Среда, 20 Септември 2017   
Академикот Божин Павловски – писател и информатор во Австралија (8)

bozin-pavlovski

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Божин Павловски, е еден од најплодните и најпознатите македонски писатели кој повеќе од шест децении е присутен на нашата книжевна сцена.Тој е автор на осумнаесет романи, четири книги со новели и раскази и три публицистички книги. Негови дела се преведени на: англиски, француски, руски, украински, италијански, турски, романски, бугарски, српски, албански, словенечки, грчки, полски, чешки и други јазици.

За своето богато творештво е добитник на значајни домашни и меѓународни литературни признанија, меѓу кои и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело, како и на Интербалканската книжевна награда на Солун.

Божин Павловски е познат и признат македонски писател и беше редовен член на МАНУ, во 2013 година беше лустриран за што тој излезе од МАНУ и ДПМ, потоа во 2017 година му е поништена одлуката за лустрација. Тој живее и твори во Скопје и Мелбурн.

Божин Павловски е постар брат на писателот Раде Силјан. Тој е роден на 7 јануари 1942 година во селото Жван, во близината на Демир Хисар. За нивното родно место селото Жван, една од легендите вели дека во минатото селото  преживеало многубројни војни, па поради тие војни е поделено на два дела, односно селото Жван и подмесноста Отрап. Според некои преданија, името Жван е добиено според анот што се наоѓал во месноста Отрап. Кога тој ан станал познат луѓето често се прашувале каде ќе одиш и тие одговарале во ан, со што анот станал живан и со текот на времето селото го нарекле Жван.

Според истражувањата на Пане Перуновски, селото во пописните турски дефтери е запишано како Џван-хане. Во текот на XV век населбата броела шеесет и едно семејство, а на почетокот на XVII век биле регистрирани дваесет и една куќа. Селото првин се наоѓало на потегот на црквите „Света Петка“ и „Свети Димитрија“ кои се на левата страна на Црна Река.

manastir-zvan
Манастирот во Жван

Во биографските податоци на Божин Павловски се вели дека завршил основно образование во  училиштето „Свети Кирил и Меттодиј“ во Жван, а потоа се запишал во  средното Ветеринарно училиште во Битола, од кое по завршувањето  станал  ветеринарен техничар. И како ветеринарен техничар, во 1961 година се вработил во ветеринарната служба во Уб, Србија, но се вратил во Битола, и се запишал на Вишата земјоделска школа.

Неговиот немирен дух и желбата за напредок во светлата иднина го однела во Скопје, во 1963 година, каде  се вработил во „Нова Македонија“, каде работел две години, најпрвин како филмски критичар, а потоа и како репортер од областа на културата. Потоа долг период бил главен и одговорен уредник и директор на најголемата издавачка куќа во тоа време „Мисла“, која започнала со работа во 1965 година , најпрвин како ревија за култура и уметност, а малку потоа и како издавачка куќа. Таа беше издавач на голем број дела на речиси сите познати македонски писатели и поети во периодот од 1960 до 1999 година.

Во тој период, поточно во 1988 година, издавачката куќа „Мисла“ на чело со Божин Павловски го издаде романот „Александар Македонски“ од германскиот автор Улрих Вилкен, чиј превод од англиски на македонски е на авторот на овие редови, Славе Катин. Оттогаш се прошири пријателството и соработката со Божин Павловски.

Исто така, кога во транзицискиот период во Република Македонија писателот Божин Павловски стана сопственик на АЕА корпорацијата - „Мисла“, во 1970 година кога беше во Канада имаше неколкудневно другарување со тогашниот надлежен архијереј на Американско-канадската епархија, господин Кирил и авторот на овој текст.

Павловски ги постави темелите за идното негово творештво уште во далечната 1962 година кога освоил прва награда на еден конкурс за расказ по што се преселил во Скопје, каде работел во весниците „Студентски збор“ и „Трудбеник“, а потоа во редакцијата на „Млад борец“. Истата година ја добил наградата на Сојузот на младината на Хрватска за најдобра репортажа.

Неговиот творечќи опус е голем и разновиден. Тој е автор на осумнаесет романи, четири книги со новели и раскази и три публицистички книги, меѓу кои: „Игра со љубов“ (роман, 1964), „Фантасти“ (раскази, 1964), „Миладин од Кина“ (роман, прв дел, 1967), „Лудисти“ (раскази, 1967), „Миладин од Кина“ (роман, втор дел, 1968), „Македонците зад екваторот“ (патописна проза, 1971), „Дува“ (роман, 1973),  „Австралија, Австралија“(сценарио за документарен филм, 1975), „Вест Ауст“ (роман, 1978), „Црвениот хипокрит“ (роман, 1984), „Уткини соседи“ (роман, 1987), „Враќање во сказните“ (роман, 1989), „Дува и болвата“ (роман, 1997), „Подвижни гробови“ (роман, 1998), „Патување со љубената“ (роман, 2000), „Египетска сонувалка“ (роман, 2001), „Изгубени во рајската градина“ (роман).

Божин Павловски е добитник на следниве награди и признанија: „Рациново признание“, „11 Октомври“ (1978 година за романот „Вест Ауст“), „Стале Попов“, „Гоцева повелба“, „Кочо Рацин“ (1973 година за романот „Дува“), „Младост“, „Железарница Сисак“. Исто така, делото „Роман за моето заминување“ ја освоило наградата за најпродавана книга на Меѓународниот саем на книгата во Скопје (2002 година), а „Патувањето со љубената“ ја добил Интербалканската награда за книжевност во Солун во 2002 година.

