Среда, 14 Јуни 2017   
Архиепископот Доситеј – првиот поглавар на МПЦ – ОА (8)

dositej

ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ  - ХРИСТИЈАНСТВОТО КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ

Според скромните историски податоци за поглаварите во Самуиловата држава и  почетоците на Охридската архиепископија е забележано дека Самуил за прв поглавар на Преспанската (македонска) црква го наименувал Герман-Гаврил. Тој уживал голема почит и бил мошне близок на својот господар, што  се потврдува  и со фактот  дека и Самуиловиот првенец и престолонаследник го добил името на црковниот поглавар - Гаврил.

Непобитно е дека Самуил и Герман-Гаврил се избориле за автокефалноста на Охридската архиепископија, со што и поглаварот бил потврден од Апостолската столица, а црквата го добила своето дефинитивно оформување како самостојна помесна црква. Не се знае кога починал Гаврил. Меѓутоа, познато е дека тој бил поглавар на чело на Црквата сè додека нејзиното седиште било во Преспа и тука се упокоил, не стигнувајќи да се пресели во Охрид. Според народните преданија,  вечното почивалиште му е во манастирската црква во селото Герман, во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија.

Доситеј II, е возобновител и прв архиепископ охридски и македонски на возобновената Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Тој се смета и како наследник на Арсениј II, кој бил последен архиепископ на укинатата Охридска архиепископија во 1767 година.

Архиепископот охридски и македонски господин господин Доситеј II е роден во историското Маврово, на 7 декември 1906 година. Неговото родно место  е сместено во најголемиот природен парк во Македонија, Националниот парк „Маврово“ на јужниот брег на денешното Мавровско Eзеро. Маврово, кое е планинско село, се наоѓа под падината на планината Бистра на надморска височина од околу 1200 метри. Според записите на Ѓорче Петров од 1896 година, на крајот на XIX век, Маврово било распрснато и раздробено село на 8 маала, така што за негова обиколка биле потребни околу еден и пол час.

Роден е со крстено име Димитар Стојковски, како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Израснал под планината Бистра. Целиот свој живот го посветил во служба на црквата. Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во црквата „Света Богородица Пречиста“, Кичевско.

bogorodica-precista
„Света Богородица Пречиста“ во Кичевско

Негов духовен татко бил игуменот Григориј. По одредените подготовки, Доситеј заминал за Света Гора, каде улогата на духовен татко ја презел игуменот Митрофан од манастирот „Хилендер“. На Света Гора останал сè до 1932 година, кога поради потребата од дошколување заминал во Битолската богословија.

Како монах Доситеј престојувал и во манастирите „Свети Наум“ во Охрид, „Света Богородица“ (Трескавец), Буковскиот манастир и други. Во меѓувреме, на 12 февруари 1934 година, од страна на владиката Николај, во црквата „Света Богородица“ во Битола, Доситеј бил назначен за  ераѓакон, додека на Цветници го примил еромонашкиот чин.

Доситеј будно го следел решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални усилби за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. Длабоко во себе бил свесен за своето потекло.

Богословијата во Битола ја завршил во 1937 година, а истата година Српската православна црква, како казна за неговата „непослушност“ не му доделила стипендија за да се запише на Теолошкиот факултет во Белград. Сепак, бил прифатен од нишкиот епископ Доситеј, кој го примил во служба што му овозможило паралелно и да студира на Теолошкиот факултет во Белград и да дипломира во 1942 година.

sv-sofija-ohrid
Света Софија“ во Охрид

Како последица на промените во Македонија за време на Втората светска војна, во Српската православна црква (СПЦ) настанале превирања. СПЦ сакала да ја спроведе старата српска црковна политика и да го врати во Македонија стариот скопски митрополит Јосиф. Доситеј, прво го отстраниле од црквата и го испратиле да управува со патријаршискиот двор  во Сремски Карловци.

Таму останал до 1949 година, каде прво добил титула архимандрит, а подоцна бил избран за епископ топлички – викарен на српскиот патријарх Викентиј. Хиротонијата за викарен епископ се одржала на 22 јули 1951 година.

Доситеј ја дознал политиката на Српската православна црква и отворено се спротивставувал на ваквите намери. Во тоа време интензивно комуницирал со Иницијативниот одбор за организирање и за формирање на Македонската православна црква. Најголем дел од членовите во Одборот биле македонски свештеници, кои за време на војната и потоа, останале со народот и ја споделувале неговата судбина.

На иницијатива на Одборот, во декември 1951 година, Доситеј со благослов на српскиот патријарх Викентиј, ја посетил Македонија. Тоа бил значаен датум за Македонците, бидејќи по ослободувањето во 1945 година, првпат земјата ја посетил некој македонски владика.

