Среда, 23 Август 2017   
Душан Ристевски – македонски поет и драматург во Австралија (4)

dusan-ristevski

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Душан Ристевски  е познато име,  поет, драматург и афирматор на Македонците во Австралија. Автор е на седум стихозбирки,  14 монодрами, а  неговата поезија е застапена во повеќе антологии во Австралија, Македонија и Америка. Исто така, тој е основоположник на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ (1978), на списанието „Повод“ (1978) и на Австралиско-македонскиот театар (2007) од Сиднеј. Затоа, тој е еден од најактивните и најценетите македонски општествени дејци во Австралија.

Душан Ристевски е роден на 22 февруари 1954 година во Битола, градот на конзулите. Од 1973 година живее и работи во Сиднеј, Австралија. Завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и во 1996 година магистрирал на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј.

М-р Душан Ристевски е личност која е на распетието меѓу родната земја Македонија и втората татковина – Австралија. Затоа, патот од Сиднеј до Скопје и назад го поминал повеќе пати. Речиси секоја година доаѓа во Македонија, во Скопје, во Битола, во Буково...

Инаку, една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко е, секако, Македонското литературно друштво „Григор Прличев“. Тоа е прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литература и култура. Душан Ристевски беше првиот избран претседател на Друштвото.

Едно од  најреспектираните македонски гласила, што повеќе години се издаваше во Ав­стра­­лија, секако беше списанието „Повод“. Тоа беше прво македонско списание во Австралија и един­стве­но од ваков вид во иселеништвото. Излегуваше како орган на Македонското литературно друштво „Григор Пр­ли­чев“, чиј главен и одговорен уредник и душата на ова гласило беше Душан Ристевски.

Сите овие активности на полето на журналистиката и литературата на Душан Ристевски придонесоа тој да стане член на Друштвото на писателите на Македонија во 1988 година, член е на Здружението на новинарите на Македонија од 1989 година  и член на Македонското научно друштво од Битола.

bitola-satot
Битола

Потоа, Душан Ристевски навлезе во театарските води и во 2007 година го формира и стана прв човек на Австралиско-македонскиот театар во Сиднеј. Преку своите продукции, Театарот успешно дејствува во промовирање на македонската култура и нација во Австралија. Делови од претставите како и целосни претстави се работени и на англиски јазик за пошироката публика. Театарот е награден во 2009 година од Министерството за здравје и Центарот за ментално здравје за успешното иноваторство во едуцирање на македонската заедница. Во 2015 година, од Мултикултурен Нов Јужен Велс, Театарот ја доби престижната национална награда за култура и уметност за драмата „Ограда“. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во 2015 година на Театарот му додели Повелба за промовирање на македонската култура и нација.

Драматургот Душан Ристевски, исто така, е награден со посебна награда за иноваторство од Министерството за здравје на Нов Јужен Велс за драмата „Страв и срам“.  Премиерот на Нов Јужен Велс за Денот на Австралија во јануари 2015 година го  прогласи за лауреат Душан Ристевски за неговата неизмерна работа  и придонес во мултикултурната заедница посебно во театарската уметност. 

Исто така, за одбележување е тоа што Ристевски е автор на стихозбирките: „Полутици“ (1984) издадена двојазично на англиски и македонски јазик; „Полутици-Фрагментс“ (1989); „Страдалници на сонот“ (1992); „Копча“ (2001); „Цвеќе-жена“ (2003); „Украдени мисли“ (2009) и „Забранета љубов“ (2009). Потоа следуваат монодрамите: „Мајка“ - изведена во Сиднеј и во Прилеп на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1990), „Ченто“ (2015), „Неда“ - изведена во Сиднеј (1996 и 2016); и драмите „Страв и срам“ издадена на македонски (2006) и англиски јазик (2009), „Мистер Балкан“ (коавтор) (2009), „Стари и весели“ (2010) „Раскол“ (2012), „Остави ја свеќата да гори“ (2012), „Борење со мечка“ (2013), „Ограда“ 92014), „Доктор жими мајка“ (2015), „Ченто“ (2015); „Куферот“ (2016), „Баба се мажи“ (2016) и „Неда“ (2016). Застапен е во антологии во Австралија, Македонија и Америка.

Во период од десетина година, Австралиско-македонскиот театар поставил на сцените во Австралија и во Македонија десетина значајни претстави, меѓу кои, се следните:

„Страв и срам“ од Душан Ристевски во режија на Зоран Лозевски, драма работена со цел да се намали срамот од менталните болести во македонската заедница во Австралија. Театарот е земен како најпогоден културен приод за информирање и просветување на заедницата за менталните болести и намалување на срамот (стигмата). Делови од претставата беа снимени за обука и едукација на студентите и здравствените работници за тоа како да се работи со заедници кои се од различни етнички заднини. Драмата „Страв и срам“ е преведена на српски, арапски и грчки јазик. Во 2014 година, истата се прикажа во Сиднеј на грчки јазик.