Во неговата животна сторија е забележано дека во 1970 година Божин Павловски заминал за Австралија, Канада и САД на повеќемесечни патувања со цел да го испита тамошниот пазар и условите за отворање и продолжување на издавачката дејност. Тоа го направил во Австралија кога и замина засекогаш.

Божин Павловски го продолжил своето образование во Скопје. Така, во 1971 година, дипломирал на групата Југословенска книжевност на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, со што му се исполни една од големите желби да се здобие со универзитетско образование.

Во 1975 година повторно заминал во Австралија, каде раководел со екипата што го снимила документарниот филм „Австралија, Австралија“ според неговото сценарио. Следната година, филмот освоил Гран при за најдобар филм на фестивалот во Белград. Во текот на 1976 година бил на подолг престој во Тајланд, Јапонија, Сингапур и  Хонг Конг.

Во  Мелбурн, Австралија, неговата втора татковина, во 1992 година ја основа Издавачката куќа АЕА. Оваа издавачка куќа ги издава весниците „Денес“ и „Македонија денес“ кои се вбројуваат меѓу највлијателните етнички весници во Австралија, САД и Канада.

bozin-pavlovski-knigi

Така, на 2 август 1992 година, во Томастаун, предградие на Мелбурн, се појави првиот број на весникот „Денес“, кој е отпечатен на 24 страници, на формат 41x30 сантиметри, на македонски  јазик со кирилица и на англиски јазик, чија цена на чинење е 1,20 австралиски долари. Излегува секој понеделник, како неделник, го подготвува заедничка редакција по име „Македонско-австралиско пријателство“ од Викторија, Нов Јужен Велс и Западна Австралија, а се дистрибуира на петтиот континент и насекаде во светот каде што живеат Македонци.

Во воведната статија, покрај другото, се вели дека - Да се задоволат зголемените потреби од добро и сестрано информирање, ќе биде првата задача на гласилото. Потоа весникот ќе го негува и унапредува австралиско-македонското пријателство, ќе биде втората задача рамна на првата и дека ќе се води беспрекорна грижа за хармонична застапеност на сите вредности, како во бизнисот, така во социјалниот, културниот, спортскиот и верскиот живот на заедницата.

amt

Весникот „Денес“ е добро технички уреден и содржи бројни материјали од општествениот, културниот, духовниот, социјалниот и спортскиот живот, посебно на Македонците во Австралија, како и на другите простори и во Македонија. Тој претставува еден од најиздржаните неделни весници во иселеништвото што се печати на македонски јазик.

Денес ова најтиражно информативно македонско гласило во Австралија, излегува повеќе од 28 години како  „Австралиско-македонски неделник“ и 24 години „Австралиски неделник Денес“.

Така, на одбележувањето на 28-годишнината и по повод излегувањето на 1.500. број, уредникот Игор Павловски ќе напише: „Нашата судбина е нашиот јазик и денес нема да најдете друг пример на македонски периодичен весник каде било во светот, вклучувајќи ја и Македонија, со толкав континуитет и целосно на слободниот пазар - без каква било субвенција, од првиот ден до денес.

Во сите изминати години се трудевме да бидеме коректни партнери со читателите, со цел да ја одржуваме меѓусебната доверба и симбиоза. Така и ќе продолжиме да им служиме на Македонците во дијаспората“.

Во 1996 година, Павловски станал главен уредник на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Бил член на МАНУ и на ДПМ (од 1964 до 2013 година). Иако Божин Павловски е добитник на многу престижни литературни признанија, неговата кариера ја следат и некои негативни критики за неговото дело, за кое на неколку наврати се зборувало  за некаков плагијат.

Во јули 2013 година, Комисијата за верификација на фактите на Република Македонија спровела процес на лустрација против Божин Павловски и утврдила дека тој соработувал со тајните служби на поранешна СФРЈ. Со остри реакции против ваквата одлука се изјасниле Друштвото на писателите на Македонија, како и академиците Катица Ќулавкова и Георги Старделов. Во знак на протест, Божин Павловски го повлекол своето членство во МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија.

Меѓутоа, во јануари 2017 година Вишиот управен суд на Република Македонија ја поништи одлуката за лустрација на академик Божин Павловски на Комисијата за верификација на фактите.Во образложението на одлуката на Судот, се наведува дека „одлуката на Комисијата за лустрација на Божин Павловски се поништува поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба“.

Денес Божин Павловски живее и твори во Мелбурн, Австралија. Покрај инволвираноста и контролата на уредничката политика на весниците  „Австралиско-македонски неделник“ и „Австралиски неделник Денес“, тој е активен и во македонската заедница.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува:СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Пендаровски во суштина е кукавица

Мицкоски: Додека Стево се прави Мајка Тереза му стигна одговор од американската Фридом хаус која г...

Историја

News image

Трлиски инцидент

По Првата светска војна, соочени со фактот дека големите сили ја санкционираа поделбата на Македониј...

Иселеници

News image

Волф Ошлис: МАКЕДОНИЈА

ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ ПРИЛОГ ЗА МАКЕДОНИЈА

Култура и туризам

News image

Археологија на македонскиот дух

Марија Емилија Кукубајска

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ I) (27)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.