Среда, 30 Август 2017   
Јанко Томов – активист во македонското движење на петтиот континент (5)

janko-tomov

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Јанко Томов е е долгогодишен и еден од најплодните соработници на порталот „Македонска нација“. Тој е роден во Струмица, на 4 мај 1938 година, а во 1945 година се преселил да живее во Скопје. Тој е дипломиран виш спортски тренер по спортска гимнастика, тренер по атлетика и наставник  по физичко и здравствено воспитание. Дипломирал во Белград во 1961 година, на Факултетот за физичка култура при Универзитетот на Белград. Во 1970 година, заминал за Австралија, каде и денес живее во убавиот Бризбен.

Јанко Томов се бави и со пишување и објавување на свои трудови. Уште во далечната 1969 година, во Скопје ја објавил првата стручна книга, од областа на физичката култура на Македонија: „Штафетни игри и полигони“ (исто така, тоа бил прв прирачник за тренери и наставници по физичко воспитание). Томов е автор и на повеќе скрипти, материјали и статии, поврзани со теми од квалитетниот спорт и физичка култура во Македонија.

Меѓутоа, неговата активност во Австралија ги измени координатите и тој од спортски работник премина во еден голем активист во македонското движење. Така, како македонски активист во Австралија, Јанко Томов е еден од основачите на „Тајната народна македонска револуционерна организација (ТНМРО), со огранокот „Група македонски патриоти“ од 1985 година во Перт.

Томов е основач и прв претседател на огранокот (задграничниот Комитет) на ВМРО-ДПМНЕ за Перт, Западна Австралија. Бил член и на Координативниот одбор на ДПМНЕ за дијаспората, со одлука на Драган Богдановски и со одлука на неговите претставници во Австралија.

Томов е и еден од главните организатори на македонските демонстрации одржани во Перт на 1 јули 1990 година пред Грчкиот конзулат, каде за првпат пред јавноста на Перт се истакнаа македонските знамиња со шеснаесетзрачното сонце и други одбележја поврзани со античко-македонското потекло. Бил и активен член на Извршниот одбор на Органзиацијата за „Македонски човекови права“ (МЧП) за Западна Австралија, а бил и еден од уредниците на „Македонски патриотски билтен“, кој излегувал во периодот 1989-1990 година, во кој објавувал статии и обработени материјали од национално-политички карактер.

spomenik-goce-strumica
Споменик на Гоце Делчев во Струмица

Бројни се активностите на Јанко Томов, меѓу кои: Од 2010 година објавува национално - политички статии и историски материјали од активноста на македонското движење во дијаспората, во порталот на интернет „Македонска нација“ од Скопје, каде е еден од уредниците.

Во 1996 година, Јанко Томов, заедно со неговата супруга Нина се преселува во Бризбен, во државата Квинсленд, каде на северната страна се наоѓа најпрочуеното туристичко место „Сончевиот брег“ (Саншајн коуст). И таму ја продолжува соработката и контактите со патриоти, а, пред сè, да пишува национални, политички, историски и други текстови за македонските човекови права и слободи и да ги испраќа по различни адреси за живеење на голем број Македонци со кои комуницирал во минатото.

Прво негово дело е „Првиот светски конгрес за македонски човекови права“ (1990),  има уште едно издание во 2015 година. Во него се објавени бројни публикувани статии, особено во порталот „Македонска нација“ и одреден број што авторот ги испраќал околу 600 е-меил адреси, до негови ценети читатели од периодот  2011-2015 година.

Потоа во 2000 година ја издаде книгата: „Поткрепа од убавиот Перт“. Таа е напишана на 310 страници и илустрирана со голем број фотографии од првите демонстрации на македонското иселеништво од Перт, пред Конзулатот на Грција. Вториот дел е посветен на основањето на Координативниот одбор на ДПМНЕ за дијаспората, раководен од Драган Богдановски и Панко Стамкоски, во кој членувал и Јанко, како и на основањето на Задграничните комитети во Австралија, за кои беше задолжен Јанко Томов.

Делото „Поткрепа од убавиот Перт“ му даде силен поттик да ја продолжи својата публицистичка дејност и објавување на патриотски текстови, кои, главно, се однесуваа на состојбите во Македонија.

Во тие години, во новата средина во Бризбен ги објави книгите „Солунскиот манифест од 1984 и движењето за човекови права во дијаспората“ (2003) и „Откритија за важни настани во македонската историја“ (2004). Во второто дело објавува одбрани текстови и писма за контактите со бројни активисти во дијаспората. Така, уште на почетокот ги пренесува неговите активности на патриотско поле, неговите видувања за решавање на актуелните прашања и проблеми во иселеништвото и во Република Македонија.

Особена нагласка  имаат материјалите кои се однесуваат за признавањето на уставното име на Македонија, македонската националност, од страна на Федералната влада и Парламентот. Исто така, има текстови за правилното решавање на верскиот проблем во македонски православни цркви и манастири во Австалија.

Посебен простор во ова дело посветува на голем број текстови кои се осврнуваат на недостатоците и недоследностите на бројни дела од политички, национален, историски, лингвистички и друг аспек, гледано од негов патриотски агол, а воден од љубовта кон својот македонски народ во дијаспората и во татковината – етничка Македонија.

