|
||||
Не грижете се за Македонците-муслимани |
Не грижете се за Македонците-муслимани Љатиф Пајкоски Дали причината за дрскиот однос на реисот кон Македонците со исламска религија може да се бара во одлуката за воведување на албанскиот јазик во храмовите на МПЦ Слушнав дека во средствата за информирање бил објавен текст за Македонците- муслимани и така љубопитен си велам најпосле некој се сетил на нас и решил да напише нешто, па така брзо-брзо да купам весник. На насловната страница гледам дека текстот го пишувал никој друг, туку првиот човек на Исламската верска заедница на еден дрзок и недоличен начин и си велам - види богати, што чудо ќе биде од негова уста да се слушне нешто за оние верници, кои припаѓаат на исламската религија и со свои средства ги финансираат верските службеници, а се' по род Македонци. Па реисот ти бил експерт и по политика и по етнологија и по историја, очигледно по се' само не по она што треба да го работи. Па размислувам што толку го заболело овој човек кој е на чело на Исламската верска заедница што нашол време да не' „поткачи“ и нас, најлојалните следбеници на исламската религија, кои, ете, не сме по ќеф на некого само затоа што по род не припаѓаме на неговата етничка заедница и, се разбира, не му правиме калабалак. Наместо да се интересира за она што му се случува во самата Исламска верска заедница, особено со губењето контрола на неколку џамии, со напливот на долгобради таканаречени верници по џамиите, кои не само што изгледаат различно од традиционалниот изглед на еден верник, туку наголемо заговараат и менување на традиционалното практицирање на исламот како религија во овие простори. Ефендијата во најмала рака прави неколку прекршувања на Уставот и законите на државата во која живее, понатаму, ги прекршува основните човекови права за изјаснување на секој човек тоа што мисли дека е и најпосле исламските правила и традиции во смисла на почитување на луѓето без разлика на нивната припадност. Дали причината за ваквиот дрзок однос кон Македонците со исламска религија може да се бара во скорешната одлука на Синодот на МПЦ за воведување на албанскиот јазик во храмовите на МПЦ и опасноста од губење на верници кои поради употребата на албанскиот јазик или не посетувале храмови или посетувале некои други, па сега се возвраќа преку нас, припадниците на македонскиот народ или можеби се реализира сценариото кое го туркаше ПЕИ за однародување на овој дел од македонскиот народ со политички средства. Откако тоа не успеа, сега се активираат верските средства. Се сеќавам кога се формираше ПЕИ јас бев еден од многуте кои тврдеа дека се работи за верско-политички интереси на поединци и групи за на вештачки начин да се намали бројот на етничките Македонци и на вештачки начин да се зголеми бројот на некоја од етничките заедници. Па, ако не може директно да се направи тоа однародување, тогаш доволно е овие луѓе да се пишат што било, па макар и Торбеши само не Македонци, а подоцна под влијание на религијата лесно ќе биде да им се најде местото. Само за информација на реисот дека нашето организирано настапување и себеизнаоѓање започна во далечната 1975 година, кога од ВМРО-ДПМНЕ немаше ни „В“, но друго е прашањето што некого го боли што ВМРО-ДПМНЕ како патриотска, искрена и чесна политичка структура најпосле презема чекори за наше интегрирање во матичниот македонски народ. Е тоа, очигледно, некого боли, боли што од ова население сега имаме и директори, и началници, и доктори, и професори и многу други кадри на високи функции. Овие луѓе нема повеќе да бидат послушна неписмена раја во нечии раце, ефенди Реџепи. Само ако се погледнат резултатите од последните избори, особено во населените места со Македонци-муслимани и гласовите дадени за ВМРО-ДПМНЕ, па и другите политички партии споредени со ПЕИ, ќе се види дека се работи за огромна бројка граѓани кои ја поддржуваат политиката која цврсто стои на ставот дека се работи за македонско население со исламска религија и како такво треба целосно да се интегрира во матичниот македонски народ, а не само неколку луѓе како што шпекулира реисот.На чесниот, искрен, коректен и исправен верник треба да му биде мило и да се гордее со тоа што припадници на неговата религија, без разлика на нивната етничка припадност се наоѓаат на високи политички и државнички позиции и на партијата која тоа го прави треба да и' оддаде признание од лично име и од името на целата ИВЗ, а не да ја обвинува и етикетира со погрдни зборови. Попусто ќе се трудите да го стопирате или вратите назад процесот на интегрирање на Македонците со исламска религија во македонскиот народ и попусто ќе ви биде залагањето за мешање на верата и нацијата и користење за верско-политички интереси. Тој процес најпосле е во полн ек благодарение на партијата која вие ја обвинувате. Превземено од Утрински весник |