„Мистер. Балкан“ е коавторство на Стефо Нанцу и Душан Ристевски, а во режија на Стефо Нанцу. Таа е драма работена по повод Недела на бегалците, со цел да се запознае австралиската јавност со трагичната историја на Македонците, на децата бегалци (избркани) од своите домови за време на Граѓанската војна во Грција. За првпат македонската заедница имаше можност да ја прикаже вистинската трагедија од која многу Македонци во Австралија се ефектирани и сé уште страдаат, а многу малку од тоа беше запозната австралиската јавност. Се направија 11 продукции во Австралија и 8 во Македонија кога Театарот во 2011 година посети 8 градови во Македонија.

„Стари и весели“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу е музичка комедија создадена со цел да ги поттикне Македонците од постарата генерација преку пат на активности  и социјализација да излезат од изолација и депресивни ситуации. Претставата промовира позитивно стареење на дојденците во Австралија. Од неа се направени 7 продукции во Нов Јужен Велс.

amts

„Раскол“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу и Зоран Лозевски е драма која опфаќа еден трауматичен период на македонската историја кога Македонија беше распарчена. Расколот што започна по поделбата на Македонија сé уште ја уништува генезата на македонската нација што, за жал, е пренесена во Австралија. Преку претставата се опишува и улогата што Македонската православна црква ја игра во религиозното обединување на Македонците, но, за жал, расколништвото му дава на некои „право“ да се судат и ја омаловажуваат Црквата. Претставата ја опишува слабоста на луѓето кои лесно потпаѓаат под туѓо влијание. Од оваа претстава се направени 4 продукции во Нов Јужен Велс.

„Остави ја свеќата да гори“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу е драма за животот на едно македонско семејство кое е соочено со насилство кое, за жал, се пренесува од генерација на генерација и тоа тркало на неизвесност и малтретирање, многу тешко се прекинува поради културните влијанија и неизвесноста, поради незнаењето и живеењето во туѓина. Од неа се дадоа 4 претстави во Нов Јужен Велс и 2 во државата Викторија.

„Борење со мечка“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу, е драма работена за подобрување на комуникацијата во семејството, намалување на стигмата во барањето помош, посебно меѓу машката популација, за канцерозно заболување. Целиот театарски проект е работен со поддршка од Министерството за здравје и театарот е земен како културен приод во едуцирање и намалување на стравот од барање соодветна помош во лечењето. Драмата, исто така, се прикажа на англиски јазик и истата се примени во обучување на здравствените работници и студентите. Се направија 8 продукции во Нов Јужен Велс, 3 во Викторија и 8 продукции во Македонија.

borenje-so-mecka

„Ограда“  (The Fence) од  Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу e драма создадена со цел за намалување на етничките тензии и за подобрување на хармонијата во заедницата во мултикултурна Австралија. За оваа продукција се вклучија артисти од македонската, либанската, јорданската, абориџанската, виетнамската и австралиско англо-саксонската заедница. Водечката улога ја имаше македонскиот театар, а претставата беше изведена на англиски јазик и наменета за пошироката публика. Направени се 6 продукции во Нов Јужен Велс.

„Доктор жими мајка“ од Душан Ристевски во режија на Васко Србиновски е динамична комедија со сплетови на социјални теми тесно поврзани со животот на македонската заедница во Австралија и врската што Македонците ја имаат со родниот крај. Таа доживеа 6 продукции во Нов Јужен Велс.

Монодрамата „Ченто“ од Душан Ристевски во изведба на Васко Србиновски и во режија на Стефо Нанцу е посветена на ликот и делото на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на првата слободна накедонска држава. Досега имаше 4 продукции во Нов Јужен Велс.

Драмата „Куферот“ е од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу.  Зборува за мајката која го посветува својот живот за доброто на своите деца.

„Траумата на мајката“ започнува во Леринско кога нејзината куќа до темел е изгорена, па продолжува со доселувањето во Австралија, губењето на нејзината ќерка и смртта на сопругот, за на крајот од својот живот да доживее целосна разочараност од односот на нејзините три синови. Таа имаше 5 продукции во Нов Јужен Велс.

Комедијата „Баба се мажи“ од Душан Ристевски во режија на Васко Србиновски е комедија за една Македонка во одминати години, но нејзиниот сон е да се мажи со многу помлад од неа, со цел да се спаси од финансиската криза. “Среќата („среќа) и се насмеа“ кога одлучи да и го украде свршеникот на нејзината ќерка кој доаѓа од Стариот крај и кој не знае за фантазиите и соновите на бабата. Драмата имаше 6 продукции во Нов Јужен Велс.

Поетската драматизација „Неда“ од Душан Ристевски во изведба на Валентина Апостоловска и во режија на Стефо Нанцу е посветена на Неда, мајката на Кузман, а е работена според поемата „Сердарот“ од Григор Прличев. Драматизацијата имаше една продукција во Сиднеј.Се на се, станува збор за доста плоден автор, за поет и патриот кој живее и создава во Нов Јужен Велс.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува:СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО КАНАДА СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

Историја

News image

Изминаа 113 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчки...

Иселеници

News image

39 години чествување за македонскиот јазик во НЈВ!

Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ,по 39-ти пат,...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна – архиви, документи и др. од Прилеп

Етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов по влегувањето на Бугарија во Првата светс...

Фељтон

News image

Александар Македонски (6)

Авторот на историскиот роман за Александат Трети Македонски и Македонската Империја ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.