Среда, 27 Септември 2017   
Стојан Србинов – борец за македонската правдина во Австралија (9)

stojan-srbinov

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Да се патува за Австралија значи да се поминат повеќе од дваесетина илјади километри, да се „прескокне“ екваторот преку неколку мориња и еден океан и да се оди во спротивно годишно време од Европа. А, за авторот на овие редови патувањето за Австралија беше вистински предизвик, задоволство и едно искуство повеќе во животот. Во исто време, тоа службено и работно патување претставува збогатување на сознанијата за петтиот континент и за активностите и животот на македонските доселеници. А, тие наши луѓе се интегрален дел на таа демократска и мултикултурна земја, која средновековните географи ја нарекле „непозната јужна земја“ (tera australis incognitia).

Првата станица беше Мелбурн, најважниот политички, административен, трговски и културен центар на државата Викторија и пошироко и најголема македонска колонија. Затоа, во Мелбурн човек повеќе се чувствува како во Македонија, бидејќи покрај англискиот, таму се зборува и македонски јазик. Насекаде ќе сретнете Македонци, слично како да се наоѓате во Торонто, во Детроит...

Во Мелбурн има Македонци од сите делови на Македонија: од Охрид до Благоевград и од Скопје до Солун. Во минатото побројни биле од Беломорска Македонија, од Леринско и Костурско, кои се и иницијатори и градители на првата македонска православна црква, „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн, изградена во 1960 година. Но, во последните децении, бројот на доселениците од Битолско, Прилепско, Преспанско, Охридско и други делови е многу поголем.

Во Мелбурн ни беше укажано гостопримство, срдечност, топлина и пријателство во семејството на Андреа и Ордана Бранови. Андреа е спортски новинар, ентузијаст, одличен соговорник, водич, познавач на приликите и луѓето и познат општественик во македонската колонија. Тој е од Буф, едно од најголемите и најпознати македонски села во минатото. Андреа ни помогна да посетиме голем број институции и познати иселеници, меѓу кои и домот на македонскиот иселеник, покојниот Стојан Србинов, еден од пионерите во иселеничките движења во Австралија.

skolo-buf
Училиштето во Буф

Стојан Србинов бил роден, исто така, во селото Буф, Леринско, а поголемиот дел од животот го поминал во Австралија, борејќи се за македонската кауза, за сè она што значи афирмација на Македонците. Тој се борел за  нивно национално и културно презентирање во новите средини во Австралија. Стојан бил еден од првите иницијатори за изградба на македонската православна црква „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн, а покренал и голем број весници, билтени и други гласила, меѓу кои и „Македонска искра“, првиот весник на македонски јазик во Австралија и воопшто во иселеништвото. Во исто време, тој бил и редовен соработник од петтиот континент на весникот „Македонија“ во Торонто.

Домот на Стојан Србинов се наоѓаше во еден убав и раскошен дел на Мелбурн. Куќата беше на два ката со средена македонска градина. Посетата на домот на овој наш истакнат иселеник ја организиравме со Андреа Бранов кој, всушност, е внук на Стојан. Во куќата беше само неговата сопруга Фанија која љубезно нè пречека. Подолг период разговаравме за нејзиниот покоен сопруг, за минатото, успесите и падовите во животот, за сè што таа знаеше за него и неговите активности.

Таму имавме можност да видиме дел од оставината на книги, весници, документи и други материјали, за кои дадовме предлог да бидат пренесени во Архивот на суверена и самостојна Македонија, каде што ќе бидат заштитени, зачувани и пристапни за македонските научници. Притоа, би се формирала архивска фондација „Стојан Србинов“ и вечно ќе се споменува неговото име. Таков е случајот со архивата на Спиро Василев од Торонто, Фондацијата „Катин“ на авторот на овие редови, како и други граѓани што имале значајни архиви и ги подариле на постојано чување на Архивот, кој му посветува сериозно внимание за научните истражувања во Бугарија, Турција, Русија и Албанија, како и во   други земји.

Во Мелбурн, исто така, се сретнавме и разговаравме со многу претставници на македонски православни цркви и друштва, асоцијации, информативни гласила и истакнати иселеници, меѓу кои Ристо Алтин, активист и соработник на Стојан Србинов, Милош Панов, претседател на МПЦО „Свети Никола“, со бизнисменот Алек Клашов од Буф, поранешен сопственик на една од најголемите фабрики за сокови во Австралија, „Патра“, како и еден од донаторите и претседателите на фудбалскиот клуб „Македонија – Престон“, а чиј брат Симе (Сем) Клашев живее во Хамилтон, Онтарио.

Се сретнавме и со старите познаници: познатиот лингвист, преведувач и македонист, Џим Томев, со д-р Крис Поповски, Ацо Талевски од Комитетот за човекови права, со голем број членови од Организацијата за социјални и етнички прашања, „Александар и Делчев“ и од Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ што официјално ја отвори авторот на овој текст, како претставник на Владата на Република Македонија.

Потоа се сретнав и разговарав со Танас Крлевски од Одборот на децата - бегалци од Егејска Македонија, со Арменчанецот Кочо Крушората, претседател на Друштвото на пензионерите, со членови на литературното друштво „Браќа Миладиновци“, на Македонско - австралиската театарска група, фолклористи, новинари, интелектуалци...

