Среда, 19 Јули 2017   
Илија Донев – духовник и чувар на религијата кај Македонците во Канада (13)

ilija-donev

ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ  - ХРИСТИЈАНСТВОТО КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ

Кога се пишува за македонските православни цркви и црковни општини во Канада, неодминливо е да се вгради името и делото на прота-ставрофор Илија Донев во севкупното црковно-национално и духовно живеење. Тој, речиси дваесеттина години е парохиски свештеник, најпрвин, во Мисисага, а потоа во Торонто. Илија Донев бил професор и ректор на Средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Најголемиот акцент во неговата работа во Канада е мисионерската дејност. Тој бил уредник на билтените „Илинден“ и „Светиклиментов збор“, како и на црковните веб-страници.

Прота-ставрофор Илија Донев е роден на 6 јуни 1953 година  во селото Сирково, Општина Росоман во винарскиот крај на Кавадарци. Тој е одрастен во ова убаво лозарско село заедно со неговите родители Боро и Цветанка Доневи. Основното осумгодишно образование го завршил во своето родно место, а потоа во 1968 година се запишала во Средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Петокласната програма во Богословијата  со успех ја завршил во јуни 1973 година, а истата година во месец октомври школувањето го продолжил на Богословскиот факултет при  Српската православна црква во Белград. Со успех ги завршил богословските студии и дипломирал  на 3 март 1978 година. Потоа, на 30  август 1981 година стапил во брак со Благица Гижаровска. Во нивниот брак се родилеа ќерката Цветанка и синот Никола.

Инаку, неговото родно место Сирково е убаво село  во плодното Росоманско Поле и припаѓа на истата општина. Тоа се наоѓа на неколку километри десно од патот Росоман - Прилеп. Селото Сирково е најпознато по македонската православна црква „Свети Ѓорѓи“. Таму има две цркви, и стара и нова црква „Свети Ѓорѓи“, која митрополитот повардарски Агатангел во сослужение на бројно свештенство од кавадаречкото и велешкото архијерејско намесништво го изврши чинот на осветување на оваа црква на 11 ноември 2007 година. На чинот на осветувањето присуствуваа голем број верници од Сирково и околните место.

selo-sirkovo
Селото Сирково, Велешко

Работниот век на свештеникот Илија Донев започнал веднаш по завршувањето на Богословскиот факултет, кога на 1 септември 1979 година со одлука на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија е поставен за професор во Средното богословско училиште во Скопје, а наскоро,  покрај професорската должност, доверена му е и должноста заменик-ректор. Имено, со одлука и барање на Светиот архијерејски синод од 1 септември 1987 година Илија Донев е назначен за ректор на  Богословијата и таму останал до 11 ноември 1988 година.

Неговата свештеничка должност започнала на 15 ноември 1981 година, кога во храмот „Свети Вознесение“ во Драчево, од блажено упокоениот архиепископ Ангелариј, е  ракоположен  во ѓаконски чин. На 16 ноември 1984 година, истиот архијереј, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка кај Скопје, го ракоположи во свештенички чин.

Во неговите биографски податоци е забележано дека на лично барање, со одлука на Светиот архијерејски синод бил разрешен од должноста професор во Богословијата и од 1 декември 1984 година бил поставен за парохиски свештеник при храмот „Света Петка“ во Скопје. Тука останал сè до 31 август 1987 година.

Од 1 октомври 1988 година, на лично барање, а поради заминување на парохиска должност во Американско-канадската-македонска православна епархија, бил разрешен од должноста ректор на Богословијата. Потоа, од 1 јануари 1989 година, со одлука на тогашниот  митрополит американско-канадски господин господин Стефан бил поставен за парохиски свештеник при Македонската православна црква „Свети Илија“ во градот Мисисага, во Канада.

Според историскиот развој на оваа македонска црковна општина во тој период црковната заедница во Мисисага штотуку била формирана.

Било купено само местото, за кое се плаќало висок кредит кон банката, а било познато како „Македонски  парк“, каде во летните денови освен што се одржувале пикници, ништо друго не се случувало. Така приходите биле ограничени. Најголемото внимание било свртено околу одбележувањето на црковната слава, а која, пак, се поврзувала со прославата на националниот празник Илинден. 

makedonska-pravoslavna-bogoslovija
Македонска православна богословија

За оваа состојба прота Илија Донев вели: „Бидејќи од поодамна во Торонто беше востановена традиција прославата на празникот Илинден да ја организира Организацијата „Обединети Македонци“, затоа прославата на црковната слава  доаѓаше во конфликт, или судир и расправија со Организацијата. Сето тоа создаваше непријатни ситуации па дури и конфликти, во смисла кому му припаѓа правото околу организирањето на Илинденскиот пикник. Така беше сè до 1995 година кога Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски господин господин Михаил го замоли да се смогнат сили црквата својот Илинденски пикник да го прославува една недела пред викендот кога традиционално Организацијата „Обединети Македонци“ го организира Илинденскиот пикник“, изјави прота Илија Донев.

За одбележување е дека првата редовна света литургија во Македонската православна црква „Свети Пророк Илија“ била отслужена на 26 февруари 1989 година, или во неделата на митарот и фарисејот. Претходно бил најмен трејлер (приколка) кој бил поставен на црковното место, и оспособен за извршување на свети богослужби.

