Среда, 04 Октомври 2017   
Д-р Миле Терзиовски – австралиско-македонски научник (10)

mile-terziovski

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Кога се пишува за образованите кадри од македонско потекло во Австралија, неодминливо е името и делото на професор д-р Миле Терзиовски. Тој е од битолскиот крај, а половина век живее во Австралија, каде постигнал да биде  доцент и извршен директор на Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн и декан на Факултетот за пост-дипломски студии во Перт, Западна Австралија. Исто така, во текот на неговото 40-годишно професионално и академско искуство, д-р Терзиовски има напишано и уредено бројни академски и истражувачки трудови, а денес е  почесен член на „Македонија 2025“

Професорот Терзиовски е професор за иновации и декан на Факултетот за постдипломски студии на Универзитетот Картин (Curtin Graduate School of Business) во Перт, Западна Австралија. Тој е тесно поврзан со индустрискиот професионализам и има академско искуство во иноваторството и квалитетот на менаџментот. Д-р Терзиовски има напишано и уредено бројни академски и истражувачки трудови како во Журналот за стратешки менаџмент, Журналот за извршување на менаџментот, во Европскиот журнал за менаџмент, за што добил две писмени награди од Американската академија за менаџмент.

Пред тоа тој бил вработен во Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн  (University of Melbourne) во период од 10 години, 4 години бил на Универзитетот Монаш (, Monash University) во Мелбурн и 17 години работел за Рио Тинто лимитед (Rio Tinto Ltd) како инженер на линија, а бил проект-менаџер.

Инаку, проф. д-р Миле Терзиовски е австралиски Македонец, или македонски Австралиец, со чие постигнување на полето на менаџментот се гордеат двете негови татковини. Тој заминал за Австралија како дете на единаесет години, заедно со мајка му Ратка, во 1966 година, и се придружиле на својот татко Георги  Терзиовски кој стасал на петтиот континент, уште во 1962 година.

Семејството Терзиовски заедно се собрало во градот Вулонгонг, кој се наоѓа во сојузната држава Нов Јужен Велс, кој со своите двесте и три-четириесет илјади жители е деветти град по големина во Австралија. Тоа е градот кој кога човек патува од Сиднеј од кај високиот гребен на планината, како на дланка  се гледа Вулонгонг со сите населби околу него, како и Тихиот Океан кој ја збогатува глетката со својата недогледна водена шир. Таа панорама, наликува како онаа кога се набљудува од Галичица над Трпејца, од каде се гледа сината езерска шир на Охридското Езеро и рамниот дел кон манастирот „Свети Наум“.

Затоа, не случајно Вулонгонг се збратимил со Охрид. Меѓутоа, тоа пријателство е повеќе како резултат што бројноста на македонското иселеништво во овој град и околните места потекнува претежно од Охридско-струшкиот и Битолско-преспанскиот Регион.

graesnica
Во селото Граешница, Мариово

 На просторот на Илавара постојат две македонски православни општини; „Свети Димитрија Солунски“ и „Свети Климент Охридски“. Првата црква е сместена во тесното градско подрачје на Вулонгонг, во близина на брегот на Тихиот Океан, а втората е во Пoрт Кембла.

Вулонгонг е градот на професор д-р Миле Терзиовски. Таму тој порасна, таму и во метрополата Сиднеј го доби своето образование, таму се запознал со неговата сопруга Лиле, која е по потекло од битолскиот крај, од Горно Ореово. Во Вулонгонг Миле ги започнал своите активности на полето на љубовта, на науката, на спортот, на иднината. Тој таму беше проект-менаџер на Македонскиот парк „Беркли“ за изградба на спортски комплекс, секретар на фудбалскиот тим Обединет фудбалски клуб на Вулонгонг и претседател на Одборот за промоција на фудбалот во Вулонгонг во лигата на Нов Јужен Велс.

Професор д-р Миле Терзиовски живее, работи и твори во Австралија, а во исто време е тесно поврзан со   родната Македонија,  и на различни начини  дава голем придонес. Тоа го прави бидејќи неговите корени во Република Македонија, се во битолскиот крај, во мариовското село Градешница во кое тој се родил на 31 октомври 1955 година. Таму, во училиштето „Свети Кирил и Методиј“  од прво до четврто одделение ги поставил и ги зацврстил неговите темели во образованието, за денес во светот да биде познат и признат како голем стручњак.

Селото Градешница е едно од најпознатите села во Мариово (Битолско). Тоа се наоѓа во крајниот источен дел на Општина Новаци (до 2004 година беше под Општина Старавина). Нејзиниот атар на едната страна допира до подрачјето на Општина Прилеп, а на другата страна до државната граница со Грција. Градешница е ридско село и лежи на надморска височина од 800 метри. Интересно е да се спомне дека поради слабото инвестирање (една од причините за катастрофалната загуба на населението) во инфраструктурата Градешница е најоддалечено од градот Битола со дури 53 километри.

Селото Градешница своето име го добило по тоа што порано во однос на другите мариовски села било најнапредно и личело на град. Познато е како родно место на ликот Итар Пејо од народните приказни, по родната куќа-музеј на Калеш Анѓа, по гробот на војводата Толе Паша и по голем број познати македонски иселеници насекаде по светот.

Градешница е едно од најбогатите македонски села во Мариово. Од етнички аспект отсекогаш Градешница била населена исклучиво со Македонци. Во него  бројот на жителите во 1961 година бил 1.019 жители, за  жал, денес поради иселеничките процеси во шеесеттите години да опадне  само на стотина жители.