Исто така, Јанко Томов е автор на делото „Мојот придонес за Македонија“ (2014), книгата е отпечатена во мал број примероци нa 258 страници, а издавач е Печатницата „2  Август“ од Штип. Во книгата се опфатени поединости за првите македонски политички организации, кои ги основаат и со кои раководат лево и десно политички орентирани македонски лидери и членство, од поголемите организации како ДООМ, НМРО, ТНМРО, преку македонските поткомитети за МЧП. Исто така, поместени се текстови за списанијата, весниците и порталите: „Македонска нација“, „Македонија“, „Глас на Македонците“ и други. 

Потоа, подетално се прикажани семакедонски мирни протести и демонстрации пред амбасадите и конзулатите на Грција, Бугарија и СФР Југославија во Австралија, со цел признавање на македонската националност и основните македонски човекови права во окупираните етнички делови на Македонија. Исто така, прикажан е главниот дел на патриотската активност на македонското иселеништво преку челниците - лидерите и нивните најблиски соработници, од крајот на Втората светска војна до осамостојувањето на Република Македонија и основањето на ВМРО-ДПМНЕ. Посебно детално е документиран мирниот протест, пред Парламентот на Викторија во Мелбурн во 2008 година, каде учествуваа 30.000 македонски демонстранти.

janko-knigi

Едно од позначајните дела на Јанко Томов е, секако, книгата „Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори - од фалсификати до коректно презентирање“ (2005 и 2012). Оваа книга Јанко ја посветил на родителите, на Иван Томов Ангелов, роден во 1888 година во Крушево, учесник во Илинденското востание во 1903 година, како борец и курир на Главниот револуционерен штаб, на релација Крушево – Смилево – Крушево, раководен од лидерот на ВМРО Дамјан Груев и претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Татко му Иван (Јован) бил носител на значката Илинден од Илинденската македонска организација во Софија.

Инаку, пораката на Јанко Томов е - дека никогаш не треба да ги заборавиме нашите македонски корени, кои сме и од каде сме дошле, и секогаш да живееме со надеж и да знаеме дека ќе имаме подобро утре. Тоа го велам бидејќи Македонија е нашата родна земја. Таа е наша дедовска земја чија географска положба ја прави крстосница на различни цивилизации, религии, традиции и обичаи. Затоа, често во литературата е запишано дека Македонија е библиска, света земја. Таа со својата древност и милениумска вековитост е гордост, радост и тага, сон и јаве за секој Македонец.

brisbane

За судбината и историскиот развој на Македонија, од античко време до ден-денес, пишувале голем број странски и домашни автори, меѓу кои и авторот на овие редови, кој има посебен респект кон Јанко Томов за неговиот придонес на античка Македонија. И двајцата мислат дека некои се обиделе да ја искриват македонската сторија, а некои лесно ги презентираат историските факти за Македонија и македонскиот народ.

Според книгата на „Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори - од фалсификати до коректно презентирање“ Македонија, каде низ еден долг и богат временски период само два народа го избрале името на оваа земја за нераздвоен дел на својот идентитет - древните Македонци и Македонците денес.

За многу автори во светот Aлександар спрема освоените култури се однесувал со почит, интегрирајќи немакедонци во неговата војска и администрацијата, воден од мислата да создаде светска држава. Во историјата не се случува често синот на голем владетел да биде исто така голем, ако не и поголем од татка си. Teшко e да ја израмнуваме и мериме големината на Филип и Александар. Можело да се случи, но не се случило, Филип Македонски да освои сè што може да се освои и да не остави на својот син да изврши ниту едно големо и славно дело.

Во оваа прилика ќе ја споменеме симболиката на лавот која била, исто така, присутна во македонската хералдика (наука за грбовите). Исто така и симболизмот на сонцето како универзален знак на кралот, бил присутен и во македонските династии. Сонцето е божествена работа зашто е извор на светлина, топлина и живот. Во иконографијата сончевите зраци претставуваат небесни и духовни влијанија кои ги примаат земјата и поединецот, а илустрирани се како прави или брановити црти.

Симболизмот на сонцето е прикажан и на карпестата уметност во Македонија. Сонцето е обликувано во форма на круг внатре со крст, а во центарот на вкрстувањето постои поголема дупка, или без неа. Со ова уметниците од тој период прикажале дека целиот Сончев систем е детерминиран со Законот на златниот пресек, што го покажува и современата наука за сончевиот осцилаторски процес.

Меѓутоа, најубав симбол на божественото и животворното сончево зрачење е прикажано на ковчегот на кралот Филип II кое во археологијата и современата историја влегло како сонце на Вергина (Кутлеш, Палатица).

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува:СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мицкоски: Ова е победа на народот., цунамито се крена и им виси на глава, а на 8 мај ќе ги потопи целосно

Обраќање на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по историјската победа со над 161000 гл...

Историја

News image

Репортажа: По врвиците на Александар Македонски-Македонците од Киргистан

Оваа приказна за денешниве Македонски белези во Средна Азија почнува во 2003 година на бреговите на ...

Култура и туризам

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ III) (29)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.