Посетата на Доситеј во Македонија предизвикала негативни реакции кај радикалите во СПЦ, а по неговото враќање во Белград, бил остро напаѓан од поранешниот скопски митрополит во Македонија, Јосиф.

Додека Српската православна црква инсистирала на враќање на нејзините стари епископи, пред сè, на митрополитот Јован, поранешен четнички војвода и познат по својата асимилаторска политика, паралелно Иницијативниот одбор решително се залагал на испразнетите места да дојдат македонски епископи.

Во 1957 година во координација со Доситеј, Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ се согласил со СПЦ да ја усогласи организацијата во македонските епархии, во согласност со Уставот на СПЦ, а на српскиот патријарх Викентиј да му се признае статус администратор на трите епархии.

Истовремено, Синодот на СПЦ се обврзал на наредното собрание на Светиот архијерејски собир, во мај 1958 година да се изврши избор на Македонци архијереи за сите три епархии.

Вториот црковно-народен собор се одржал во Охрид на 4 октомври 1958 година. На собoрот учествувале вкупно 219 делегати, свештеници и мирјани. На соборот во црквата „Света Софија“ била донесена Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија.

Откако се донела Одлука за возобновување на Охридската архиепископија, а во согласност  со одлуката изборот на митрополитот и епархиските архијереи да биде од Македонија, Доситеј бил предложен за прв поглавар на Македонската православна црква и едногласно бил избран со титула архиепископ охридски и скопски и прв митрополит македонски.

За време на изборот биеле сите канбани во Охрид. По појавувањето на Доситеј во црквата „Света Софија“, свештеникот Нестор Поповски официјално му ја соопштил Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија и Одлуката за избор на прв поглавар на Македонската православна црква.

Во негово време од темел била возобновена Црквата, со сите нејзини витални органи: епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, образованието и просветата. Во 1967 година била отворена Богословијата, а во 1977 година Богословскиот факултет во Скопје.

sv-dimitrija-skopje
Црквата „Свети Димитрија“ во Скопје

Целиот  свој живот го посветил  на службата на Црквата. Тој будно го следел  решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални усилби за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија  и создавањето на Македонската православна црква.

На  вториот црковно-народен собор, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридска архиепископија.

Под негово раководство  бил свикан Третиот црковно-народен собор, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ била прогласена за афтокефална.

 Инаку, во 1958 година, во Охрид  се одржал Вториот македонски црковно-народен собор, каде што бил прифатен предлогот за обнова на Охридскаа архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ бил избран господин  Доситеј.  

Одлуката за самостојност на МПЦ била потврдена преку отслужувањето на заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, во јули 1959 година во црквата „Света Мина“ во Скопје, и во исто време била извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа Светиот архијерејски синод на СПЦ и дал самостојност на МПЦ, со што, таа и натаму останала во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот патријарх.

Во  мај 1962 година во придружба  на патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ во посета на МПЦ пристигнал  московскиот патријарх Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе великодостоинственици на Руската православна црква. На празникот на свети Кирил и свети Методиј во црквата „Пресвета Богородица–Каменско“ во Охрид била одржана и архијерејска литургија на којашто служел московскиот патријарх Алексиј во сослужение на српскиот патријарх Герман и архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј. Тоа било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви. 

Доситеј бил поглавар на Македонската православна црква од 4 октомври 1958 до 20 мај 1981 година. По него архиепископи на МПЦ биле Ангелариј (18.8.1981  до 15.7.1986 година.), Гаврил (4.10.1986 до 9.6.1993 година.), Михаил (од 21.12.1993  до 6.6.1999 година) и Стефан (од 10.10.1999 до денес).

Првиот архиепископ на возобновената Охридска архиепископија во ликот на Македонската православна црква архиепископот господин господин Доситеј почина на 20 мај 1981 година. Неговиот гроб се наоѓа во црквата „Свети Димитрија“, во Скопје.

Во  спомен  на 25-годишнината од неговото упокојување, во 2007 година после Божествената литургија, по повод патрониот празник Свети Климент Охридски и 40-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје беше откриен и осветен споменик на архиепископот Доситеј, првиот поглавар на МПЦ. Споменикот на архиепископот Доситеј го изработи скулпторот академик Томе Серафимовски.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО КАНАДА СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

Историја

News image

Изминаа 113 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчки...

Иселеници

News image

39 години чествување за македонскиот јазик во НЈВ!

Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ,по 39-ти пат,...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна – архиви, документи и др. од Прилеп

Етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов по влегувањето на Бугарија во Првата светс...

Фељтон

News image

Александар Македонски (6)

Авторот на историскиот роман за Александат Трети Македонски и Македонската Империја ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.