групи.

Член 2. Кој формира организации, групи или нивни отсеци, назначени во членот 1 се казнуваат: основачи и организатори со робија од 5 до 10 години и со парична казна од 50.000 до 500.000 лева, а членовите со робија до 5 години и парична казна од 5.000 до 50.000 лева.

Член 3. Кој набавува средства, крие, олеснува и ги помага со совет или на друг начин споменатите организации, групи и отсеци или нивни членови, се казнува со робија до три години и казна од 10.000 до 100.000 лева. 

Член 4. Кој прима, крие, превезува, собира или припрема оружје, справи, експлозив за споменатата организација, се казнува до три години робија и парично од 10.000 до 100.000 лева.

Член 5. Говори за ослободување од одговорност на оние членови на организацијата кои благовремено ѝ откриле на полицијата постоење и намера на организацијата.

Член 6.  Кој стапува во врска со лица, групи или друштва во странство или со друга влада со цел припремање или извршување на злочини спомнати во членовите 2, 3 и 4, се казнува со најмалку 5 години  робија и парично од 50.000 до 300.000 лева.

Член 7. Говори за лишување на граѓанските права на осудените по овој закон, како и за конфискација на материјалот.

Член 8. Кој знае дека се припрема некој од споменатите злосторства, а за тоа не ја извести власта се казнува со робија.

Член 9. Се одредува казна за оној кој крие или помага во бегство на извршител на злочин по овој закон.

Член 10. Кој припаѓа на организација или група која се забранува со овој закон или помага такви организации не може да биде во државна или самоуправна служба, ако веќе се наоѓа се отпушта.  

Член 11. Кој поставува или држи во служба лица означени во претходните членови се казнува со робија.

Член 12. Спрема учесниците во чети составени да влезат во туѓа држава, да предизвикаат неред или да вршат злочини против внатрешната работа на таа држава, против личната и имотната безбедност, како и спрема оние кои ќе се придружат на таквите чети кои се обидуваат да преминат во туѓа држава со споменатата цел, кои собираат или ги снабдуваат со воени потреби таквите чети или ги кријат четниците, а исто и спрема полициските органи кои познавајќи некое лице како четник не превземаат мерки за негово апсење и предавање на судската власт или кои при враќање извршат дело наброено погоре – ќе се применуваат одредби од Законот  за злочин против внатрешниот поредок, личната и имотната безбедност и странска држава (Закон од 1921 година).

Во последните четири члена на новиот Закон за безбедност на државата се зборува воглавно за судската надлежност и судските постапки.

 Тихомир Каранфилов

 

На прво место

News image

Виктор Грозданов: Царот е гол!

Фудбалската репрезентација на Северна Кореја успеа да се пласира на светското првенс...

Историја

News image

Словенското писмо го изучив од татко ми Димитрија Македонски, зашто сме Македонци (1846 година)

„Да се знае кога  селаните од моето родно с. Радибуш, Криворечка Паланка, ме главија за учител ...

Иселеници

News image

ДЕМОКРАТИЈА НА АМЕРИКАНСКИ НАЧИН

ДЕМОКРАТИЈА НА АМЕРИКАНСКИ НАЧИН

Култура и туризам

News image

Одење по невестата во Зубовце

Во неделата наутро, младиот девер, со зојачката карта и со тапаните оди да ги покани кумот и старосв...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (56)

ЗНАЧЕЊЕ НА ПОИМИТЕ „ХЕЛЕНИЗАМ“ И „МАКЕДОНИЗАМ“

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.