Во селото има седум цркви, од кои најголема е црквата „Свети Никола“ која е изградена во 1862 година, но била урната и повторно возобновена во 1918 година. Други цркви се црквите: „Свети Димитриј“, која се наоѓа на влезот од селото, а за која се смета дека е од XVI век; „Свети Илија“ и „Свети Атанасиј“ се манастирски цркви,  црквите „Вознесение Христово“ и „Свети Кузман и Дамјан“ се црквички кои се наоѓаат во близина на селото.

Исто така, селото Градешница е познато и по бројните археолошки локалитети, меѓу кои се: Кале - населба од римско и доцноантичко време, Маркоица - некропола од римско време, некрополата Вакафско Место и познатата римска тврдина Пешта. Меѓутоа, селото Градешница е најпознато како родно место на легендарниот Итар Пејо, познат лик од македонските народни приказни препознатлив по својата итрина и мудрост.

Етнолошкиот музеј во селото Градешница посветен на Калеш Анѓа,  постои од 2 август 2009 година и е една од значајните културни установи од таков вид во Македонија. Тој претставува прекрасна збирка на етноелементи од живеењето и културата на населението, како и остатоци од оружје и предмети користени во војните. Музејот е отворен во месеците од мај до ноември. Инаку, Калеш Анѓа живеела во мариовското село Старавина и е опеана во народната песна и овековечена во книгата „Калеш Анѓа“ на писателот Стале Попов.

univerzitet-melburn
Универзитет во Мелбурн

Професор д-р Миле Терзиовски е човек со немирен дух. Сака нови места, нови перспективи за неговата подобра иднина. Така, во 1988 година се преселил од Вулонгонг во метрополата Мелбурн, каде свил ново гнездо на тие демократски мултикултурни простори .

Мелбурн е градот на иднината на професор д-р Миле Терзиовски. Таму тој 17 години работел за фирмата Рио Тинто лимитед (Rio Tinto Ltd) како инженер на линија, а бил проект-менаџер. Исто така, бил вработен во Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн (University of Melbourne) во период од 10 години, како и 4 години бил професор на Универзитетот Монаш (Monash University) во Мелбурн.

Со напуштањето на фирмата Рио Тинто лимитед во 1991 година, решил да се посвети на науката, на иднината. Така, во ноември 1991 година, ја формирал фирмата Interlink Management Consultants Pty Ltd, која сé уште постои. Во периодот од 1994 до 1997 година се запишал на постдипломски студии и докторирал на Мелбурн бизнис центарот.

avstralija-mapa

Во тој период Миле Терзиовски е активен и почитуван во македонската заедница во Мелбурн. Тогаш и авторот на овие редови Славе Катин се сретна со Миле Терзиовски во оваа метропола. Во периодот од 1994 до 1998 година, тој беше претседател на Советот на македонската заедница, со што остави силен впечаток во одбраната на македонската вистина на петтиот континент.

Така, меѓу другото, во 1994 година Советот беше организатор на најголемите демонстрации што досега се одржале во  Мелбурн. Тие беа организирани против Владата на Паул Китинг (Paul Keating), која, под притисок на грчкото лоби ја преименува македонската заедница во „славомакедонска“.

Исто така, Советот на македонската заедница, заедно со Комитетот за човекови права и Македонското училишно друштво презедоа акција против Владата на Викторија во преименувањето на македонскиот јазик во „славомакедонски јазик“. Притоа, Врховниот суд на Австралија ја отфрли директивата.

Професор д-р Миле Терзиовски денес е декан на „Куртин Бизнис Школата“ од Перт, Западна Австралија. Тој патува по светот и држи предавања во врска со менаџментот на студентите и постдипломците. Меѓу другото, тој беше поканет од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да учествува со свое предавање за членовите на „Школата за млади лидери“ што се одржа во Охрид во август 2015 година, која ја прифати и учествуваше со свои предавања.

Во врска со неговото присуство на оваа средба тој, меѓу другото изјави:

„Прво, би сакал да ја изразам мојата благодарност до претседателот на Република Македонија затоа што ме покани да учествувам на Меѓународната школа на млади лидери. Како професор по иновации и декан на Куртин факултетот за бизнис во Перт, Западна Австралија, можам да кажам дека школата за млади лидери ми остави силен впечаток. Калибарот на интернационални лидери кои ги поканил претседателот Иванов покажуваат голема интердисциплинарност на школата.  Моите впечатоци од двете предавања се позитивни. Најимпресиониран сум од нивото на говорење на англиски јазик кое го имаат студентите и нивниот ентузијазам да учат и дискутираат на важни прашања за иновациите и претприемништвото кое е иднина на Македонија“, рече професор д-р Миле Терзиовски.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува:СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Премиерна изведба на најновото драмско дело на Стефо Нанцу

Минатиот четврток во просториите на Центарот за уметност во Бенкстеон, предградие на Сиднеј, се одрж...

Историја

News image

Српска пропаганда во Македонија

Српската пропаганда е разгранет систем за ширење на српското национално чувство, култура, јазик, иде...

Иселеници

News image

Солунските атентари и нивната улога за ослободување на Македонија (5)

По 29 април 1903 година друг еден настан ја возбудил Макед...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна (1)

Научната експедиција во Македонија и Поморавија за време Првата светска војна е проект на началникот...

Фељтон

News image

Александар Македонски (2)

Сакаме да ги информираме читателите на „Македонска нација“ дека продолженијата „Алек...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.