Среда, 31 Мај 2017   
Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски (6)

kno1

ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ  - ХРИСТИЈАНСТВОТО КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други општокорисни работи. Затоа, Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост, го празнува споменот на свети Климент Охридски - Чудотворец.

Тој е првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа и најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет. Свети Климент Охридски вечно остана да живее во споменот на народот.

Свети Наум Охридски, пак, е исцелител и просветител на македонскиот народ. Тој остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповеди, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на верата и народност. Свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што оделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но, култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија, каде што имало иселеници од овие краишта.

Затоа, со право се вели дека свети Климент заедно со свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим, со нив бил и свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на свети Методиј, кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија, во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид.

Во Охрид свети Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет, во кој оспособил повеќе од 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката работа се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на свети Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучување на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн.), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела. 

Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.

За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил духовно посветен и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност, е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј“, а се знае за  уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во Житието на свети Наум, се вели дека тој е брат на свети Климента.  Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла - собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа.

kno2
Црквата „Свети Климент и Свети Пантелејмон“ на Плаошник-Охрид

За чудотворната моќ на свети Наум среќаваме и во житијата за него, што, без сомнение, биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на свети Наум најмногу е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на  XIX век па сè до денес. Најрано се среќаваат во зборниците на браќата Миладиновци и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патописци, или, едноставно, кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

По смртта на свети Климент Охридски-Чудотворец, Господ го прославил со многу чуда. Но, бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт, неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителна содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност.

За тоа, како го описменувал населението, како го подучувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи за живеење. И поголем број топоними (камења, стапалки, дрвја и слично) во охридскиот крај се поврзани со неговото име.

По барање на бугарскиот цар Борис I, свети Климент Охридски-Чудотворец отишол во Охрид, (административно регионот во тогашното царство бил познат како Кутмичевица) каде во 886 година ја формирал Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој излегле 3.500 подготвени ученици. Тој е познат македонски и словенски учител и исто е познат по градот Охрид. Свети Климент бил и првиот  словенски епископ со титула Епископ Велички.

kno3
Манастирот „Свети Наум Охридски“ на Охридското Езеро

Инаку, најголемиот дел од моштите на свети Климент се чува во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на свети Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ - Скопје, во црквата „Свети Климент Охридски“ - Скопје и во Поречкиот манастир.

Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија (Бугарија), има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Пловдив, има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година. Неговиот череп се чуваше во манастирот „Свети Јован Претеча“ кај Бер (Верија), во Егејска Македонија сé до 2016 година кога грчките власти им го подарија на бугарските власти.

Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква „Свети Пантелејмон“, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата „Мал Свети Климент“, а потоа во црквата „Света Богородица Перивлепта“. Монасите веднаш го однеле черепот во манастирот во Бер, каде свети Климент Охридски станал монах. Во 70-тите години на XX век, една честичка од моштите била однесена и во Рим.

kno4
Ангелот од црквата „Свети Ѓорѓи“ од Курбиново, Преспа

Се претпоставува дека свети Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот, односно на 8 август според новиот календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Свети Пантелејмон“. Уште за време на животот, свети Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на светиот свештеномаченик Климент папа Римски, односно на 25 ноември според стариот или на 8 декември според новиот календар. Поради тоа, подоцна, Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/8 август) се празнува споменот на светите седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.

Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла - собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа.

Денот на св. Климент Охридски - 8 Декември во Македонија е државен празник, со кој се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија. По повод празникот, се одржува свечена академија на која црковните достоинственици на МПЦ-ОА и државни линости го истакнуваат  придонесот на Свети Климент за националната историја и духовност на македонскиот народ и Македонија.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО КАНАДА СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

Историја

News image

Изминаа 113 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчки...

Иселеници

News image

39 години чествување за македонскиот јазик во НЈВ!

Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ,по 39-ти пат,...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна – архиви, документи и др. од Прилеп

Етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов по влегувањето на Бугарија во Првата светс...

Фељтон

News image

Александар Македонски (6)

Авторот на историскиот роман за Александат Трети Македонски и Македонската Империја ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.