За поголемите празници, особено за Велигден, се изнајмувало затворен шатор и таму се извршувале светите богослужби. На првата богослужба одѕивот на луѓето бил навистина голем. Уште во тоа време во новиот град Мисисага (Mississauga), живееле голем број македонски фамилии. Сите тие очекувале да се изгради црква,  бидејќи црквата „Свети Климент Охридски“ им била далеку. Веднаш по купувањето на првата приколка се решило да се изнајми друга приколка која ќе служи за кафе и дружење после богослужбите.

Од 19 јануари 1990 година, поради избегнување на плаќање на киријата за приколките, светите богослужби се извршувале во привремено изградена барака на црковното место. Таа послужи сè до 14 мај 1997 година кога беше осветена купената нова  црква. Купената нова   стара зграда  во последните 10 години  беше  уметничка галерија, а претходно  прва Римокатоличка црква „Свети Јосиф“, која била изградена во 1853 година, а осветена во 1856 година.

Еден од тажните  датуми на црквата „Свети Пророк Илија“ е, секако, 28 април 2000 година, кога после вечерната богослужба на Велики петок, од неодговорни лица, истата беше запалена и сосема уништена.

Неопходно беше Црковниот управен одбор да се зафати со изградба на нова црква чии темели беа осветени на 9 септември 2002 година од господин господин Стефан, а во сослужение на митрополитот полошко-кумановски господин Кирил како и бројното свештенство од Торонто и околината. Новоизградената црква беше осветена на 12 мај 2006 година од Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан, а во сослужение на епископот Методиј.

Во целиот тој историски период на црквата „Свети Пророк Илија“ во Мисисага, прота Илија Донев беше централна личност кој помогна за судбината и иднината на овој македонски црковно-национален храм. Затоа, на 2 август 1995 година, Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски господин господин Михаил, а воедно и администратор на Американско-канадската-македонска православна епархија, го  одликува - унапреди  во чин – протојереј. Во мај 1998 година, пак, со одлука на Светиот архијерејски  синод на МПЦ-ОА одликуван е во чин – протојереј - ставрофор.

crkva-sv-kliment-toronto
Црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто

Во мисионерската дејност на прота-ставрофор Илија Донев е забележано дека  од 1 јануари 2000 година со одлука на Неговото блаженство господин господин Стефан поставен е за парохиски свештеник при Соборниот  храм „Свети  Климент Охридски“, во Торонто. Потоа, од 1 октомври  2004 година, а со одлука на господин господин Стефан,  поради успешно довршување на градбата на новата црква, поставен е за парохиски свештеник при Македонската православна црква „Свети Илија“ во Мисисага.

За жал, на  8 ноември 2010 година неговата протопрезвитера Благица се пресели во вечниот живот. Иако трауматизиран поради нејзината прерана смрт, Илија Донев продолжи со ист жар и елан да ја извршува својата свештеничка должност.

Така, од 1 ноември 2012 година со одлука на митрополитот господин Методиј, поради потребите на службата, повторно е поставен за парохиски свештеник при Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто, која должност ја извршува и денес.

За дејноста на прота-ставрофор Илија Донев треба да се нагласи дека најголемиот акцент во неговата работа е мисионерската дејност. Уште од времето како беше назначен парохиски свештеник при храмот „Света Петка“ во Скопје активно се вклучил околу одржување на верски предавања и предавања за веронаука за помладите. Истите се одржувале секоја недела во попладневните часови. Често пати гости на предавањата биле и истакнатите свештеници во Скопската епархија како протојереј-ставрофор Методи Гогов, подоцна архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, па протојереј-ставрофор Славчо Петров  и други.

Со доаѓањето во Канада, иако во тешки услови уште во првите денови од парохиската служба во Мисисага тој ја продолжил својата  мисионерска активност. Во согласност со условите тој се зафатил со издавачка дејност. Бил главен уредник и пишувач на текстовите во периодичниот билтен „Илинден“, а чиј технички уредник била протопрезвитера Благица Донева. Текстовите се со верска содржина и од животот на црквата.

Со доаѓањето на парохиска служба во храмот „Свети Климент Охридски“ го продолжува издавањето на билтенот „Светиклиментов збор“, каде се јавува како пишувач и главен уредник, а технички уредник е неговиот син Никола Донев. Текстовите се пишувани на македонски и англиски јазик.

По повод 2000-годишнината од постоењето на христијанството, заедно со отец Јован Босеовски се уредници на посебно издание на родоследот Светата литургија на Свети Јован Златоуст на македонски и англиски јазик, издадени во храмот „Свети Климент Охридски“, а во 2010 година издадени во храмот „Свети Пророк Илија“. Во 2015 година издава ново  преуредено издание на истата Света литургија во храмот „Свети  Климент Охридски“ што претставува значаен придонес во запознавањето на црковните служби на Македонците од сите делови на Македонија.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО КАНАДА СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

Историја

News image

Изминаа 113 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчки...

Иселеници

News image

39 години чествување за македонскиот јазик во НЈВ!

Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ,по 39-ти пат,...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна – архиви, документи и др. од Прилеп

Етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов по влегувањето на Бугарија во Првата светс...

Фељтон

News image

Александар Македонски (6)

Авторот на историскиот роман за Александат Трети Македонски и Македонската Империја ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.