Како и со семејствата на мои познати и роднини од детството од Преспа што ми причини посебно задоволство, меѓу кои Петре Петревски, одмерен и трудољубив, Јонче Петревски, поранешен претседател на МПЦО „Свети Никола“ во Престон и со Славе Милевски, сите од Љубојно.

Меѓутоа, посебен впечаток со своето гостопримство, топлина и благодарност ми остави семејството на Гоче и Кита Грпчеви. Добродушната Кита е од селото Битуша, Леринско, а Гоче од селото Наколец, Преспа. Карактеристика за четирите браќа Грпчеви е чиста македонска: Јосиф е во Македонија, покојниот Коле живееше во Војводина, Славе судбината го однесе во Торонто, а, ете, Гоче живеше во Австралија. Таква е македонската трагедија: животот, условите и поделбите го натерале Македонецот да свие гнездо насекаде во светот, но вечно да биде врзан со дедовската земја – Македонија

Името и делото на Стојан Србинов е тесно врзано со информативните гласила на петтиот континент. Тоа е од причини што македонските медиуми во Австралија ги изразуваат културните активности и животот во македонските етнички заедници, ги презентираат целокупните новинарски и општествено-политички активности, го презентираат напредокот на македонската држава — Република Македонија, а во извесна мера служат и како бариера на туѓите пропаганди врз македонските иселеници. Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во  тие средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалната култура на Австралија.

makedonska-iskra

Едно од најзначајните македонски информативни гласила во Ајвстралија беше весникот „Македонска искра(1946-1957), првиот македонски иселенички весник во Австралија и воопшто кај македонското иселеништво во прекуокеанските земји. Тој започна да се печати на 11 Октомври 1946 година, на денот кога се отвори нова славна страница во историјата на македонскиот народ во борбата за слобода и независност. Тој беше весник на организацијата Македонско-австралиски народен сојуз (МАНС).

Прв уредник на „Македонска искра беше Ило Малков, 23-годишен студент, иселеник од селото Шестево, Костурско, на кого што голема помош во уредувањето му укажа Кирил Ангелков. Уште во првите броеви на излегувањето работеше и Стојан Србинов, кој подоцна стана уредник на весникот и најмногу има направено за неговото печатење. Покрај нив, уредници на весникот или во редакцискиот одбор биле уште Васил Бошков, Дане Трпков и Ванчо Неделковски, а меѓу поактивните соработници и дописници се јавуваат Никола Трсјански,  Крсто Пазов, Никола Караџов и други.

Со решение на Четвртата конференција на МАНС, одржана во Мелбурн од 2 до 4 август 1948 година, весникот почна да излегува во Мелбурн. Првиот број во Мелбурн (бр. 6)  се појави во октомври 1952 година, чиј уредник беше Дане Трпкоов, а подоцна Стојан Србинов стана душата на ова прво македонско гласило.

Исто така,  за весникот „Народен глас” (1962-1963) чиј издавач е наведен Алек Раковитис, познат како активист на МАНС во Мелбурн, иницијативата ја повел и работата фактички ја водеше Стојан Србинов. Весникот се печатеше на латиница, освен насловот кој е со кирилица. „Народен глас” се претставуваше (во поднасловот на англиски и на македонски јазик) како „единствен словенонмакедонски социјален и трговски весник во Австралија”.

mak-map

Еден од првите броеви е посветен на Гоце Делчев и Јане Сандански, а во продолжение се дадени материјали и информации за Велигден, за св. Кирил и Методиј, за Први мај, за животот на Македонците, некролози и куси информации. Истој така е поместен преземен текст од весникот „Борец од Прага кој се печатеше на македонски јазик, а се однесува на животот на една Македонка од село Шестево, Костурско

Името на Стојан Србинов е тесно поврзано и со весникот „Глас на егејските Македонци“, кое се печатеше во 1986 и 1987 година. Во кусиот вовед, покрај другото, се вели: „Весникот е повремена публикација, а има за цел да ја инфојрмира јавноста и македонската заедница со настаните околу македонските организации и нивната борба за добивање човечки и национални права за Македонците од Егејска Македонија во сегашните граници на Грција”.

Потписник на воведот е Австралискиот поткомитет за македонски човечки права. Весникот го уредил Одбор во состав: Џон Нитсон, Стојан Србинов и Бил Коциос, а Филип Антон е технички уредник.

Во првиот број е поместена етничката карта на поделена Македонија, под која стои текстот за македонските национални граници, потоа  прилогот за покренувањето на прашањето за правата на малцинствата во европските земји, меѓу кои и правата на Македонците во Грција, доставен до Европската заедница, како и текст за мешањето на грчките власти во австралиските етнички работи, што е даден во продолжение на неколку страници.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува:СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Премиерна изведба на најновото драмско дело на Стефо Нанцу

Минатиот четврток во просториите на Центарот за уметност во Бенкстеон, предградие на Сиднеј, се одрж...

Историја

News image

Српска пропаганда во Македонија

Српската пропаганда е разгранет систем за ширење на српското национално чувство, култура, јазик, иде...

Иселеници

News image

Солунските атентари и нивната улога за ослободување на Македонија (5)

По 29 април 1903 година друг еден настан ја возбудил Макед...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна (1)

Научната експедиција во Македонија и Поморавија за време Првата светска војна е проект на началникот...

Фељтон

News image

Александар Македонски (2)

Сакаме да ги информираме читателите на „Македонска нација“ дека продолженијата „Алек...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.